Македонија
(Видео) Кривична за градоначалникот на Петровец и уште седум лица за перење пари
Директорот на Управата за финасиска полиција, Арафат Муареми, денеска информираше дека Управата поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против пет физички и три правни лица за сторени кривични дела со кои е причинета штета на буџетот на општина Петровец, во износ од над половина милион евра.
Првопријавениот е градоначалник на општина Петровец во периодот од 2009 година до денес, второпријавениот е во својство на вистински сопственик и овластен потписник на банкарските сметки на пријавениот правен субјект „Аце транс компани“ ДООЕЛ Скопје и правниот субјект „Леома транс“ ДОО Скопје, третопријавениот е во својство на инжинер за надзор, четвртопријавениот е во својство на сопственик и управител на пријавениот правен субјект „СМ БАУ“ ДОО и овластен потписник на банкарските сметки на пријавениот правен субјект „Чола топ“ ДООЕЛ Батинци, и петтопријавениот е во својство на управител на пријавениот правен субјект „Аце транс компани“ ДООЕЛ Скопје.
На денешната прес-конференција во врска со овој случај присуствуваше и вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, кој посочи дека во маj годинава до кабинетот од анонимен подносител пристигната е претставка за сомневање за злоупотреба на службена положба, перење пари и злоупотреба на постапка за јавна набавка, од страна на одговорни лица од општината.
„Борбата против корупцијата и криминалот е процес кој бара максимална вклученост и координараност со сите надлежни институции, бидејќи само така можеме да застанеме на патот на оваа појава која го нагризува општеството“, изјави Николовски во своето обраќање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ обвини за операција за враќање на Груевски: Мицкоски е чувар на фотелјата, велат од партијата
СДСМ денеска на прес-конференција преку членката на Извршниот одбор, Симона Цветановски, обвини дека ВМРО-ДПМНЕ спроведува, како што рекоа, внимателно планирана операција за рехабилитација и враќање во земјата на поранешниот премиер Никола Груевски.
„Очигледни се напорите на ВМРО да го рехабилитираат и вратат во земјата осудениот бегалец Никола Груевски. Христијан Мицкоски е привремен чувар на фотелјата за вистинскиот газда на ВМРО. Станува збор за внимателно планирана операција која ги поткопува темелите на нашата правна држава“, рече таа.
Според неа, првиот сигнал е можната промена на политичките околности во Унгарија и губењето на, како што рече, политичкиот штит што му овозможувал заштита од екстрадиција.
Вториот чекор, според СДСМ, е укинувањето на потпретседателските позиции во ВМРО-ДПМНЕ, што Цветановски го оцени како стратешки потег за елиминирање на внатрешната конкуренција и подготовка на теренот за враќање на Груевски на чело на партијата.
Третиот елемент, како што посочи, е нападот врз предметите што ги водеше Специјалното јавно обвинителство и, според неа, обид за дискредитација на СЈО и пресудите поврзани со поранешниот премиер.
Како четврта точка, Цветановски ја наведе изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека ова му е последен мандат како претседател на партијата и дека нема да го менува статутот.
„Овие маневри не се само партиска игра. Тие се директен напад врз владеењето на правото“, истакна Цветановски, додавајќи дека, според СДСМ, се носат правосудни закони што не се во согласност со препораките на ЕУ и се вршат кадровски поставувања во обвинителството блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ засега нема реакција на овие ставови.
Македонија
„Сите сме под стрес“: сопругата на пејачот Даниел Кајмакоски разговараше со медиумите по киднапирањето
Сопругата на македонскиот пејач Даниел Кајмакоски, Марина, се огласи еден ден по неговото киднапирање .
Имено, ноќта меѓу сабота и недела пејачот бил киднапиран од двајца мажи во Белград, а со брза и ефикасна реакција на полицијата – поминал неповреден.
„Што да ви кажам, сите сме под стрес. Даниел сега е добро, се опоравува и е тука со нас, а што се однесува до целиот случај, не смееме ништо да зборуваме поради истрагата“ истакна сопругата на пејачот.
Сè е препуштено на адвокатот, а јас ги молам сите за разбирање – кратко изјави Марина за „Блиц“.
Во меѓувреме, соседите во Рума зборуваа за киднапирањето и што се случувало кобната ноќ.
Милка Ј., чие домаќинство се наоѓа во близина на местото каде што киднаперите го напуштиле возилото, откри детали од агонијата низ која поминала кога нејзиниот сопруг среде ноќ излегол да го провери имотот.
„Мојот сопруг ги слушна кучињата како силно лаат и излезе да ја провери шталата, за да се увери дека никој не се крие внатре. Јас му довикувам: „Каде одиш, ќе те удрат со нешто по глава и ќе те убијат!“ Се плашам, ние не сме оградени. Да сакале, можеле со нога да ја скршат вратата и стаклото. Фала му на Бога што не го направија тоа! Овде има четири напуштени куќи, можеле каде било да се сокријат, но полицијата сега го прегледа сето тоа – раскажува потресената Милка и додава дека полицајците пристигнале до нивната куќа рано наутро“, рече таа, а пренесе „Курир.рс“.
„Разговараа со мојот сопруг, го прашаа дали сме виделе сомнителни лица. Кога ги видов, прво помислив дека соседите тргнале на лов, затоа што видов пушки… дури подоцна сфативме што се случува“, додаде.
Кајмакоски беше киднапиран ноќта кон неделата од страна на две лица кои по настап во Белград присилно го внеле во своето возило. По полициската потера, и ударот на автомобилот во банкина, полицијата го пронајде Кајмакоски, додека киднаперите кои побегнале се’ уште не се најдени.
Македонија
Утре без вода делови од скопски Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( вторник ) -поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.(општина Карпош)

