Свет
Норвешка ги укина сите ковид мерки

Во Норвешка од денеска се укинати сите рестриктивни мерки воведени поради пандемијата на коронавирус, објави владата.
„Поминаа 561 ден откако ги воведовме најстрогите мерки во Норвешка во период на мир. Сега е време да се вратиме на нормалниот живот“, рече премиерката Ерна Солберг.
Напуштањето на мерките за физичко растојание ќе им овозможи на спортските и културните институции да се вратат во полн капацитет, а рестораните и ноќните клубови ќе работат како претходно.
Најмалку една доза од вакцината против Ковид-19 примиле 76 проценти од сите Норвежани, а 67 проценти се целосно вакцинирани, според податоците на Норвешкиот институт за јавно здравје.
Во регионот, Данска ги укина сите рестриктивни мерки на 10 септември и оттогаш бројот на заразени во таа земја постојано опаѓа – на денот на укинувањето пред две недели имаше 557, а во четвртокот 341 случај. Данска, исто така, има високо ниво на вакцинација на населението. Вакцинирани се 86 проценти од оние над 12 години, односно 95 проценти од оние над 50 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Хамас одговори на „последното предупредување“ од Трамп

Палестинската милитантна група Хамас соопшти дека е подготвена веднаш да започне преговори по „последното предупредување“ од американскиот претседател Доналд Трамп, во кое бара да прифатат договор за ослободување на израелските заложници од Газа.
Хамас потврди доцна синоќа дека добил „некои идеи од американската страна со цел постигнување преговори за прекин на огнот“, додавајќи дека „го поздравува секој потег што ќе помогне во напорите за запирање на агресијата врз народот“.
Организацијата соопшти дека е „подготвена веднаш да седне на преговарачка маса за да разговара за ослободување на сите затвореници во замена за јасна декларација за крај на војната, целосно повлекување од Појасот Газа и создавање независен палестински комитет за управување со Појасот Газа“.
Изјавата дојде кратко откако Трамп напиша на својата мрежа Truth Social дека „Израелците ги прифатија неговите услови“, без да даде детали. „Време е Хамас да ги прифати. Го предупредив Хамас за последиците од неприфаќањето. Ова е моето последно предупредување, нема да има второ!“ додаде Трамп.
„Сите сакаат заложниците да се вратат ДОМА. Сите сакаат оваа војна да заврши“, рече американскиот претседател.
САД, Катар и Египет посредуваат во индиректните разговори меѓу Израел и Хамас за завршување на војната во Газа, која започна со напад на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а повеќе од 250 беа киднапирани.
Повеќе од 64.000 Палестинци се убиени во Газа од тогаш, според локалните здравствени власти управувани од Хамас, бројка што Обединетите нации ја сметаат за веродостојна. Според израелските бројки, 48 заложници остануваат во крајбрежната енклава, а се верува дека 20 се живи.
Регион
Полјак се изгубил на 20 метри од автопат во Црна Гора: „Мислевме дека локацијата е грешка“

Службата за заштита и спасување на Котор интервенираше синоќа поради млад Полјак кој се изгубил на 20 метри од главниот пат.
„Во 19:10 часот, Службата за заштита и спасување беше известена од оперативно-комуникацискиот центар 112 дека едно лице, странски државјанин, бара помош, или дека е изгубено во подножјето на планината Врмац.
Локацијата што ја добивме ја сметавме за грешка, бидејќи стануваше збор за позиција на 20 метри од главниот пат. Да, добро прочитавте. Лицето беше изгубено на 20 метри од главниот пат. Со користење на дрон со термичко снимање и двајца пожарникари, лицето беше „спасено“. Овој пат, не беше потребен хеликоптер.
Што мислите, дали толерирањето на ова однесување на странците сè уште е оправдано? Мислиме дека одамна не е. А стануваше збор за младо машко лице (20 години) од полска националност“, рекоа пожарникарите од Котор.
фото: фејсбук
Свет
Жена од Австралија осудена на доживотен затвор: го убила семејството на сопругот со отровни печурки

Ерин Патерсон од Австралија, прогласена за виновна за убиствата на тројца постари роднини на нејзиниот сопруг на кои им послужила оброк со отровни печурки, денес беше осудена на доживотен затвор, објави германската новинска агенција дпа.
Судијата Кристофер Бил, во Врховниот суд на австралиската држава Викторија, ја осуди Патерсон на доживотен затвор без можност за условна слобода во траење од 33 години. Бил наведе „отежнувачки околности“ при читањето на пресудата, вклучувајќи планирање на труењето и „огромно кршење на довербата“.
Поротата ја прогласи Патерсон за виновна во јули за тројно убиство и обид за убиство поради оброк што го послужила во јули 2023 година. Патерсон се изјасни за невина по обвиненијата и рече дека смртните случаи биле случајни.
Бил ја осуди на доживотен затвор за секое од трите убиства и 25 години за обид за убиство. „Немам двоумење да заклучам дека вашето кривично дело спаѓа во најлошата категорија на злосторства убиство и обид за убиство“, рече судијката Бил.
„Тежината на вашето дело ја оправдува максималната казна за вашите злосторства“.
Петерсон, 50, беше прогласена за виновна за убиствата на нејзината свекрва Гејл Патерсон, свекорот Доналд Патерсон и сестрата на Гејл, Хедер Вилкинсон, како и за обидот за убиство на Иан Вилкинсон, сопругот на Хедер.
Тројцата починаа во болница неколку дена откако го јадеа оброкот. Иан Вилкинсон беше однесен во болница во критична состојба, но успеа да се опорави.
фото: принтскрин