Македонија
Меѓународното училиште „Маариф“ ја почна новата учебна 2021 – 2022 година отворајќи ги вратите и во новоотворениот кампус во Скопје
Иако беше неизвесно дали новата учебна година ќе почне со физичко присуство, Меѓународното училиште „Маариф“ ѝ посака добродојде на првата генерација ученици што избраа да бидат дел од ова училиште, односно новиот кампус во Скопје.
![]()
Првата генерација ученици во новоотвореното училиште во Скопје веќе се чувствува како дома, а за тоа придонесоа и образовниот кадар на професори, како и самата средина, околината и можностите што ги нуди „Маариф“.
![]()
Новиот кампус располага со најнови и модерни лаборатории, паметни училници, библиотека, ресторан и кафетерија, спортски терени, како и клубови за стрелаштво, шах итн., во кои учениците може да се зачленат и да имаат дополнителна активност покрај задолжителните наставни предмети.
![]()
Директорот на училиштето во Скопје, г. Зекирија Арслантурк, на свое задоволство како нов член во училиштата на „Маариф“ во земјата испрати неколку клучни пораки за кои тој е уверен дека ќе ја достигнат својата важност и имплемтација:
Г. Арслантурк, Вие го раководите кампусот во Скопје на Меѓународното училиште Маариф, иако сте тука само два месеци, сигурно може да направите некоја споредба на образовниот систем во училиштата на Маариф и кај тие во земјата?
„Рано е да се оцени ова за толку краток период од еден и пол месец. Тешкотиите и убавината во образованието се речиси исти насекаде. Добро обучените наставници се многу важни. Добро обучени и квалификувани наставници се важни како тука, така и на други места.Токму поради оваа причина, ние даваме значење на квалитетот на наставникот. Преферираме наставници со искуство, експерти во своите области, магистри и докторанти“.
Кон што се стреми образованието во училиштата Маариф?
„Во една реченица, се стремиме кон оформување на лица кои ќе бидат самодоволни, кои носат мир во себе и ќе бидат смирени во својата средина и ќе имаат почит кон различните култури“.
![]()
Како индивидуалец, која е вашата визија за генерациите кои ќе имаат можност да станат дел од ова училиште – ако се има предвид дека образованието во ова училиште е приватно?
„Мојата визија е да се оформат поединци кои се среќни, смирени со себе, кои имаат почит кон другите култури и цивилизации, лица со моќен академски статус, кои ќе познаваат неколку јазици и ќе бидат добри и корисни за човештвото и за себе си“- објасни Г-н Арслантурк.
![]()
Инаку, на 13 април годинава Турската Фондација МААРИФ купи дел од студентскиот кампус на Американскиот Универзитет на Европа-ФОН, со што на учениците од Скопје им овозможи врвно меѓународно образование.
![]()
Локацијата сама по себе, во населбата Аеродром, овозможува безбедно пристигнување и користење на градски превоз како и организиран превоз за учениците од самото училиште. Капацитетот на новото Меѓународно училиште „Маариф“ во Скопје е 1200 ученици, а за реализација на образовниот процес кој ќе се одвива на англиски јазик, предвидени се и во тек се околу 100 нови вработувања, наставен кадар и помошно технички персонал.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

