Македонија
Црвенковски: Ако нашата идеја е „НАТО ќе нѐ брани, ЕУ ќе нѐ храни“, ниту ќе се одбраниме ниту ќе се нахраниме
Како поранешен премиер и претседател на Република Македонија имам право, но и обврска да проговорам, за тоа каде според мои согледувања се наоѓаме денес како држава и кои се политиките што треба да ги спроведуваме во иднина, истакна во својот говор поранешниот претседател Бранко Црвенковски на свечениот научен собир во МАНУ на тема: „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991/1991 – 2021 година“.
„Се направија крупни грешки“, рече Црвенковски.
„Со денешниве сознанија и искуства, со оваа памет, сигурно дека многу работи јас лично би ги направил сосема поинаку. Но, за жал, како во приватниот живот, така и во политиката – времеплов не постои. Без разлика што ниедна од тогашните одлуки не беше донесена со лоши намери, туку верувајќи во тие и такви тогашни околности дека се правилни, од денешен аспект гледано негативните последици мора да се признаат. И за успесите што беа постигнати, но и за грешките што беа направени во периодот додека бев премиер, носам целосна одговорност“, истакна поранешниот претседател.
Оцени дека станавме членка на НАТО, но поради позициите на Бугарија, како што рече, не можеме да ги почнеме преговорите со ЕУ.
„Јас не би ставил знак еднаквост помеѓу преспанскиот договор со Грција и договорот за пријателство и соработка со Бугарија од најмалку една причина. Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија не само што не затвори ниту едно прашање туку, напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја, што компромис, едноставно, не е можен. Мантрата што постојано ја слушаме од страна на актуелните политичари во нашата земја е: „Полноправното членство во ЕУ е нашата единствена опција за која не постои алтернатива. Не постои и воопшто не размислуваме за план Б“. Го поставувам прашањето – а што ако не поради нас, не затоа што ние не сакаме или не сме спремни да ги спроведуваме неопходните реформи и да ги исполнуваме неопходните критериуми, туку затоа што самата ЕУ реши да нема понатамошно проширување, на пример, затоа што ваква каква што е со постојните членки е недоволно функционална и ефикасна, дека евентуално нови членки дополнително ќе го усложнат и онака премногу комплицираниот начин на одлучување и креирање заеднички политики? А такви размислувања во рамките на Унијата веќе има. Што во тој случај ќе правиме ние за кои не постои друга алтернатива? Ќе се самоукинеме, ќе се самораспуштиме како држава? Или мора да најдеме алтернатива!“, нагласи Црвенковски.
„Ако нашата главна идеја водилка е: ‘НАТО ќе нѐ брани, ЕУ ќе нѐ храни, тврдам дека ниту ќе се одбраниме ниту ќе се нахраниме. Зарем не е логично дека никој од надвор не може да биде повеќе заинтересиран од нас самите во каква држава ќе живееме и каква држава ќе им оставиме на нашите деца и внуци“, беше потенцирано во говорот на поранешниот претседател.
Според Црвенковски, Македонија е корумпирана, внатрешно длабоко поделена и конфронтирана држава. Во Македонија, како што додаде, не е можно да се изгради консензус за ниту едно стратешки важно прашање. Оценува дека политичките партии меѓусебно не се гледаат како конкуренти, туку како непријатели, кои треба да се уништат не избирајќи средства.
Изборите, смета Црвенковскии, без разлика од кој вид, не се третираат како фер натпревар кој е подобар, туку како гладијаторска борба, во која победникот добива сѐ, а поразениот ништо.
„Јас сум длабоко уверен дека вака внатрешно конфронтирани, раскарани и замразени, неспособни ниту да седнеме на иста маса, а камоли за нешто да се договориме, немаме никакви шанси да ја направиме Македонија поуспешна, попросперитетна, посакувана во неа да се живее и во неа да се верува“, рече Црвенковски.
Нагласи дека Македонија е држава што живее на кредити, притоа потсетувајќи на изреката: Кој живее на кредит, умира на рати.
„Да скратам, вака понатаму не може. Овој балон еден ден, порано или подоцна, ќе пукне, со сите катастрофални последици што од тоа ќе произлезат. На Македонија ѝ е ургентно потребна една национална платформа за која ќе се постигне широк општествен консензус и за сите ќе биде задолжителна за спроведување, без разлика кој ќе биде власт, а кој опозиција, сѐ додека клучните работи не бидат доведени во ред“, нагласи Црвенковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.
Македонија
Снег на Попова Шапка, магла на одредени патни правци, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по претежно влажни коловози.
Врнежи од снег на Попова Шапка со задржување на коловоз од с.Лисец-Попов Шапка.
Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри на патниот правец Штип – Неготино кај Серта, во Крушво до 50 метри, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 50 метри.
Сите патни правци во државата се проодни.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.

