Македонија
Џафери на состанок со претседателите на парламентите на земјите од Западен Балкан
Состанок на претседателите на парламентите од Западен Балкан се одржа денеска во Брдо при Крањ во рамките на парламентарната димензија на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ. Со состанокот претседаваше претседателот на Националното собрание на Словенија, Игор Зорчиќ.
На отворањето на состанокот со свои воведни излагања се обратија словенечкиот претседател Борут Пахор, претседателот на словенечкиот парламнент, Игор Зорчиќ, министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар, и претседателот на Комисијата за надворешна политика на Националното собрание, Моника Грегорчиќ.
Учесниците на состанокот на претседатели на парламенти од Западен Балкан подготвија заедничка изјава, која во продолжение ја пренесуваме интегрално:
„Ние, претседателите/спикерите на парламентите од Западен Балкан и претседателот на Националното собрание на Република Словенија, по заедничките декларации усвоени на двaта самита на претседатели на парламентите од Западен Балкан, кои се одржаа во Брисел на 28 јануари 2020 година и 28 јуни 2021 година и истакнувајќи ја важноста на поширока парламентарна дебата пред самитот ЕУ – Западен Балкан, кој ќе се одржи на 6 октомври 2021 година во рамките на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ; ја поздравуваме посветеноста на Европскиот парламент за одржување редовен дијалог со парламентите од Западен Балкан, што обезбедува неопходна политичка поддршка на процесот на проширување на Европа; ја нагласуваме потребата процесот на проширување да се стави високо на листата на приоритети на ЕУ истовремено признавајќи дека европската перспектива на Западен Балкан е важна стратешка одлука на Европска Унија, клучна не само за безбедноста, стабилноста и за просперитетот на регионот туку и за иднината на Европската Унија и нејзините земји членки; ја нагласуваме важноста на парламентарната дипломатија во продлабочувањето на политичкиот дијалог со цел забрзување на процесот на проширување; ја изјавуваме нашата подготвеност за широка размена на искуства и добри практики на разни парламентарни нивоа што ги зајакнува, меѓу другото, административните капацитети на парламентите и придонесува за напредок кон заедничката цел на полноправно членство во Европската Унија; ја истакнуваме заложбата на парламентите од Западен Балкан за зајакнување на регионалната соработка, што придонесува во зголемувањето на довербата и промовирањето на процесите на помирување во регионот; ја нагласуваме потребата за соодветно решавање на отворените билатерални прашања во целосна согласност со веќе постигнатите договори; потсетуваме дека напредокот постигнат од кандидатите и потенцијалните кандидати за членство во ЕУ исто така мора да се одразат во конкретен напредок на нивниот пат кон ЕУ. Истакнувајќи ја заложбата на парламентите да постигнат напредок во спроведувањето на клучните реформи, пред сѐ, во областа на владеењето на правото и основните права, нагласуваме дека Европската Унија исто така мора да го преземе својот дел од одговорноста за ќор-сокакот на проширувањето, соодветно да се справи со тоа и да најде ефективни решенија; исто така ја нагласуваме потребата на ЕУ-институциите и земјите членки да го признаат напредокот во реформите и процесот на ЕУ-интеграција кај кандидатите и да преземат чекори за да го забрзаат процесот на ЕУ-интеграција на кандидатите и потенцијалните кандидати.
Наглсуваме дека Европската Унија има партнери во регионот што историски, географски и културно припаѓаат на заеднички европски простор. Соработката на партнерите од Западен Балкан ќе придонесе за посилна и поиздржлива ЕУ, која мора да остане нивниот прв стратешки избор; обрнуваме внимание на потребата да се стави посебен акцент на помладата генерација и да се отворат дополнителни можности за нивно вклучување во програмите на ЕУ, истовремено создавајќи подобри услови и работни места во Западен Балкан, што ќе ги мотивира младите луѓе да живеат и работат во регионот; укажуваат на важноста на регионалните организации, кои преку своите програми за размена промовираат соработка и ја консолидираат довербата помеѓу членовите на помладата генерација; го признаваме значењето на вклучувањето на парламентите, граѓанското општество и другите релевантни фактори во Западен Балкан во програмите и процесите на Европската Унија и особено ја нагласуваме важноста на нивното учество во конференцијата за иднината на Европа; повикуваме на зголемена солидарност помеѓу Европската Унија и Западен Балкан во справувањето со заедничките предизвици, како што е пандемијата на Ковид-19; ја нагласуваме важноста на меѓупарламентарниот дијалог во изнаоѓањето заеднички решенија, со што ќе се зголеми издржливоста на регионот и Европската Унија; ја нагласуваме важноста на економската интеграција во регионот кон создавање заеднички регионален пазар, кој ќе го поттикне економскиот раст и ќе го приближи регионот до единствниот пазар на ЕУ; го поздравуваме усвојувањето на регулативата на Европскиот парламент и на Советот за воспоставување на Инструментот за претпристапна помош (ИПА III), со која се воспоставува правна рамка за понатамошна финансиска помош за партнерите од Западен Балкан во нивниот пат кон ЕУ како и за имплементацијата на економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан презентиран од Европската комисија, која заедно со зелената и дигиталната агенда за Западен Балкан значително ќе придонесе за намалувањето на развојните нееднаквости и ќе ги поддржи економскиот раст и закрепнувањето во регионот; ја истакануваме важноста на зајакнувањето на безбедносната соработка и го поздравуваме процесот на развојот на стратешкиот компас, кој според приоритетот на вклучување на партнерите од Западен Балкан во безбедносните и одбранбените структури на ЕУ може да им даде нов поттик на евроинтегративните процеси и да придонесе за траен мир, стабилност и безбедност во регионот; ја подвлекуваме европската перспектива на Западен Балкан како важен аспект во справувањето со модерните масовни миграциски текови, кои претставуваат заеднички предизвик; ја признаваме, со оглед на ситуацијата што постојано се развива на периферијата на Европа и пошироко, стратешката важност на сеопфатниот пристап за управување со миграциските движења и на солидарноста и соработката помеѓу Европската Унија и нејзините партнери во Западен Балкан во оваа област; се обврзуваме да одржуваме отворен и континуиран дијалог за напредокот, можностите и за предизвиците на европската перспектива на Западен Балкан на највисоко парламентарно ниво во разни меѓупарламентарни форуми и формати; се согласуваме дека претседателот на Националното собрание на Република Словенија ја носи оваа заедничка изјава на внимание на Европскиот парламент, Европската комисија и претстојниот самит на ЕУ – Западен Балкан, како и конференцијата на претседатели на парламентите на Европската Унија“, се наведува во заедничката изјава на претседателите на парламентите од Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

