Економија
Бесими со бизнис заедницата: Двојно зголемување на економскиот раст со Планот за финансирање забрзан раст
Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска оствари средби со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, Сојузот на стопански комори на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија и МАСИТ. Средбите се дел од континуираниот дијалог што Министерството за финансии ги има со бизнис секторот во насока на размена на мислења и преземање мерки за создавање подобри деловни услови и забрзан раст.
Денеска на средбите беа презентирани препораките што произлегоа од Конференцијата што ја организираше Министерството за финансии во рамки на Економскиот и финансиски форум, а кои треба да бидат усвоени од Владата и се дел од Планот за финансирање на економското заздравување и забрзување на економскиот раст кој е во завршна фаза на подготовка во Министерството за финансии и кој, исто така, беше дискутиран на средбите.
-Во насока на заложбите за фискална консолидација, а воедно и заложбите за двојно зголемување на економскиот раст и постигнување повисоки годишни стапки на раст на БДП од околу 5%, во Министерството за финансии е подготвен Планот за финансирањето на економското заздравување и забрзување на економскиот раст . Овој план дава одговор за нови начини за пристап до капитал за финансирање на заздравувањето и забрзувањето на економскиот раст, преку проекти во јавниот и приватниот сектор, рече министерот за финансии пред стопанствениците.
Тој додаде дека целта на планот е да се зголемат вкупните инвестиции во економијата, а притоа да се остане на зацртаниот курс постепено да се намалува фискалниот дефицит, а со тоа и да се задржи долгот на стабилно ниво.
-Главната поента на овој план е преку креирање и користење нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање да се создаде позитивен мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од 4 милијарди евра за периодот 2022-2026 година, финансирани од буџетот, ИПА фондовите и меѓународните финансиски институции, да се мобилизираат повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор. Со тоа, ќе се зголемат и вкупните инвестиции и ќе се забрза растот на бруто-домашниот производ и отворањето нови работни места, потенцира министерот.
Планот се состои во креирање развојни фондови, фондови за поддршка на иновации, гарантни фондови, развојни и проектни обврзници, фондови за ризичен (venture) капитал и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија, како и претпријатија со висока општествена одговорност. Се планираат јавно-приватни партнерства, концесии и други инструменти за финансирање јавни капитални проекти, но и на приватниот сектор.
Планот за финансирање на заздравување и забрзаниот раст предвидува поддршка на проекти во јавниот и приватниот сектор кои ќе значат подобрување на конкурентноста на економијата и подобрување на квалитетот на живот, односно ќе опфаќаат области од животната средина, дигитализацијата, иновации, човечки капитал и општествена инклузивност. Имплементатори ќе бидат Развојната банка, Фондот за иновации и технолошки развој, Дирекцијата за
технолошко-индустриски зони и други институции со вклученост на комерцијалните банки и инвестициските фондови.
-Целта и очекуваните резултати од Планот за финансирање на економското заздравување и забрзан раст е финансирање на заздравување на економијата погодена од КОВИД-19 и поддршка на забрзан и одржлив раст, а притоа одржување на фискална стабилност преку мобилизирање капитал од приватниот сектор, како дополнување на финансиските средства издвоени од буџетот. Очекувани резултати на среден рок од Планот се: двојно зголемување на економскиот раст од просечна стапка на раст од 2,5% во изминатата декада на стапки на раст од 5%; зголемување на инвестициите во јавната инфраструктура, како и зголемување на инвестициите кај приватниот сектор преку механизам на мултипликација на финансиите со приватни покрај јавните извори на финансирање; одржување фискална стабилност во рамките на Мастришките правила за јавен долг и буџетски дефицит. Следствено, инвестициите и забрзаната динамика на раст ќе придонесат кон зголемување на работните места и подобрување на стандардот и квалитетот на живот на граѓаните, потенцира министерот Бесими на средбите со бизнис заедницата, напоменувајќи дека за годинава проектираниот раст на БДП е 4,1 %, но оти движењата во економијата и постигнатиот раст на БДП во вториот квартал од 13,1 отсто упатуваат на тоа дека може да се надмине проекцијата. Во наредните години се очекува интензивирање на економскиот раст, односно во 2022 година враќање на преткризното ниво и натамошно постепено забрзување.
Покрај планот за забрзан раст се финализираат и Предлог-мерки за фискална консолидација и за поддршка на растот и развојот и новата Програма за економски реформи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

