Свет
Девет лица починале во Бразил по тестирање лек против Ковид-19
Синџир на бразилски болници тестира непроверен лек на постари пациенти со Ковид-19, без нивно знаење, како дел од обидот на претседателот Жаир Болсонаро да претстави чудотворен лек, изјавил адвокат на лекарите пред сенаторите, пренесуваат медиумите во светот.
„Најмалку девет лица починаа за време на тестирањето во синџирот болници ‘Превент сениор’ од март до април 2020 година, но извештаите беа сменети за да се прикрие причината за смртта“, рече адвокатката Бруна Морато за време на распитот пред Сенатот, пренесе „Ројтерс“.
Според медиумите, сопственикот и извршен директор на болничкиот синџир, Педро Батиста, минатата недела за време на неговото сведочење пред Сенатот признал дека извештаите на пациентите се сменети со цел да се отстрани секаква врска со Ковид-19.
Тој негирал дека имало тестирање со непроверени лекови на пациенти без нивно знаење велејќи дека самите пациенти побарале да учествуваат во клиничките испитувања, а лекарите им ги препишале лековите за кои сметаат дека се точни.
„Лекарот е тој што го препишува лекот и во тоа време сите се сеќаваат на коментарите на претседателот Болсонаро и други влијателни луѓе, така што имаше многу пациенти што бараа рецепти“, рече Батиста.
Морато, која застапува 12 лекари вработени во „Превент сениор“, рече дека компанијата им се заканувала и ги отпуштала лекарите што не се согласувале со однапред одредената „опрема против Ковид-19“, која содржи „хидроксихлорокин“, „еритромицин“ и „ивермектин“.
„Нема научни докази дека овие лекови помагаат во лекувањето Ковид-19“, изјави таа.
Таа рече дека на лекарите им било сугерирано да не им го објаснуваат начинот на лекување на пациентите или нивните роднини.
„Целта беше да се покаже дека постои ефикасен третман против Ковид-19“, додаде таа.
Министерството за здравство не ги коментирало ваквите информации и нејасно е, како што пишуваат медиумите, колку владата знае за наводните тестови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Што е спротивно на поредокот заснован на правила? Тиранија и војна“ – Калас остро на панел дискусија
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави на една панел-дискусија дека на меѓународниот поредок му недостига одговорност за прекршувањето на правилата.
„Сите се повикуваат на Повелбата на Обединетите нации. Начелата постојат. Но што се случува кога некој ќе ги прекрши? Очигледно е дека одговорноста не функционира“, рече Калас.
Таа смета дека Советот за безбедност не работи според замислата и дека Обединетите нации „не го одразуваат светот каков што е денес“.
„Повеќето држави во светот сакаат поредок заснован на правила, сакаат правила што ќе го регулираат начинот на кој комуницираме и соработуваме едни со други“, додаде Калас.
Истакна дека големите меѓународни кризи низ историјата го поттикнувале развојот на меѓународното право и дека сегашната криза е можност „овој свет да се развие“.
Коментирајќи го говорот на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој изјави дека „стариот светски поредок исчезна“, Калас заклучи:
„Која е спротивноста на светски поредок заснован на правила? Тоа се тиранија и војни. А очигледно таму се наоѓаме сега.“
Свет
Гувернерот на Калифорнија: Трамп е привремен, ќе замине за три години
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, жестоко го критикуваше Доналд Трамп, нарекувајќи го „најразорниот претседател“ во историјата на САД и обвинувајќи го дека „сѐ подлабоко тоне во глупост“.
„Никогаш во историјата на САД немало поразорен претседател од сегашниот жител на Белата куќа“, рече Њусом.
Тој смета дека Трамп „се обидува да нѐ врати во 19 век“, додека, како што истакна, Калифорнија успешно покажува дека може да спроведува политики, да се натпреварува и да доминира.
„Ако денес не запомните ништо друго, запомнете го ова: Доналд Трамп е привремен. Ќе замине за три години“, рече Њусом.
Коментирајќи ја климатската криза, тој нагласи дека таа директно ги погодува Американците: „Луѓето горат, се гушат и се варат од горештини; истовремено имаме суши и поплави, како и историски шумски пожари.“
Тој додаде дека во Калифорнија ова прашање одамна ги надминало партиските поделби:
„Калифорнија е голема сина држава, но тука живеат повеќе републиканци отколку во многу републикански држави. Ние одамна сме над партиските поделби, бидејќи нема републикански или демократски термометар. Постојат само реални температури.“
Инаку, Њусом се споменува како можен кандидат на демократите за претседателските избори во 2028 година.
Свет
Данската премиерка: Европа мора да се вооружа со сила и одлучност
Европа мора да се вооружа со сила и одлучност за да се соочи со новиот глобален „неред“, порача данската премиерка Мете Фредериксен на почетокот на дипломатската иницијатива на Минхенската безбедносна конференција.
Голем дел од вниманието на овој важен собир е насочен токму кон Данска и нејзината делегација, а значењето на присуството на Фредериксен беше потврдено и од германскиот политичар Фридрих Мерц, кој во својот говор експлицитно ја спомена Фредериксен и поддршката што ѝ ја дава Европа.
Премиерката пристигна во Минхен во придружба на министрите за надворешни работи и одбрана, а конференцијата претставува прва значајна можност за директни разговори со претставници на САД и други партнери по дипломатската криза предизвикана од спорот околу Гренланд.
Во рамки на дипломатските активности, најавен е и состанок меѓу Фредериксен и американскиот државен секретар Марко Рубио, а една од клучните теми ќе биде токму прашањето за Гренланд.

