Македонија
Заев од Гевгелија: Вечерва заврши пописот, попишани се преку 99 отсто од граѓаните

Вечерва во 20:00 часот заврши пописот, попишани се преку 99 отсто од граѓаните, попишани се околу еден милион 860 илјади граѓани, околу 570.000 домаќинства и околу 840.000 станбени единици, нека ни е честито, покажавме кој има капацитет, а кој нема капацитет, порача вечерва лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев пред граѓаните на Гевгелија.
Заев истакна дека само за три години се реализирало нешто што со децении не било возможно да се реализира.
„На 30-ти септември – пред три години, на Денот на референдумот, на патот кон добрата иднина, 610.000 граѓани, незапаметена бројност на излезени граѓани, на некое изборно изјаснување досега, достоинствено излегоа на гласање и заокружија ЗА – за Договорот од Преспа, ЗА – за НАТО, ЗА – за ЕУ. Од независноста до денес, не постои политичка понуда, опција, партија или идеја, којашто добила повеќе гласови на кој било изборен циклус. На 30-ти септември, денес, по три години, Република Северна Македонија, целиот наш народ, сите граѓани, секој од нас, секој од вас, сите – имаме голем заеднички успех! После 20 години, имаме успешен попис! Народе мој, ова се гигантски успеси. Да сме горди на себе, со право сме горди – за само три години, тоа што било невозможно со децении – денес се непроценливи вредности, во нашите раце: во едната рака ни е НАТО, во другата рака – успешен попис. Нека е аирлија!“ рече Заев во Гевгелија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР најави засилени мерки против непрописното паркирање

Вчера во периодот од 17:00 до 20:00 часот од страна на Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје преземени се зајакнати мерки за санкционирање на непрописно паркираните возила низ централното градско подрачје за зголемување на безбедноста во сообраќајот.
МВР информира дека се преземени вкупно 20 мерки од кои изречени се шест прекршочни платни налози за непрописно паркирани возила, 12 возила се подигнати со специјалното возило “пајак” и 2 мерки по останати прекршоци.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови, најави МВР.
Од таму апелираат до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите заедно да придонесеме за посигурни патишта.
Македонија
Облачно време со пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени локални врнежи од дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 18 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.
Во понеделник ќе има повремен локален дожд, а од вторник стабилизирање на времето.
Македонија
Ѓорче Петров и Сопиште денеска без струја

ЕВН Македонија АД известува дека денеска без електрична енергија ќе останат:
-во периодот од 09.00 до 14.00 часот, дел од корисниците на ул 100 и ул 21 во Волково (Општина Ѓорче Петров)
-во периодот од 12.00 до 14.00 часот дел од ул.3 во Ракотинци (општина Сопиште)