Македонија
Мицкоски: Македонија прва во Европа по починати од Ковид-19 по глава на жител
Македонија е првата држава во Европа која што има најголем број на луѓе починати за жал од ковид пандемијата по глава на жител. И тоа најголем број. Околу 6.000 фамилии денеска се завиени во црно поради нивната неспособност, поради тоа што не беа кадарни наместо да бараат протоколи, наместо да организираат болници за прифат на пациентите тие трчаа по светот за провизии и да крадат од овој народ“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во Кочани.
Мицкоски потсети на трагедијата во Тетово каде што 14 луѓе го загубија својот живот, а за истата како што рече се уште нема одговорност.
„14 луѓе живи им гореа, 14 луѓе живи им гореа и до ден денеска не се најде јунак околу Зоран Заев да му каже доста е, време е да си заминеме. Но, јас сум убеден дека на 17-ти октомври народот ќе им каже доста е и дека на 17-ти октомври ќе се случи тоа што сите ние го очекуваме“, рече Мицкоски.
Додаде дека нема криминалец на Балканот што нема македонски пасош, а тој пасош е издаден од министерството на Оливер Спасовски.
„Минатата година зејтинот чинеше литар околу 67 денари, а денеска е 97 денари. Минатата година чинеше 45 денари, а денеска е 55 денари. Минатата година брашното чинеше 34 денари, а денеска чини околу 40-тина денари. Но, затоа тоа не му пречеше на Зоран Заев во новото БМВ да дојде на митинг во Ресен. БМВ ново гланц, за жал го нема мерцедесот, сега е нова марка БМВ вредно точно 100.000 евра“, рече Мицкоски.
Посочи дека автомобилот на Заев чини колку 3 милиони килограми ресенско јаболко или пак 400.000 килограми оризова арпа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

