Македонија
Ѓуровски: Ниту една партиска книшка не може да ги замени индексот и универзитетската диплома
За да бидеш професор и дел од академската заедница, треба да имаш дигнитет, а не суета, а студентот интегритет. За да бидеш студент, треба индексот да ти е книшката што најмногу ја сакаш, а не членската од партија. Ниту една партиска книшка не може да го замени вашиот индекс, а утре да биде замена и за вашата диплома, порача проректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, професорот Марјан Ѓуровски, од свечениот академски час на Правниот факултет во Битола.
Според вториот човек на УКЛО, професор Ѓуровски, денес немањето подмладок и асистенти на сите државни факултети ио доведува во прашање нормалното функционирање на високото образование и изведувањето практични вежби за студентите.
„Професорите вложуваат дополнителни напори, но веќе еднаш високото образование не смее да биде третирано како сирак во државата и да се гледа одвоено кон него зашто промените само во основното и средното образование, чии реформи ги поздравуваме и се добри, но без сериозни вложувања во високото образование нема да ги дадат потребните ефекти во целост за целокупното македонско општество“, порача тој.
Ѓуровски искажа увреување дека овој алармантен проблем ќе биде надминат зашто, како што рече, некои факултети во блиска иднина нема да може во целост да ги реализираат акредитираните студиски програми, односно, за жал, веќе одамна вежбите не се дел од редовните универзитетски активности.
Повик до студентите да се вакцинираат
„За да излеземе што побгу од пандемијата на Ковид-19, секој од нас ќе треба да се вакцинира“, нагласи Ѓуровски.
Проректорот порача дека младите како студенти треба да веруваат во научните дострели наместо во теории на заговор.
„Сакајќи да се заштитите себеси, но и своите блиски, родители, баби и дедовци, потребно е да се вакцинирате доколку тоа досега не сте го направиле, само така заеднички ќе ја победиме пандемијата и сите заедно целосно ќе се вратите во предавалните и амфитеатрите. Само така ќе му се вратиме на нормалното живеење“, напомена проректорот.
Борба против корупцијата на Универзитетот
Од денешниот прв ден на новата академска година Ѓуровски ја потенцира заложбата за универзитет без корупција како заедничка задача во високото образование преку засилување на капацитетите на Универзитетот и студентските тела за имплементирање на Законот за заштита на укажувачите.
„Само преку стабилен правен систем ќе може да обезбедиме системско владење на правото на целата територија на државата. Со заеднички сили треба да дојдеме до целта професиолен високообразаван кадар, кој може да биде столб на правниот и политичкиот систем и процесот на професионализација, департизација и декриминализација на институциите што се борат против организираниот криминал и корупцијата или се грижат за почитување на Уставот и примената на законите. Вие сте браникот, вие сте идниот чадор од правната несигурност во земјата, што се провлекува цели три децении“, рече Ѓуровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

