Македонија
(Видео) Шилегов: Преку „Скопје смарт сити“ Скопје станува град без шалтери
Градоначалникот на Скопје и кандидат за втор мандат, Петре Шилегов, на денешната прес-конференција ги презентираше главните придобивки од проектот паметен град – „Скопје смарт сити“ на кој Град Скопје работеше заедно со „Телеком“ во изминатите 6 месеци.
„Со задоволство можам да кажам дека Скопје е првиот град во државата кој го започнува овој проект кој ќе значи целосна дигитализација на услугите, воведување директна демократија како алатка за унапредување на демократијата и обезбедува големи заштеди на електрична енергија – средства кои ќе се враќаат директно како финансиска поддршка за граѓаните“, изјави Шилегов.
Тој нагласи дека со „Скопје смарт сити“, Скопје станува прв град во државата каде граѓаните директно и сами одлучуваат за тоа каде и како се вложуваат нивните пари. Со овој проект граѓаните ќе имаат можност да одредуваат приоритети, да гласаат за проекти и да избираат каде градот ќе вложува.
„Ова е историски исчекор на демократијата и начинот на управување со градот. Ова е историска промена во однос на директната комуникација со граѓаните и воведување непосредна граѓанска демократија, нешто на што сум особено горд. Преку апликација на својот мобилен телефон, скопјани ќе може да гласаат за предлози, да дефинираат приоритети и со тоа самите да ги креираат политиките на градот. Градот редовно преку апликацијата ќе ги консултира граѓаните за значајни инвестиции и одлуки и скопјани директно ќе бидат во можност да одлучуваат каде ќе се насочат парите. Верувам дека многу брзо ова ќе стане стандард во цела држава“, потенцираше Шилегов.
Апликацијата „Мое Скопје“ е клучен дел во „Скопје смарт сити“ и носи сосема ново ниво на интеракција и информирање. Во оваа фаза апликацијата, којашто е веќе достапна на Google Play Store, ќе им понуди на граѓаните информации од сферата на градскиот живот, настани, случувања и новости, анкети, пристап до апликациите и сервисите на градските институции и преглед на паркинзите на Град Скопје.
Таа подоцна се надополнува со содржини за сообраќајот и јавниот превоз, а ќе може да се пријавуваат инфраструктурни и комунални проблеми. „Мое Скопје“ е иновативен, информативен и интерактивен канал за комуникација со граѓаните, кој преку постојани анкети и прашалници им овозможува на граѓаните да одлучуваат за градските прашања и да го насочуваат градот кон нивните приоритети.

„Со ‘Скопје смарт сити’, Скопје станува град без шалтери! Скопје сите услуги ќе ги дава онлајн и со тоа станува првиот целосно дигитализиран град во регионот. Сите плаќања и сите документи ќе бидат достапни на интернет или на телефонот на граѓаните. Освен ова, секој граѓанин може да следи како градот работи, до каде е неговото барање, до каде е секоја постапка и сето тоа да му биде достапно во секое време на својот телефон“, додаде Шилегов.
„Преку овој проект се поставуваат 10.000 нови лед-светилки со што Скопје добива совршено осветлени и безбедни улици, велопатеки и тротоари. Со паметното осветлување, Град Скопје заштедува 1,3 милиони евра годишно на електрична енергија. Овие пари кои ќе се пренаменат за директна финансиска поддршка на граѓаните од различни групи“, нагласи Шилегов.
„Некои мои конкуренти сакаат да кажат дека не се политичари и дека нив политиката не ги интересира. Но мене преку политиката единствено ме интересираат луѓето. Тие се над политиката. Затоа јас им ја давам моќта на граѓаните тие да одлучуваат. Ова беше мојата цел од првиот ден кога влегов во политиката и ова денес во Град Скопје станува реалност“, заклучи актуелниот градоначалник на крајот на денешната прес-конференција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.
На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

