Македонија
Шилегов од Центар: Со „Скопје смарт сити“ имаме 10.000 нови ЛЕД-светилки за осветлени и безбедни улици
Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, и кандидатот за градоначалник на општина Центар, Горан Герасимовски, вечерва остварија маалски средби со своите сограѓани. Тие беа придружувани од носителите на кандидатските советнички листи за Скопје, Софија Пејкова, и за Центар, Андријана Будимир.
„Денеска го презентиравме проектот ‘Смарт сити’, со кој Скопје станува прв град во државата во кој граѓаните директно и сами одлучуваат за тоа каде и како се вложуваат нивните пари. Преку апликацијата ‘Мое Скопје’ на својот мобилен телефон скопјани ќе може да гласаат за предлози, да дефинираат приоритети и со тоа самите да ги креираат политиките Градот“, најави Шилегов.
„Со ‘Скопје смарт сити’, Скопје станува град без шалтери! Скопје сите услуги ќе ги дава онлајн и со тоа станува првиот целосно дигитализиран град во регионот. Сите плаќања и сите документи ќе бидат достапни на интернет или на телефонот на граѓаните. Преку овој проект се поставуваат 10.000 нови ЛЕД-светилки, со што Скопје добива совршено осветлени и безбедни улици, велопатеки и тротоари, а заштедува 1,3 милион евра годишно на електрична енергија“, нагласи Шилегов.
Осврнувајќи се на досегашниот период, Шилегов додаде дека и во Центар се инвестира во повеќе важни капитални проекти.
„Ги реконструиравме булеварите Димитрија Чуповски, 11 Октомври, Кочо Рацин и Крсте Петков Мисирков, како и улиците Лазар Личеновски, Бихаќска, Црниче, Никола Карев (кај железничка) и Васил Ѓоргов. Пробивме нови велосипедски патеки и подигнавме нови зелени површини. Новиот парк Ибни Пајко’ и двата нови зелени покрива, оној на ГТЦ и оној на Домот на градежиците, како и новиот памптрак-полигон кај Олимписки, се наоѓаат на територијата на Центар. Ги реконструиравме Кејот 13 Ноември и плочникот на влезот на ГТЦ од страната на плоштадот“, посочи Шилегов осврнувајќи се на сработеното во Центар.
„Во тек е реконструкцијата на Универзалната сала, а годинава почнуваме и со реконструкции на булеварите Кузман Јосифовски – Питу и Митрополит Теодосиј Гологанов. Ги реконструиравме гимназиите ‘Јосип Броз Тито’ и ‘Раде Јовчевски Корчагин’, како и средното медицинско училиште ‘Д-р Панче Караѓозов’. Обезбедивме прочистувачи за воздух за секоја училница“, додаде Шилегов.
Во делот на градското зеленило Шилегов потенцира дека во Центар се подигнати над 53.700 квадратни метри нови и реконструирани паркови површини, со засадени над 5.200 садници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

