Македонија
Градската управа забрани средба на кандидатот за градоначалник Данела Арсовска со Синдикатот на пожарникарите
Денеска на независниот кандидат за градоначалник на Скопје Данела Арсовска ѝ беше забрането да влезе во просториите на Територијалната противпожарна единица – Автокоманда каде што е сместен Синдикатот на пожарникарите на Скопје.
„Имавме договорена и потврдена средба со претставници на Синдикатот чии регистрирани простории се во рамки на Територијалната противпожарна единица – Автокоманда. На влезот на зградата ни беше кажано дека со усна наредба е забранет влез за мене и мојот тим во просториите. Јавно прашувам како може некој да биде над законот и да забранува влез на претходно договорен состанок? Ова е класично злоупотребување на функцијата на командирот што е поставен од Петре Шилегов? Од што се плаши Шилегов, јавно нека каже? Јас знам од што е стравот, тој досега со понижување гледаше на пожарникарите. Сите бевме сведоци дури и на ситуации пред медиумите кога ги понижуваше. Проблем му е на Шилегов да излезат во јавност сите понижувања, проблем му е дека досега ништо не направил за нив освен што направи сомнителна набавка на противпожарната скала“, истакна Арсовска.
Таа додаде дека не била во можност да поразговара за програмата, посебно во делот што се однесува за противпожарните едници во Скопје.
„Имам цел план како да ја подобрам нивната состојба и како да се надминат сите предизвици. Имам нови и модернизирани решенија за поголема заштита, безбедност и спасување на градот од пожари, но и подобри услови за вработените. Пожарникарите спаѓаат во категоријата работници коишто секојдневно се изложени на висок ризик. Не смееме дополнително да им ја отежнуваме работата! Ќе набавиме комплетна и стандардизирана заштитна униформа за интервенции, набавка на нови противпожарни камиони, теренски возила, возила за технички интервенции и за пренесување пожарникари со цел поефикасно гаснење пожари во урбана средина и за шумски пожари. Нови противпожарни станици ќе има во неколку општини во Скопје, како и реконструкција на сите постоечки. Планирана е и изградба на современ едукативен центар во кругот на единицата за вежба и усовршување на вештините на вработените, како и доедукација во специјализирани центри надвор од државата”, додаде Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Ако лажат британските медиуми и „нема легални и нелегални мигранти“ – Мицкоски нека ја потпише Резолуцијата!“, бара СДСМ
„Христијан Мицкоски тврди дека британските медиуми, кои објавија дека се договара прифаќање мигранти во Македонија за пари, лажат. Исто така, тврди дека „нема легални и нелегални мигранти“. Значи, според Мицкоски, сите лажат“, велат од СДСМ.
„Ако е навистина така, тогаш зошто Мицкоски не ја потпишува Резолуцијата? Што чека? Зошто одолговлекува и бега?
Еве, нека ја потпише Резолуцијата на СДСМ. Со само еден потпис ќе ги расчисти сите сомнежи и дилеми.
Ние сме конструктивни и транспарентни од првиот ден. Резолуцијата е јавно објавена и сите ја видоа.
Граѓаните бараат дела – конкретен чекор од Мицкоски, а не празни зборови.
Затоа што за граѓаните неговите зборови одамна не важат, поради сите ветувања што не ги исполни. Како и ветувањето дека ќе се повлече од политиката ако се докаже поврзаност со Агенцијата за обезбедување во Кочани. А има и многу други неисполнети ветувања. Списокот е долг.
Мицкоски веднаш нека ја потпише Резолуцијата, а не да ја руши со контра Резолуции. Потпиши и нема мигранти. Толку е едноставно.
Ако одбива да потпише – тогаш сè е јасно: Мицкоски не ја зборува вистината, а договор за мигранти сепак има“, соопшти СДСМ.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.

