Македонија
Николоски: ДКСК веднаш да постапи, не смее да се распишуваат тендери во тек на кампања како што тоа го прави Шилегов
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) мора веднаш да постапи, затоа што со распишување тендер за градска куќа од страна на Град Скопје, под раководство на Петре Шилегов за време на изборна кампања директно се крши Изборниот законик, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, по изјавата од пред Општина Кисела Вода, прашан за коментар за распишаниот тендер од страна на Град Скопје за изградба на градска куќа во вредност од 11 милиони евра.
Тој посочи дека кога веста ја прочита во медиумите, првично помисли дека станува збор за некоја шега или стара вест, имајќи предвид дека се наоѓаме во ек на кампања за локалните избори, каде што општините не смеат да имаат покрупни активности, особено такви тендери со милионски суми евра.
„Прво би сакал да ја повикам Антикорупциската комисија да реагира, затоа што согласно законот за избори, во пред изборен период и во период на кампања како што сме сега не смее да има никакви покрупни активности на општините и на Градот Скопје, најмалку распишување на тендер во номинална вредност од 11 милиони евра“, рече Николоски.
Тој побара одговори од Град Скопје и Петре Шилегов, што се случи со 12,7 милиони евра коишто градот ги доби од продажбата на веќе изградената градска куќа, при што ги повика надлежните органи да постапат затоа што, како што рече Николоски, тие имаат информација дека наменските средства се потрошени, со што е направено кривично дело.
„Втората работа којашто е исклучително загрижувачка е што до денес јавноста не доби одговор на прашањето што се случи со 12,7 милиони евра, коишто Град Скопје ги приходуваше од продажбата на веќе изградената градска куќа којашто Град Скопје ја продаде. Истата треба да се на наменска сметка и да се чуваат за таа намена. Но, според нашите сознанија, тие средства се потрошени и ги нема на наменската сметка, што е кривично дело. И ги повикувам надлежните органи да постапат по оваа информација, затоа што потрошувањето на средствата коишто се за една намена а се трошат за друго е класично кривично дело“, истакна Николоски.
Тој заклучи дека, во дел на трошење на овие 12,7 милиони евра, а во делот на распишување тендер сега за градска куќа, мора Антикорупциската комисија да постапи, затоа што е директно прекршување на Изборниот законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Обвинителство: Забрана за две правни лица од Велешта да вршат ископ во близина на изворите за вода за пиење во Шум
Преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнаа работни машини на две правни лица од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, поради сомненија за кривични дела – Незаконита експлоатација на минерални суровини од член 225-а и Загадување на водата за пиење од член 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрани на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.
Основното јавно обвинителство Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење, стои во соопштението.
Македонија
Времето денеска променливо облачно со сончеви периоди, од утре затоплување
Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно, со повремени сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец, кој долж Повардарието повремено ќе биде засилен.
Утринските температури ќе се движат од минус еден до шест степени, а дневните ќе достигнат меѓу четири и 12 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви интервали и умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до четири степени, додека максималната ќе достигне до десет степени.
Од утре се најавува стабилизација на времето и постепен пораст на дневните температури.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.

