Економија
Ивица Талевски избран за нов претседател на Македонската асоцијација за рударство
Развој на рударскиот сектор согласно највисоките принципи за заштита на животната средина, поддршка на заедницата и интензивирање на соработката со сите релевантни партнери, најави Ивица Талевски, директор за одржливост на рудникот САСА, кој беше едногласно избран за нов претседател на Македонската асоцијација за рударство (МАР) при Стопанската комора на Северна Македонија.
Во својот настап пред членовите на МАР, Талевски ги истакна својата визија и приоритети за развој на рударскиот сектор, во насока на поголемо искористување на потенцијалот на оваа индустриска гранка и поттикнување на локалниот и вкупниот економски развој на земјата.
„Рудникот САСА од каде што доаѓам е пример за успешна деловна приказна базирана на одговорно работење, заштита на животната средина и градење цврсти врски со заедницата. Овие принципи се темел, не само на САСА, туку на целата рударска индустрија, а како претседател на МАР ќе настојувам оваа пракса да биде основа за сите компании кои делуваат во овој сектор, бидејќи нема дилема дека сите имаме една заедничка цел – одржлив развој. Но, развојот на нашите компании и целата индустрија е невозможен без паралелен развој на заедницата, па затоа ќе се залагам токму оваа врска да биде уште повидлива за да создадеме успешна приказна и за компаниите и за граѓаните. Истовремено ќе се трудам да бидам достоен претставник на рударскиот сектор и нивен ‘глас во општеството’“, истакна Талевски.
Тој најави и изработка на стратегија и конкретен план за делување на МАР во наредниот период, чија цел ќе биде зајакнување на довербата во рударската индустрија.
Рударството е значајна индустриска гранка во националната економија, која вработува над 7.200 лица. Во структурата на индустриското производство оваа гранка учествува со 10,87%. Просечната плата во овој сектор е за 34,2% повисока од просечната плата во земјата, што е уште една потврда за значењето на овој сектор.
Рудникот САСА, од каде што доаѓа Талевски, вработува околу 700 луѓе и е најголем рудник со подземна експлоатација на руда во земјава и меѓу 5-те најголеми рудници за олово и цинк во Европа.
Според соопштеното, САСА е првиот рудник во регионот со A – интегрирана еколошка дозвола. Покрај тоа, рудникот работи според најсовремени меѓународни стандарди на управување (ISO 9001), за заштита на здравјето и безбедноста при работа (OHSAS 18001), за заштита на животната средина (ISO 14001) и за лабораториски испитувања (ISO 17025). САСА е меѓу најголемите извозници и меѓу 10-те најголеми компании, според уплатените средства за даноци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

