Македонија
(Видео) Со показна вежба заврши обуката на единицата „Тигар“ спроведена од италијанските карабинери

Завршна показна вежба на припадниците на САЕ „Тигар“ во рамки на проектот ИПА 2016 „Јакнење на координативните капацитети за превенција и борба против насилен екстремизам и тероризам“
Проблематиката на насилниот екстремизам и тероризам како прилично чувствителна, сега веќе глобална, а не само национална закана, дополнително бара зголемување на институционалните напори во квалитетно спротивставување, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на завршната показна вежба од едномесечната обука на припадниците на специјалната единица „Тигар“, спроведена од страна на специјалната единица за интервенции на италијанските карабинери, а во рамки на проектот ИПА 2016 „Јакнење на координативните капацитети за превенција и борба против насилен екстремизам и тероризам“.
На вежбата во полицискиот центар ,,Ѓорче Петров“, покрај раководството на МВР, присуствуваа и италијанскиот амбасадор, Андреа Силвестри, претставници од Делегацијата на Европската Унија и други гости.
Во своето обраќање Спасовски потенцираше дека заедно со партнерите од ЕУ, Министерството за внатрешни работи постојано работи на севкупно институционално зајакнување.
„Навистина ме радува фактот што нашата полиција и натаму ужива огромна поддршка и кредибилитет кај нашите пријатели од ЕУ, исто како што радува фактот дека од наша страна правиме извонредни напори таквата позиција да биде заслужена и задржана“, нагласи Спасовски.
Италијанскиот амбасадор Силвестри рече дека станува збор за прв проект на ЕУ за превенција и борба против насилен екстремизам и тероризам имплементиран во Северна Македонија и на Балканот од страна на карабинерите.
Началникот на Одделот за специјални полициски операции, Бранко Трајановски, и командантот на САЕ „Тигар“, Митко Даневски, на припадниците на „тигрите“ им ги доделија сертификатите за успешно завршената обука министерот Спасовски на амбасадорот Силвестри му додели благодарница за поддршката и успешната соработка, додека, пак, директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, му додели благодарница за поддршката и успешната соработка на Масимо Пани, претставник од Делегацијата на ЕУ во земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на средба со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба во Стејт департментот со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу.
„На средбата се разговараше за постигнувањата во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, стратешкото партнерство, политичката и секторската соработка, како и потенцијалот за нивно понатамошно продлабочување“, соопшти Министерството.
Соговорниците заеднички ги потврдиле одличните билатерални и пријателски односи, засновани на вредностите на безбедност, демократија и слобода. Министерот Муцунски упатил благодарност за континуираната поддршка од САД во трансформацијата на општеството, зајакнувањето на капацитетите и спроведувањето на неопходните реформи.
На средбата станало збор и за силното сојузништво во НАТО, активната соработка во мултилатералните организации и заедничкиот придонес кон регионалната и глобалната стабилност и безбедност.
Македонија
Викендов сончево и топло време

Утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 25 до 31 степен.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 31 степен.
За време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот. Потоа ќе настапи зголемување на облачноста.
Македонија
Викендов посебен сообраќаен режим кон манастирот во Калишта

За време на одржувањето на големиот православен празник „Рождество на Пресвета Богородица“ – „Мала Богородица“кој на 20 и 21.09.2025 година се празнува во манастирот во струшкото село Калишта, ОВР Струга, ќе спроведе посебен сообраќаен режим.
Утре (20.09.2025) од 18 часот се до завршување на предвидените верски церемонии, сообраќајот за влез кон манастирот ќе се одвива преку магистралниот пат А-2 Струга-Ќафасан со исклучување кај селото Франгово по локалниот пат до хотел „Изгрев“ односно до манастирот а за излез од манастирот према Струга, сообраќајот ќе се одвива по регионалниот пат Р-1208, Радожда-Струга преку селото Калишта.
Истиот режим на сообраќај ќе биде и на ден 21.09.2025 (недела) со почеток од 08 часот наутро, се до завршување на церемонијата во попладневните часови.
„Со цел, непречено одвивање на сообраќајот во овие околности, апелираме до верниците да го почитуваат сообраќајниот режим и насоките на полициските службеници“, велат од охридската полиција.