Македонија
„Ако влезам во Советот, нема повеќе дремење на телефони, туку битка за Охрид“ – дуел со кандидатите за советници на Охрид
Стевче Стевоски, кандидат за советник во Охрид, смета дека нема потреба да го саботираат ако влезе во Советот на Градот, туку вели дека тој тоа ќе го прави секојпат кога ќе се обидат другите да гласаат нешто спротивно од интересите на граѓаните. Смета дека плажите се уривале селективно, за кои потенцира дека биле користени само од активисти на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Според Стевоски, со влегувањето во Советот на Охрид тоа нема да биде место за дремење и гледање во телефоните, туку, како што рече, тоа ќе биде место каде што ќе се бие битка за подобар Охрид.
„Тој човек не е тоа што е во јавноста. Тој е обичен човек што го возвишија двете политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, желни за нивната власт, за да ја добијат и да раководат со Општина Охрид. Го искористија човекот, односно тој работеше за двете политички партии. Со него победуваа и ги правеа сите бизниси во Охрид. Вината не е кај тој човек, туку кај нашите луѓе што потклекнаа пред интересите на еден човек. Од владеењето на овие две партии ние трпиме штета и денес. Најголемиот проблем е што вие сте матрица, вашиот ген не се менува. Што видовме добро ние за овие четири години, освен капитални инвестиции од Владата, дали имавме одговорност за долгот предизвикан од 50 милиони евра што јас ја барав. Тој долг е знак дека е настанат од одредени активности што биле спротивни на законот. Што е тоа што се направи во Охрид за 50 милиони евра, а треба да се врати? Кажете една-две инвестиции. Тоа е пералница на пари. Ако бидам советник, јас ви гарантирам дека таму можеби и стапови ќе играат и нема да донесете ниедна одлука која ќе биде неосновано задолжување на Охрид“, вели Стевоски за Усеини.
Кандидатот за советник, кој беше и во претходниот состав, Ристо Николески од СДСМ, посочи дека во идниот мандат, кој сметаат дека ќе го добијат, ќе се осврнат на развојот на општината и на туризмот преку текот на целата година. Тој посочи и проекти за млади со кои ќе ги задржуваат во општината, но и инфраструктурни зафати, кои ќе го сменат ликот на градот.
„Стереотип од некогашното владеење и величање одредени личности е дека двете партии ја уништуваат Македонија. Верувам дека Охрид и тимот што го владее градот доволно покажа ажурност, спремност, способност, да ги решат клучните проблеми што се напластувале. На независните им е многу лесно да кажат, но кога имаш багаж и кога си бил претходно на власт, може лесно да кажат дека ова не чини. Колку повеќе листи, толку подобра и подемократска општина. Се исчисти крајбрежјето, а сега ќе се прават плажи по мерка на граѓаните. Хаосот, особено во просторот на ‘Горица 3’ и ’Славија’, беше направен со бекатон и со дискотеки. Општината ќе се заложи за урбана опрема за развој на екологијата и туризмот на плажите. Јас ќе се обврзам за секоја дива градба што има решение за отстранување или е завршен судскиот процес – да биде отстранета. И дивата база и, верувам, односно знам дека таа ќе биде отстранета доколку ние дојдеме на власт“, рече Николески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ избра нови претседатели на повеќе партиски комисии
На првата редовна седница на новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, донесени се одлуки за кадровски освежувања и распишување огласи за раководни позиции во партијата, информира премиерот и лидер на партијата, Христијан Мицкоски, преку објава на Фејсбук.
Извршниот комитет одлучил да распише огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени и Унијата на ветерани, како и генерален избор на претседатели на сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата биле избрани и нови претседатели на повеќе партиски комисии. За претседател на Комисијата за здравство е избран Сашо Клековски, на Кадровата комисија Благоја Ташаминов, на Комисијата за безбедност и одбрана Панче Тошковски, додека за претседател на Комисијата за туризам е избран Аккан Махмут.
За претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е избран Златко Перински.
„Промени. Го слушаме гласот на членството. Вистинскиот избор за заедничка иднина!“, напиша Мицкоски во објавата.
Македонија
Даниел не се замерил со никого, мотивот најверојатно е пари, рече адвокатот на Кајмакоски кој по киднапирањето е стабилен, но под стрес
Македонскиот пејач, Даниел Кајмакоски, беше киднапиран во Белград ноќта меѓу сабота и недела, а по трауматичниот настан моментално се опоравува, со поддршка од семејството и најблиските.
Неговиот адвокат Бранислав Станишиќ потврди дека Кајмакоски е физички стабилен, но дека последиците од шокот сè уште се присутни.
Како што наведе, истрагата е во тек.
„Истрагата е во тек и таа ќе потрае. Што се однесува до Даниел, тој е психички и физички добро, што во овој момент е најважно за него и за семејството. Оваа ситуација остави, условно кажано, последици од шок, но фала му на Бога, ги надминува“, изјави Станишиќ, пренесоа српските медиуми.
„Ако ме прашате за самиот случај, не можеме да изнесеме премногу информации додека осомничените за извршување на ова гнасно кривично дело не бидат приведени пред правдата, бидејќи потрагата по нив сè уште трае. Во договор со полицијата, во овој момент не можеме да споделиме повеќе детали. Осомничените го напуштиле местото кај Рума, односно локацијата каде што автомобилот останал запрен по удар во банкина. Оттогаш ја напуштиле таа област и по нив сè уште се трага“, додаде адвокатот.
Тој изјави дека потрагата се движи во насока на лица кои најверојатно се од турско потекло.
„Засега тоа е информацијата со која располагаме. Најверојатно не се државјани на Република Србија. Зборувале на турски јазик или на некој сличен, а и нивниот изглед упатувал на тоа дека се од некоја таква земја. Не знаеме дали станува збор за мигранти или во каков статус престојувале тука. Со Даниел сум во постојан контакт и реагираме во координација со полицијата“, рече Станишиќ.
Адвокатот нагласи дека Кајмакоски не се замерил со никого и дека немал причина да претпостави дека би можело да му се случи вакво нешто.
„Даниел пред сè е уметник и не е човек кој би можел да препознае знаци дека некој евентуално го следи. Тој лично не забележал ништо. Никогаш никому не му замерил, нема причина некој од лични побуди да посегне по него. Да имало некаков сомнеж, веројатно и самиот би помислил дека нешто вакво може да се случи. Својот работен ангажман го извршува професионално и никогаш не бил дрзок или навредлив кон некого“, изјави Станишиќ.
Тој додаде дека според нивната проценка, мотивот најверојатно бил материјална корист.
„Ова најверојатно е направено со цел стекнување материјална корист. Даниел има доверба во полицијата и убедени сме дека тие професионално ќе си ја завршат работата. Се надеваме дека потрагата по осомничените ќе заврши брзо, бидејќи полицијата е на висина на задачата“, заклучи адвокатот.
Македонија
Четворица заболени од шуга во касарната во Велес, епидемиологот Оранска рече дека болеста е донесена однадвор
Кај четворица слушатели на курсот за професионални војници во велешката касарна е потврдена шуга. Тие се пуштени на домашно лекување и се во стабилна состојба, додека од Армијата велат дека се спроведени здравствени протоколи и дека состојбата на останатите слушатели е под редовен надзор.
Потполковник Лариса Оранска, епидемиолог во Воено-медицинскиот центар, информира дека првиот случај бил регистриран минатиот четврток, по што веднаш бил извршен увид и биле активирани превентивни мерки. Заболеното лице било упатено на специјалистички преглед и домашно лекување, а потоа бил спроведен вонреден здравствен надзор.
Сите присутни војници биле прегледани, при што лицата со кожни промени биле дополнително упатени на специјалист. Останатите се без симптоми и продолжуваат со редовните активности. Оранска посочи дека болеста не потекнува од Армијата и дека, според проценките, е внесена однадвор.
„Шугата сигурно е донесена однадвор. Досега не сме имале во Армијата случај нити кај старешините, нити кај професионалните војници. Тоа е сигурно внесено однадвор“, изјави Оранска.
Во објектите каде што се сместени слушателите е спроведена целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Надзорот ќе продолжи секојдневно, имајќи предвид дека инкубацијата на болеста може да трае од 10 дена до шест недели.
Портпаролот на Генералштабот, потполковник Дарко Стерјовски, изјави дека условите во касарната се во согласност со правилниците и ги отфрли наводите за несоодветни услови, вклучително и тврдењата дека нема топла вода. Според него, во објектот има соодветно греење и услови за нормален живот и обука.

