Македонија
Заев: За нас нема важни и неважни општини
„Кога мислиме на „Најдоброто“ мислиме на одговорна чесна и посветена работа во интерес на граѓаните и општините. Како што за нас нема важни и неважни граѓани, така нема ниту важни и неважни општини, тоа го покажуваме на дело со реализираните над 7.000 проекти низ сите општини, вклучително и овде во Кочани и кочанскиот регион“, порача претседателот на СДСМ во рамките на изборниот караванот „Најдоброто за мојата општина“ од Кочани.
Тој нагласи дека изминатите четири години како никогаш досега се инвестира во развој на инфраструктурата, македонскиот Исток не е веќе слепо црево, туку сега е одлично поврзан и со главниот град и со останатите региони на државата.
„Погледнете ги само патишта околу Кочани, регионалниот пат Кочани – Делчево, патот Кочани – Пониква, патот Тркање – Пишица, Крупиште – Кочани, сите главни артерии во овој дел од државата денеска личат на модерни, европски патишта кои обезбедуваат побрз, побезбеден сообраќај и подобро поврзаност на градовите од овој регион“, нагласи Заев.
„Во Кочани изградивме и опремивме нова детска градинка за 115 деца и центар за ран детски развој во Тркање со капацитет за 40 деца, а во мандатот пред нас Кочани добива нов булеварски влез за побрз влез и излез од Градот, развојот на инфраструктурата освен на регионално, ја унапредуваме и на градско, локално ниво, таквото унапредување ќе донесе и нов мост на Кочанска река“, истакна Заев, додавајќи дека за развој на спортот, за поддршка на младите Кочани добива спортска сала, а грижата за највозрасните граѓаните се докажува со изградба и опремување на Дом за стари и изнемоштени лица.
Ете што носи „Најдоброто“, проекти во интерес на сите граѓани. Сето тоа го постигнавме во одлична соработка со Николчо Илијев и општинската администрација, заеднички верувајќи во проектите што носат развој и подобар живот за сите во Кочани.
„И така ќе продолжиме и во следните четири години. Николчо Илијев држеше лекции и на другите градоначалници како се работи темелно и посветено, како се носат резултати за својата општина за своите сограѓани, затоа Николчо Илијев е „Најдоброто“ за Кочани и затоа заслужува нов мандат, затоа што зад себе има резултатите, каде и да прошетате во Кочани ќе видите некој важен проект реализиран во неговиот мандат“, порача претседателот на СДСМ Зоран Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од утре внимавајте, Безбеден град почнува официјално да казнува со суми од 20 до 500 евра и одземање на возачката дозвола
Од утре официјално започнува примената на системот Безбеден град, со што автоматското снимање и санкционирање на сообраќајните прекршоци влегува во полна функција. Станува збор за интегриран техничко-информациски систем кој преку камери и софтверски алатки ќе ги регистрира прекршоците во сообраќајот, без потреба од директно присуство на полициски службеници на терен.
Во првата фаза, Безбеден град ќе санкционира четири видови прекршоци: пречекорување на дозволената брзина, минување на црвено светло, управување возило со истечена регистрација и непрописно запирање или паркирање. Камерите поставени на клучни сообраќајници и раскрсници автоматски ќе го регистрираат прекршокот, ќе ја идентификуваат регистарската табличка и ќе ја процесираат снимката преку централен систем за верификација.
Откако прекршокот ќе биде утврден, сопственикот на возилото ќе добие известување со фотографски доказ, време и локација на настанот, како и соодветна прекршочна санкција. Постапката е целосно дигитализирана, а човечкиот фактор е сведен на минимум, со цел да се избегнат селективност, субјективност и можни злоупотреби.
Казните за пречекорување на дозволената брзина се определуваат според надминувањето на лимитот:
-
до 20 km/h над дозволеното – 20 евра во денарска противвредност
-
од 20 до 30 km/h – 45 евра
-
од 30 до 50 km/h – 300 евра и забрана за управување од 3 до 12 месеци
-
над 50 km/h – 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување најмалку 12 месеци
Во населено место, санкциите се построги и може да достигнат и до 500 евра, со задолжителна забрана за управување со возило.
Системот Безбеден град автоматски санкционира и минување на црвено светло, за што е предвидена парична казна од 250 евра, како и забрана за управување со моторно возило од 3 до 12 месеци. Доколку прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода, се применува и кривична одговорност.
За управување возило со истечена сообраќајна дозвола, предвидена е казна од 100 евра за возачот и 250 евра за сопственикот на возилото, доколку станува збор за друго лице. Проверката се врши автоматски преку регистрите на МВР.
Казните за непрописно запирање или паркирање изнесуваат 30 евра за стандардни прекршоци, 45 евра доколку возилото го попречува сообраќајот и 50 евра ако е паркирано на место наменето за лица со попреченост. Во случаи кога возилото претставува ризик за безбедноста, се применува и подигнување со пајак-служба, со дополнителни трошоци.
Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа само 50 проценти од износот. По истекот на рокот, санкцијата се наплатува во целост, со можност за присилна наплата.
Надлежните институции посочуваат дека целта на Безбеден град не е репресија, туку превенција и зголемување на сообраќајната безбедност. Очекувањата се дека со автоматското санкционирање ќе се намали бројот на сообраќајни несреќи, особено оние со тешки последици, како и дека ќе се воведе повисоко ниво на сообраќајна дисциплина.
Со стартот на системот, Безбеден град означува нова ера во контролата на сообраќајот – ера во која прекршоците повеќе не зависат од присуство на полициска патрола, туку од тоа дали возачите ги почитуваат правилата.
Македонија
Сезоната за спортски риболов на водите во НП „Маврово“ почнува од утре
Од утре почнува сезоната на спортски риболов по Радика и Мавровското езеро, информираат од управата на Националниот парк „Маврово“. Риболовот ќе биде дозволен до крајот на октомври.
Од НП „Маврово“ појаснуваат дека спортскиот риболов на Мавровско Езеро е дозволен до 31 мај за време на викенд и државни празници, а понатаму ќе може да се риболови секој ден. Спортскиот риболов на Мавровско Езеро е дозволен за сите видови риби, освен пастрмка, која е во период на природен мрест.
По Радика и притоките дозволени денови за риболов од 01.02.2026 година до 30.09.2026 година се: петок, сабота, недела и државни празници. Во летните месеци јули и август, риболовот ќе биде дозволен секој ден.
За ловење риби на територијата на НП „Маврово“ потребно е да се купи риболовна дозвола и да се поседува легитимација за спортски риболов со платена членарина за тековната година.
Од Националниот парк „Маврово“ испраќаат апел до сите спортски риболовци да ги почитуваат законските одредби, забраните за риболов на одредени видови риби во одредени периоди од годината, како и дозволениот број и минималната големина на уловот.
Дневната риболовна дозвола чини 300,00 денари, годишна, 5.000,00 денари, додека за категориите ученици, студенти и пензионери годишната дозвола чини 3.000,00 денари. За месното население износите се за половина пониски од редовните. Дозволите може да се набават во Информативниот туристички центар во Маврови Анови и онлајн на сајтот на паркот.
Македонија
Најстудено утрово било на Попова Шапка каде се измерени -5 целзиусови степени
Најстудено утринава било на Попова Шапка каде се измерени -5 целзиусови степени, а температури под нулата се измерени и во Битола, Берово, Маврови Анови, Прилеп, Крушево и Претор.
Во Петровец, Охрид, Штип, Велес и Крива Паланка утринава се измерени нула степени, а максималната утринска температура била 4 степени и е измерена во Гевгелија.
Синоптичарите за денеска најавуваат променливо облачно време со сончеви периоди и наместа со услови за повремен слаб дожд, а на планините од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец, а максималната температура ќе биде во интервал од 7 до 13 степени.
Во Скопје, слично време со дневна температура до 10 степени.

