Свет
Претставена новата ултралесна руска ракета „Иркут“, тешка 25 тони
Руското министерство за одбрана ги претстави техничките карактеристики на новата ултралесна ракета-носач „Иркут“.
Материјалот е објавен во новиот број на списанието „Вселенска техника и технологија“, кое го објавува ракетната и вселенска корпорација „Енергија“, пренесува РИА Новости.
Планирано е новата ракета да биде лансирана од космодромот Плесецк, а се претпоставува дека ќе има два вида ракети – за еднократна и повеќекратна употреба.
Масата на ракетата за еднократна употреба ќе биде 23,6 тони, а ќе може да однесе 584 килограми товар во орбитата на Земјата (200 километри).
Ракетата за повеќекратна употреба ќе тежи 25 тони и ќе може да носи 398 килограми товар во орбитата на Земјата.
Првото лансирање на двата вида ракети е планирано за 2024 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанските студенти планираат протести против Израел
Студенти ширум Шпанија во наредните денови би можеле да започнат протести против „геноцидот што го изврши Израел во Палестина“ по примерот на универзитетите во САД, Холандија и Белгија, изјавија нивните претставници за шпанските медиуми.
На Филозофскиот факултет во Валенсија, приморски град на југозападот на земјата, студентите веќе една недела спијат во шатори и секојдневно протестираат.
„Бараме од нашиот универзитет да ги прекине сите врски со институциите и компаниите кои соработуваат со Израел“, изјави 20-годишната Естер Монге, студентка по политички науки и социологија за весникот „Ел Паис“.
Во моментов бројни универзитети одржуваат состаноци на кои студентите и професорите гласаат за блокадите на факултетите.
„Студентскиот совет ќе одлучи за активностите во наредните денови“, рече Марија Хозе Лера, координаторка на Палестиниум, група за солидарност со палестинските аспирации.
Лера, која има докторат по психологија на Универзитетот во Севиља, вели дека моментално се одржуваат состаноци на универзитетите во Мадрид, Сарагоса, Барселона, Жирона, Гранада и други градови.
Во понеделникот стотици студенти се собраа пред Универзитетот во Барселона каде ги развиорија своите транспаренти.
„Сакаме нашите факултети да ги прекинат сите односи со Израел и компаниите што работат таму“, рече 24-годишниот Пабло Кастиља, дипломиран студент по јавна политика.
Во Мадрид се уште нема протестно кампување, но има демонстрации. На автономниот универзитет во Мадрид, планираното предавање за НАТО беше откажано под притисок на пропалестинските демонстранти.
Друг јавен универзитет, Universidad Complutense de Madrid, објави декларација со наслов „Со Палестина, против геноцидот во Газа“.
„По влошувањето на насилството врз палестинскиот народ, ги повикуваме професорите, истражувачите и вработените во администрацијата да се спротивстават на колективното казнување на Палестинците што го спроведува Израел“, се вели во декларацијата усвоена од администрацијата на Факултетот за политички науки и социологија.
Сведоци сме на геноцидот врз палестинскиот народ, што е продолжение на децениското систематско насилство врз палестинскиот народ и неговата присилна емиграција“, се вели во декларацијата објавена на веб-страницата на факултетот.
Свет
Италијанскиот министер за одбрана: Треба да преговараме со Путин
Италијанскиот министер за одбрана, Гидо Крозето, изјави дека санкциите наметнати на Русија не успеале и го повика Западот да направи повеќе за да преговара за дипломатско решение со претседателот Владимир Путин со цел да се стави крај на војната во Украина.
Крозето за весникот „Месаџеро“ изјави дека Западот погрешно верувал дека санкциите може да ја запрат руската агресија и го прецениле неговото економско влијание во светот.
„Наместо тоа, единствениот начин да се реши оваа криза е сите да бидат вклучени, прво да се воспостави примирје, а потоа мир“, рече Крозето. На забелешката на новинарот дека Путин не покажал волја за преговори, министерот за одбрана на Италија одговорил дека „тоа е добра можност да се потрудиме повеќе“.
„Не смееме да пропуштиме ниту еден дипломатски пат, колку и да е тесен“, посочи тој. Тој, сепак, ја бранеше одлуката на Италија да продолжи да испраќа оружје во Украина со цел „да се обезбедат време и услови за постигнување прекин на огнот и мир“.
Министерот исто така предупреди дека во случај Русија да го окупира Киев „тоа неизбежно ќе доведе до конфликт со други земји, кои нема да прифатат руски тенкови да се наоѓаат на нивните граници“.
Тој ја нарече минатогодишната украинска контраофанзива грешка со оглед на воената супериорност на Русија велејќи дека лично го предупредил украинскиот претседател Володимир Зеленски дека е осудена на пропаст, „но тој не го послушал“.
Свет
Би-би-си: Русија можеби регрутира кубански државјани да се борат во Украина
Русија веројатно регрутирала кубански граѓани да се борат во Украина, ги пренесува Би-би-си резултатите од својата истрага.
Според извештаите, Кубанците биле намамени во руската армија со високи плати и пасоши, а во септември и октомври 2023 година на интернет на проукраинската платформа „Информ напалм“ излегоа податоците за пасошите на речиси 200 Кубанци, кои наводно ѝ се приклучиле на руската армија“, пренесува медиумот.
Според написите, документите излегоа на интернет и извештаите во медиумите сугерираат дека на Кубанците им се нудат месечни исплати од речиси 2.000 долари, што е огромна сума за Куба, каде што просечната месечна плата е помала од 25 долари, според Би-би-си. Рускиот пасош овозможува безвизно патување до 117 дестинации, а сопствениците на кубански пасоши се ограничени на 61.