Македонија
Антикорупциската не ги прифати приговорите од Левица за Арсовска и од СДСМ за Димитриевски
Државната комисија за спречување на корупцијата ги одби приговорите кои на 5 октомври до неа ги поднеле политичката партија Левица и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ. На седницата ДКСК одлучи постапката по изнесените наводи да ја запре.
Членот на ДКСК, Нури Бајрами, кој го образложи првиот приговор, рече дека наводите од приговорот на Левица за финансирањето на политичкото рекламирање на кандидатката Данела Арсовска, не се потврдени и правно неиздржани и затоа ДКСК не е во можност да предлага мерки во согласност со своите надлежности.
Од анализата на изнесените наводи од приговорот и посочените одредби на Изборниот законик, како што посочи Бајрами, се потврдува дека Арсовска и коалицијата „Обнова за Македонија“ настапуваат како два различни субјекта и нема склучено официјален писмен договор за коалиција на двете страни.
Потенцира и дека е точно оти Арсовска ги користи правата на медиумско претставување и финансиските средства за платено политичко рекламирање кои се предвидени и следуваат на опозициската коалиција „Обнова на Македонија“, што се потврдува преку писмениот одговор добиен од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
„Во одговорот покрај наведено стои дека според обработените снимки од програмите на радијата и телевизиите не регистрирале политичко рекламирање со Данела Арсовска, а во дел од емитуваното платено политичко ркеламирање нарачано од ВМРО-ДПМНЕ и на радија и на телевизија има спотови и за таа кандидатка. Во продолжение на одговорот од Агенцијата се вели дека рекламирањето на Арсовска во рамки на платеното политичко рекламирање нарачано од ВМРО-ДПМНЕ не е спротивно на упатството за платено политичко рекламирање за локалните избори“, истакна Бајрами.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска во врска со вториот приговор, рече дека според распоредот од ДИК, независниот кандидат Максим Димитриевски кој е кандидат за градоначалник на Куманово има добиено три локации, додека во приговорот стои дека има девет локации дополнително обезбедени преку системот „прв дојден и прв услужен“.
Во приговорот се наведува дека со низа дејствија на независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово, предложен од група избирачи „За наше Куманово“, Максим Димитриевски му е овозможено да користи поголем број рекламни паноа и билборди од предвидените 10 проценти согласно ченот 78 став 4 алинеја 4, а во врска со ставот 2 на истиот член од Изборниот законик како вкупен процент на дозволени рекламни паноа и билборди кои може да се користат за политичко рекламирање на територијата на определена општина, а во случајот општината Куманово.
„Тој своите три билборди си ги користи и плус останатите заради тоа што законот му дава право, меѓутоа моментот како да се користат неискористените, не е регулиран и ние од тука немаме основ како било да изреагираме односно да изречеме мерка во однос на независниот кандидат“, додаде Ивановска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Градоначалникот Ќура ангажирал фирма што ќе утврди зошто е загадена водата во Струга
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги утврдува причините за загадувањето на водата во градскиот водовод, која тој лично ја ангажирал.
Тој изјави дека Општината презема мерки за надминување на проблемот поради кој жителите веќе една недела не можат да ја користат водата, која од чешмите тече заматена и со темнокафеава боја, поради што е забранета за пиење и употреба.
Македонија
Јаневска: Јавната дебата за Законот за високо образование не е завршена
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите.
Одговарајќи на новинарско прашање на традиционалната прослава по повод празникот Свети Трифун на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Јаневска рече дека сѐ уште не е завршена јавната дебата и најави дека од следната недела, по договор со универзитетите, Министерството ќе оди во нивна посета на јавна расправа.
– Сè уште не е завршена јавната дебата, сè уште очекуваме забелешки. Ние добиваме на ЕНЕР, добиваме и преку мејлот, но очекуваме и универзитетите официјално, на било кој пат, да ги достават своите интегрирани забелешки, бидејќи делот не се повторува. Сè што сметаме дека е разумно ќе биде прифатено. Сè што сметаме дека можеби ќе претставува проблем ќе биде дискутирано. Тоа значи средба на Министерството за образование и наука со сите професори кои ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе ги дискутираме спорните членови, и гледам дека во најголем број нема никакви забелешки. Спорни остануваат неколку членови за кои треба да се договориме и да дискутираме, рече Јаневска.
Вели Македонија веќе нема време за просечни и потпросечни резултати.
– Потенцирам, ние веќе немаме време да си играме со образование и наука. Немаме време за просечни и потпросечни резултати кои нè доведуваат во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски поддржува напредок, рече Јаневска.
На традиционалната прослава, претходно, Јаневска им го честиташе празникот на граѓаните, особено на земјоделците, лозарите и овоштарите, и изрази поддршка за Факултетот за земјоделски науки и храна.
– Ние, како Влада, ќе ги поддржуваме ваквите проекти и ваквата активност, бидејќи цениме дека немаме веќе време за просечни и потпросечни резултати, рече Јаневска.
Македонија
Работниците се двојно попродуктивни од она што го добиваат преку платите, велат од ССМ
Македонските работници создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност од она што го добиваат како плата, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), кои денеска ги посочи Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според индикаторот за бруто домашен производ по одработен час, продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Пресметано на месечно ниво, со просечни 168 работни часови, еден работник создава 297.024 денари економска вредност.
Наспроти тоа, нето минималната плата во државата изнесува 24.379 денари, што значи дека работник кој зема минимална плата добива само 17 проценти од вредноста што ја создава.
Од ССМ оценуваат дека распределбата на создадената вредност е „непропорционална и неправедна“, при што најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација, даноци и други капитални трошоци, а не кај работниците.
-Очигледно е дека обидите да се сопре растот на минималната плата не произлегуваат од продуктивноста на работниците, туку од тоа колку се богати газдите и функционерите на сметка на работничкиот труд, наведуваат од ССМ.
Според синдикатот, продуктивноста на македонските работници е повисока од онаа во дел од земјите во регионот, како Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, а блиску до нивото на Бугарија. Сепак, минималната плата во Македонија останува значително пониска од повеќето соседни земји.
ССМ заклучува дека работниците се експлоатирани, а ваквата состојба, според нив, е поддржана од страна на работодавачите и институциите, нагласувајќи дека во државата постои економски простор за поголем раст на платите.

