Македонија
Арсовска: Во соработка со турските граѓански организации ќе создаваме политики и стратегии за развој на градот

Кандидатката за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска, денеска беше на средба со Македонската унија на турски граѓански организации (МАТУСИТЕБ) на која ја даде својата поддршка за работата на оваа организација и вети дека ќе ја гради комуникацијата во интерес на негување на културата и традициите кои ги имаат двата блиски народи.
Претставниците на МАТУСИТЕБ пред Арсовска ја претставија работата и проектите на организацијата, како и заложбите за градење пријателски релации и потенцијалите за поширока соработка.
„Скопје е мултирелигиозен, мултикултурен и мултиетнички град и од големо значење е поддршката која ја добиваме од сите организации во интерес на развој на економијата, општествените и културните вредности на градот. Заедничкиот живот и соживот е богатство кое го има Скопје и ние ова ќе го дигнеме на едно повисоко ниво, над политиката, ќе го направиме европска метропола која ја негува традицијата, а во исто време гледа кон иднината. Скопје ќе биде град на сите заедници“, изјави Арсовска на средбата.
На средбата, исто така се разговараше и за Старата скопска чаршија, како симбол на обединување, соживот и зближување на различностите.
„Скопската стара чаршија е омилено место на многу скопјани, уникатна и полна со традиција и претставува вековно обележје на градот. Нема некој кој не ја посетил и кој не е воодушевен од неа. Таа е центарот за собирање на сите генерации, голем број уметници, туристи. Живее во духот на традицијата и крие интересни приказни за едно минато кое оставило белег буквално во секое ќоше. Скопската чаршија ги поседува вредностите што ние треба да ги промовираме и зајакнеме со заедничка соработка и со вклучување на турските граѓански организации во креирањето политики и стратегии за развој“, изјави Арсовска.
Турската заедница отсекогаш придонесувала и ќе продолжи да придонесува за економски развој на градот, но и за јакнење на социјалната структура и збогатување на културата, заклучија на крајот на средбата претставниците на МАТУСИТЕБ и Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЕУ ни порача: Тоа што е договорено е договорено, нема што ново да се договара

Тоа што е договорено е договорено, нема што повеќе да се договара, рече претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за тоа дали може Македонија да добие гаранции за да ги спроведе уставните измени.
Првиот човек на Европскиот совет вели дека држата треба да го исполни договореното од 2022 година, и нема повеќе простор да се бара нешто друго за договор.
„Не ни е потребен план ‘Б’, само треба да го исполниме планот ‘А’“, рече Кошта.
Според премиерот, Христијан Мицкоски, преговарачката рамка е грешка на претходната Влада на СДСМ и ДУИ, а уставни измени без гаранции се неприфатливи, без испорака од другата страна.
„Ние тоа не можеме да го прифатиме, без да видиме добра волја и испорака од соседната страна. Не можеме ние да менуваме Устав по којзнае кој пат, а без да имаме јасна порака и јасна испорака од другата страна, тоа е бугарската страна, затоа сакаме да разговараме за да го решиме тој проблем“, рече Мицкоски.
Премиерот изрази подготвеност во било кое време да дојде во Брисел, во присуство на висок претставник од ЕУ, на преговори со Бугрија.
Мицкоски и Кошта заедно заминаа во Тирана, на самитот на Европската политичка заедница. Премиерот најави добри вести за Македонија.
Македонија
Австриската министерка за надворешни работи доаѓа во Скопје

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре, 16 мај, ќе биде домаќин на министерката за надворешни работи на Република Австрија, Беате Мајнл-Рајсингер, информира МНР.
Ова е прва посета на министерката Беате Мајнл-Рајсингер на нашата земја по стапувањето на функцијата министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија на 3 март 2025 година.
„Во фокус на разговорите ќе биде унапредувањето на билатералните односи, реафирмирање на австриската поддршка на македонската интеграција во Европската Унија, како и размена на мислења за клучни регионални, европски и глобални прашања“, велат од МНР.
Македонија
Таравари официјално поднесе оставка: „Одлуката ја донесов по лична и професионална проценка“

Министерот за здравство, воедно и претседател на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, попладнево официјално поднесе оставка од министерската функција.
Во писмената оставка што ја доставил до премиерот, Христијан Мицкоски, наведува дека одлуката ја донел по внимателна лична и професионална проценка.
„Со ова писмо, Ве известувам дека поднесувам неотповиклива оставка од функцијата Министер за здравство на Република Северна Македонија. Одговорноста што ја преземав со оваа функција ја извршував со максимална посветеност, транспарентност и чувство на должност кон граѓаните и државата. Одлуката ја донесувам по внимателна лична и професионална проценка, уверувајќи дека овој чекор е во најдобар интерес и за институцијата и за моите лични принципи. Ви благодарам за довербата и можноста да бидам дел од Владата во еден исклучително значаен период за здравствениот систем. Останувам отворен за соработка и поддршка во иднина, секогаш водејќи се од јавниот интерес“, пишува во оставката.