Македонија
Арсовска на средба со Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност Скопје“

Кандидатката за градоначалник на Скопје Данела Арсовска денеска се сретна со претставници од Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност Скопје“, со кои разговараше за нивните актуелни проблеми и предизвици, а беа дискутирани и нивните барања во насока на унапредување и подобрување на секојдневното функционирање на лицата со попреченост.
„Добар дел од барањата на лицата со попреченост во рамките на остварување на нивните права веќе се дел од моите заложби и дел од приоритетните проекти од мојата програма. Ќе се вградат рампи и лифтови во сите јавни установи, а Градот Скопје ќе го мотивира и поддржи и приватниот сектор да го следи овој пример. Се предвидува и инфраструктурно подобрување во сообраќајот со воведување семафори со звучна сигнализација и тактилни патеки за слепите и лицата со оштетен вид, а новите автобуси ќе имаат соодветни ниски платформи за полесен пристап на лицата со инвалидитет. Ќе се зголеми и бројот на социјални работници коишто ќе ги придружуваат во училишните клупи учениците со попреченост, а за најмладите ќе бидат изградени специјални инклузивни игралишта“ – истакна Арсовска на средбата.
Претставниците од Здружението уште посочија дека долго чекаат да стигнат на ред за остварување на своите права поради што бараат брзи и ефикасни решенија и поголем слух и поддршка од институциите.
„Нема да дозволам незадоволството кај оваа категорија граѓани уште повеќе да расте, затоа се обврзувам на взаемен дијалог и изнаоѓање конкретни решенија, уште на почетокот на мојот мандат. Сметам и дека е неопходно лицата со попреченост да бидат вклучени во сите сфери од општествениот живот. За потребата на поголема инклузија и нивно вработување планирана е реализација на проект за унапредување на пристапот на лицата со попреченост на отворениот пазар на трудот“ – заклучи Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова: Ромите не заслужуваат маргинализација и дискриминација, туку отворена поддршка и рамноправност во сите права

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на второто издание на годишниот настан „Разговори за еднаквост“ којшто годинава Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го организираше на тема „Право на домување на Ромите“.
Во своето обраќање Сиљановска-Давкова истакна дека не треба да се зборува само за статистика или политики, туку да се чуе за нееднаквоста, за животните искуства на Ромите, како најранлива категорија наши граѓани, кои се соочени со системска и со структурна дискриминација врзана за законско непоседување сопствен дом или стан, „осуденост“ на живот во непостојано, несигурно или супстандардно живеалиште на периферијата, без пристап или отежнат пристап до вода за пиење, без услови за лична хигиена, во недостиг на животен простор, односно катче за секој член на најчесто многудетното семејство.
Како претседателка која ги претставува сите граѓани, таа посочи дека има политичка, правна, етичка и морална обврска да не дозволи ниту една заедница да се чувствува запоставена, изоставена, маргинализирана, дискриминирана.
Според неа, потребна е не само институционална, туку и индивидуална човечка борба за надминување на предрасудите, на стереотипите и докажана грижа за најранливите, односно обид за согледување на Ромите низ ромски очи, заради уривање на (не)видливите ѕидови зад коишто е изолирана и маргинализирана ромската заедница. Потребни се чекори за вклучување на Ромите во општествениот и политичкиот живот.
,,Потребна е инклузивна, наместо ексклузивна политика на домување во чие креирање ќе учествуваат и Ромите” – рече претседателката.
Во општините со доминантно ромско население, според претседателката, мора да се применуваат исти урбани стандарди, вклучувајќи ги и оние на домување како и во другите општини.
Сиљановска-Давкова посочи дека на нашите сограѓани Роми секогаш им вели дека не се дојденци во оваа земја, туку таа е и нивен дом. Порача дека тие не заслужуваат маргинализација и дискриминација, туку отворена поддршка и рамноправност во сите права, вклучувајќи го и правото на пристоен дом.
Настанот на којшто се обратија и шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Михалис Рокас, заменик министерот за локална самоуправа, Ерџан Селими, претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Лимко Бејзароски и лидерката на компонентата 4 од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, Барбара Лигл е финансиран од ЕУ и имплементиран од Лудвиг Болцман Геселшафт – Институт за фундаментални и човекови права (LBI-GMR), австриско владино тело кое функционира како институт за истражување, обука и консултации.
Македонија
Хеликоптер на МВР исфрли повеќе од 30 тони вода во реонот на Дојран

Денеска во попладневните часови хеликоптерот бел 412 беше повикан за гасење пожар во реонот на Дојран, соопшти МВР.
Притоа во 22 налети биле исфрлени преку 30 тони вода.
„Поради ноќните услови хеликоптерот се повлече во базата“, информираа од ова министерство.
Македонија
Морбидни обивнувања на Мицкоски и измислени приказни за пожарите, велат од СДСМ

Нема крај на морбидното однесување на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мцикоски. Во услови на огнена стихија и прогласена вонредна состојба на територија на целата држава, партијата на власт наместо да бара решенија, бара изговори за катастрофата, реагираат од СДСМ.
„Минатата година со ВМРО-ДПМНЕ на власт изгореа помеѓу 10% и 15% од целокупната територија на земјата. И тогаш наместо одговорност, Мицкоски бараше виновници додека ветуваше дека ЌЕ биде подобро следната година.
Точно една година подоцна, во моментов гори тоа што остана од шумите и зелените површини низ земјава да догори.
Нема нова опрема – промовираа стари реновирани хермелини и БТР кои ги нема никаде на терен бидејќи веќе се во сервис.
Нема нови авиони, поточно, воопшто нема авиони.
Нема пилоти, иако ветуваа дека за една година ќе обучат и вработат доволно нови пилоти.
Нема нови пожарникари, а сега за 24.000 денари бараат привремени пожарникари кои би требало за минимална плата да го ризикуваат сопствениот живот. Цела година немаат абер да почнат да работат“.
Населението, додаваат од опозициската партија, само се спасува, кравите бегаат и не ја пасат тревата, пожарите беснеат, само Мицкоски не е крив.
„Мицкоски е одлепен од реалноста. Веќе има една жртва од пожарите, а наместо збор на утеха или превземање на мерки, Мицкоски повторно забегува во некрофилска реторика и бара виновници, бркајќи духови“, оценуваат од СДСМ.