Македонија
(Видео) Каевски: Арсовска со своите фирми ја оставила салата „Расадник“ руина

Освен што не плаќала струја, Данела Арсовска со своите и со семејните фирми ја оставила салата „Расадник“ руина, целосно запуштена, oбвини денеска претставникот на СДСМ, Дарко Каевски.
„Фирмата на Данела Арсовска, ‘Империјал Данела’ ДООЕЛ Скопје, понатаму ‘Империјал’ ДООЕЛ Скопје, во 2002 година потпишала договор за закуп на спортската сала ‘Расадник’. Со членот 4 од договорот фирмата на Aрсовска се обврзала да ја реновира покривната конструкција, да го смени паркетот на теренот, да ги реновира соблекувалните и да го уреди просторот околу салата“, нагласи Каевски, кој го приложи и договорот, кој, како што рече, Арсовска го потпишала на 10 јануари 2002 за месечна закупнина од 1.000 евра плус ДДВ.
Претставникот на СДСМ рече дека договорот има и анекс, со кој се надополнува членот 4 и се додаваат и хотел со 24 легла, пет терени за сквош, фитнес-центар, отворен базен, помошни објекти и петнаесет бунгалови.
„Ништо од ова како што гледате не е направено. Ова е потврда дека Данела не може да управува ниту со сала, а најмалку со град. Со неа на чело на Градот, и Скопје би бил запуштен и запоставен како оваа сала“, обвини Каевски порачувајќи дека в недела граѓаните ќе го заокружат бројот 12 за, како што рече, Скопје да остане во сигурни раце.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Тендерите во РЕК и ЕСМ, во време на власт на Заев и Филипче завршуваа само кај ним омилената фирма, Марковски компани

Тендерите во РЕК и ЕСМ, во време на власт на Заев и Филипче завршуваа само кај ним омилената фирма, Марковски компани, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„За неколку години, оваа фирма доби над 200 милиони евра во тендери, а дел од тие пари потребно е да се истражат дали завршиле во фирмите на Заев и Филипче во Бугарија. Поради сиве овие местенки и испумпувања на буџетот, како и заштита од поединци од судството на Заев и Филипче, сопственикот на Марковски компани доби куќен, наместо затворски притвор.
Една од историско најголемите зделки во РЕК и ЕСМ, ја добила токму Марковски компани, од неверојатни 46 милиони евра.
Иако, на овој тендер се пријавиле и други фирми со 30% пониска цена, Заев и Филипче овој тендер му го доделиле на Марковски компани.“, се вели со партиското соопштение.
Прашањето кое остана неодговорено е каде завршиле овие дополнителни 30% средства, односно во бројка околу 14 милиони евра? Дали овие 14 милиони евра завршиле на сметка на фирми на Заев и Филипче во Бугарија? Зошто Заев и Филипче молчат?, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.
„На ваков начин СДС работеше долги година на власт. Тендери си делеа неколку луѓе од врвот, како Заев и Филипче, а потоа си ги делеа и си инвестираа во фирми. Од друга страна, беа заштитени од страна на судството и обвинителството, кое тие го држат под контрола. Затоа, ги повикуваме граѓаните, да го поддржат бројот 9, и да го направат вистинскиот избор. Со твојот човек, за твоето место, за твојата иднина“, завршуваат од владејачката партија.
Македонија
Последна седмица од кампањата за локалните избори 2025

На една седмица од Локалните избори 2025, кои ќе се одржат на 19 октомври, политичките партии, коалициите и независните кандидати продолжуваат со претставување на своите програми и кандидати пред граѓаните. Денеска се најавени митинзи и директни средби во повеќе општини низ државата.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе ги претстават своите кандидати во Чучер-Сандево, Свети Николе и Штип, додека СДСМ има најавено активности во Ново Село, Босилово, Василево, Радовиш и во Струмица.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, ќе се обрати на прес-конференција што ќе се одржи во 10:30 часот во неговиот Штаб наспроти „Тренд“ во центарот на Скопје.
Каја Шукова – кандидатка за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ и Коалицијата ќе даде изјава за медиумите во Градски парк кај Кермез во 11:30 часот.
Со почеток во 12:00 часот, кандидатот на Вреди за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, ќе одржи прес – конференција во неговиот изборен штаб на плоштад Скендербег.
Прес-конференција во седиштето на ДУИ во Скопје денеска напладне ќе одржи потпретседателот на Демократската унија за интеграција Арбер Адеми на која ќе се обратат и кандидатот за градоначалник на Гостивар, Валбон Лимани, и кандидатот за градоначалник на Јегуновце, Насир Абази.
Кампањата официјално завршува на 17 октомври на полноќ, по што следува изборниот молк пред гласањето на 19 октомври. Вториот круг е закажан за 2 ноември.
Македонија
Сончево со мала до умерена локална облачност

Времето во Македонија денеска претпладне ќе биде променливо облачно, во текот на денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Утре времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и дневни температури од 16 до 22 Целзиусови степени. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.