Македонија
(Видео) Видеообраќање на Шилегов: Скопје станува европска метропола каде луѓето се важни

Актуелниот и иден градоначалникот Шилегов со видеопорака се обрати на граѓаните на Скопје, масовно да излезат на гласање в недела, на 17 октомври. Тој во своето обраќање потенцираше дел од своите завршени и идни проекти, со верба дека Скопје, чекор по чекор, ќе продолжи да ја развива својата поинаква приказна што започна пред четири години.
„Почитувани скопјанки и скопјани, зад нас се четири успешни години во кои ги поставивме темелите на ново, модерно Скопје. Јас и мојот тим храбро започнавме проекти кои ги решаваат клучните проблеми во нашиот град за следните 50 години. Сообраќајните решенија кои ги реализираме ќе значат град без метеж, а Скопје ќе ја добие најголемата пешачка зона од сите европски градови. Со ова, Скопје целосно се менува и станува европска метропола со многу јавен простор, зеленило и врвна инфраструктура. За само четири години го намаливме загадувањето двојно, ги исчистивме сите депонии во градот и ги претворивме во паркови. Изградивме 4 нови булевари, реконструиравме 40 улици и градиме два нови мостa. Но, работа има уште многу и сега не смееме запреме“, вели градоначалникот Шилегов во своето обраќање.
„Драги мои сограѓани, Скопје стана град кој се грижи за сите граѓани подеднакво. Град кој вложува подеднакво од двете страни на Вардар. В недела не избираме само градоначалник, в недела избираме заедничко и солидарно Скопје или враќање кон поделбите и нееднаквоста на ВМРО-ДПМНЕ. В недела бираме дали Скопје останува да се движи во правилна насока или ќе се враќа кон лажниот барок, нови грабежи и потрошени 680 милиони евра за некое ново Скопје 2014“, потенцира градоначалникот Шилегов.
„За мене политиката е само средство за создавање услови за достоинствен живот за секој човек. Тоа е политика која гради мостови и обединува, политика која го води Скопје кон заедницата на најразвиените градови во Европа. Мојата политика има јасна цел – модерна инфраструктура, врвен јавен транспорт и чиста и здрава животна. Јас го сакам Скопје каде младите со задоволство ги создаваат своите семејства, Скопје во кое сите се добредојдени, зелено Скопје со насмеани, задоволни и среќни луѓе. Скопје, силен град каде што луѓето се важни“, продолжува Шилегов.
„Мостовите, булеварите и тунелите кои ги градиме не се само комплексни и важни градежни зафати. Тие се реализација на мојата визија за поврзан град. Тие ги поврзуваат луѓето и го прават Скопје единствено и силно. Ова е Скопје што сакам да продолжам да го градам со сите вас. Ја барам вашата поддршка за заедно никогаш да не застанеме. А јас ќе продолжам да бидам градоначалник на кој луѓето и Скопје секогаш му се на прво место“, заврши градоначалникот Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски од Мала Преспа: Македонскиот дух тука живее силно и гордо

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со министрите за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков се во посета на Македонците во Мала Преспа каде присуствуваат на фестивалот „Македонско културно лето“–симбол на истрајноста и духот на македонската заедница во Албанија.
„Фестивалот претставува жив сведок на богатството на македонската култура, уметност и традиција и испраќа јасна порака дека македонскиот идентитет не познава граници. Наша обврска е да го зачуваме и промовираме, секаде каде што чука македонско срце”, потенцираше министерот Тошковски.
Во рамки на посетата на Пустец министрите остварија средба со градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колевски со кого разговараа за конкретни начини на поддршка од страна на македонската држава.
„Како Министерство за внатрешни работи, подготвени сме да го олесниме процесот за издавање на лични документи на оние жители кои имаат македонско државјанство и да преземеме мерки за олеснување на граничниот проток на преминот Стење, особено во сезоната на берба на јаболка, кога многу жители од овој крај доаѓаат на работа во Ресенскиот регион“, истакна министерот Тошковски.
Присутните вечерва имаа чест да го проследат настапот на велешкиот театар – силна потврда дека македонската култура обединува, каде и да се наоѓа.
„Мала Преспа е прекрасна, но уште повредно е чувството дека македонскиот дух тука живее силно и гордо“, заврши министерот Тошковски.
Македонија
Улиците во Карпош вечерва во тотален мрак

Општина Карпош во моментов е без улично осветлување поради пад на системот.
Од Општината информираа дека во моментот се работи на отстранување на проблемот и повторно подигнување на системот.
Се очекува осветлувањето да биде нормализирано во најбрзо време.
Македонија
Костадинов го замрзнува членството во СДСМ, најави ново политичко делување

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, соопшти дека го замрзнува членството во СДСМ, незадоволен од сегашното раководство и од насоката во која се движи партијата. Како што наведе во објава на социјалните мрежи, одлуката е донесена од чесност и срце, со уверување дека СДСМ треба да се врати таму каде што и е местото.
Костадинов порача дека во моменталната политичка состојба не гледа реална понуда и визија за градот, додавајќи дека не сака да се кандидира по инерција или без конкуренција. Тој нагласи дека во изминатите 11 години не изгубил ниту едни избори и дека секоја негова победа била победа за Струмица.
Во своето обраќање, Костадинов ги потенцираше реализираните проекти во Струмица, како електричниот јавен превоз, велосипедските патеки, нови паркови.
Иако го замрзнува членството, тој изјави дека останува социјалдемократ по вредности, но и дека не може да молчи кога гледа немање став и храброст кај раководството на СДСМ.
Најави и создавање ново интерпартиско делување кое ќе биде презентирано по локалните избори, а за кое вели дека ќе има целосно прецизна стратегија со цел обединување авторитети.
Конечната одлука за неговото идно делување, Костадинов, ќе ја соопшти по завршување на локалните избори.
СДСМ денес соопшти дека за нов градоначалник на Струмица ќе го кандидира претседателот на општинската организација, Марјан Даскаловски.