Македонија
ДИК го заврши пребројувањето во Куманово – Димитриевски води со 22 гласа пред Илиевски
Актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, води пред кандидатот на СДСМ Оливер Илиевски за 22 гласа, согласно последната промена направена од Државната изборна комисија (ДИК).
Двајцата добиле по 32 отсто од гласовите. Димитриевски е во блага предност со 32,79 отсто од гласовите на оние кои вчера излегоа на гласање, односно за него гласале вкупно 15.164 кумановци. За Илиевски гласале 32,74 отсто од граѓаните, односно добил 15.142 гласа.
Предноста на Димитриевски, од првичните резултати вчера, постојано се намалуваше како што течеше обработката на податоците. Според последната објава на ДИК, пребројани се 100 отсто од гласовите, односно 93.986 гласови.
Во Куманово ќе има втор круг за избор на градоначалник во кој граѓаните ќе избираат меѓу Димитриевски и Илиевски.
Кандидатот на ВМРО – ДПМНЕ за градоначалник на Куманово, Тони Михајловски, освои 8.567 гласови или 18,56 отсто од вкупниот број гласови. Кандидатот на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Беким Салиу освои 4.254 гласа или 9,21 отсто, а најмалку гласови во Куманово освои кандидатката на ЛДП и ДОМ, Теодора Димитровска. За неа гласале 1.026 кумановци, односно добила 2,22 отсто од гласовите на граѓаните кои излегле на гласање.
За изборниот резултат и за плановите з вториот круг, градоначалникот Димитриевски најави прес-конференција во 13 часот на плоштадот во Куманово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

