Македонија
Арсовска: Во вториот круг влегувам со голема предност, време е за модерно и современо Скопје
Независната кандидатка за градоначалничка на Скопје Данела Арсовска со повик до скопјани и во вториот круг да ја поддржат на ист начин како што ја поддржале во првиот, ја почна кампањата за вториот круг на локалните избори.
Таа соопшти дека според податоците што ги добила од ДИК нејзиното водство пред кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов, изнесува 5334 гласа.
„Да ви кажам искрено, овие три недели за мене беа една интересна, ако можам така да кажам, трка каде што се покажа дека дури ни црната кампања повеќе не поминува кај скопјани. Заедно покажавме дека имаме сила да се избориме со лагите, со манипулациите и дека е време за вистинските вредности во нашиот град. Сега е време за позитивни промени во Скопје. Денес е нов почеток за следниот круг на овие избори“, рече Арсовска нагласувајќи дека денес Скопје го огреало сонце.
Таа уште еднаш, како многупати во кампањата, кажа дека скопјани виделе што може да направи досегашниот градоначалник. Потрошил четири години, а не реализирал ниту пет проценти од она што го вети во 2017 година.
„Наместо проекти видовме празни ветувања, видовме спотови и нереални 3Д-анимации“, рече Арсовска.
Таа смета дека самиот факт што на изборите имаше 12 кандидати укажува на тоа дека скопјани сакаат промени и повика на поддршка за скопјани заедно со неа да излезат како победници и во вториот круг.
Рече дека е позитивно изненадена од неколкуте граѓански иницијативи кои станаа делови од советите на општините оти внеле свежина и нова енергија во локалните избори и најави дека нивните програми и приоритети ќе бидат дел од нејзината програма како човек што ќе го води градот.
Арсовска не одговори конкретно на новинарско прашање дали смета на поддршка од кандидатите кои нема да влезат во вториот круг, туку ги повика сите да ја поддржат и уште еднаш повтори дека нема да биде политичар кој ќе спроведува партиски одлуки туку дека ќе работи за доброто на граѓаните и покрај поддршката од ВМРО – ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Водостоите на реките над просек, рекордни зголемувања кај Треска и Сатеска
Водостоите на речните текови во земјава денеска се значително повисоки од просекот за месец ноември, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Единствено кај реката Брегалница во Берово е измерен водостој понизок од просекот – 12 сантиметри, наспроти вообичаените 22.
Кај останатите реки се бележат зголемувања. Вардар кај Јегуновце и кај Велес има двојно повисоки вредности од просекот, додека кај Треска во Македонски Брод водостојот е осум пати поголем – од просек од 13 сантиметри на денешни 108.
Пчиња кај Катлановска Бања бележи трикратно зголемување – од 40 на 124 сантиметри, исто како и кај Бабуна во Богомила (од 14 на 42) и кај Црна Река во Новаци, каде водостојот скокнал од 65 на 246 сантиметри.

Најголемото отстапување е кај Сатеска во Ботун, каде водостојот е дванаесет пати над ноемврискиот просек, одноно од 5 на 64цм.
Кај природните езера има минимални зголемувања во однос на вчерашните мерења, но без поголеми отстапувања од просекот за ноември.
Температурата на Охридското Езеро утрово е 13,5 степени, на Преспанското 10,5, а на Дојранското 13 – сите во рамките на сезонскиот просек.
Македонија
Маж ја силувал поранешната девојка, ОЈО бара притвор
Основното јавно обвинителство Гевгелија соопшти дека е донесена Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело „Полов напад и силување“. Според обвинителството, постои основано сомнение дека на 19 ноември осомничениот, со употреба на сила и спротивно на јасно изразената волја на оштетената, ја принудил на сексуален однос.
-Жртвата, со која претходно биле во подолга врска која таа ја прекинала, ја пречекал пред работното место и ја викнал да влезе во кола за да разговараат и да ја однесе дома. Но наместо тоа, со автомобилот свртел по полски пат, па во возилото ја удирал по лицето и и се заканувал дека не смее да биде во врска со друг. Кога застанал, оштетената излегла од автомобилот, но тој со шлаканици и боксови ја вратил во возилото и ја принудил на полов однос на кој таа постојано се спротивставувала, стои во соопштението од ЈОРСМ.
Надлежниот јавен обвинител доставил предлог до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Гевгелија за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Пакуван помфрит со поминат рок требало да се продава на македонскиот пазар, АХВ го спречи увозот и го уништи
Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), спречија увоз на 20.500 килограми замрзнат компир – помфрит, со поминат рок на употреба, 23.05.2025 година. Компирот, увоз од Холандија, бил наменет за продажба на македонскиот пазар.
-Забранетите количини замрзнат компир, во присуство на инсепктори за храна од Агенцијата, нештетно се уништени во петокот на депонијата Дрисла, врз основа на изречената мерка забрана за увоз и издаденото решение со наредба за нештетно уништување, стои во соопштението на АХВ.
Оттаму додаваат и дека во рамки на вонреден инспекциски надзор кај оператор со храна од животинско потекло, АХВ заплени и нештетно уништи и 2.000 килограми небезбеден пилешки стек.
-Поради непочитување на процедурите на Добра хигиенска и Добра производствена пракса, на операторот со храна изречена му е мерка времена забрана за работа и парична казна од 4.400 евра во денарска противвредност, наведуваат од Агенцијата.
Додаваат дека во раки на редовните и вонредните инспекциски контроли на официјалните ветеринари и инспекторите за храна, АХВ продолжува со спроведување на мерки за заштита на граѓаните од консумирање на небезбедна храна со тоа и за заштита на нивното здравје, и за заштита на здравјето и благосостојбата на животните.

