Македонија
(Видео) Митева: Шилегов изгуби во Скопје со 8.000 гласови, граѓаните се определија за промени

Шилегов изгуби во Скопје со разлика од 8.000 гласа, граѓаните во огромен број се определија за промени. Народот јасно даде глас против власта и против силно антивладино расположение, истакна на денешната прес-конференција Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.
Бројките го покажуваат тоа, додаде Митева.
1. Во општина Бутел: Петре Шилегов изгуби со разлика од 408 гласа или (6%),
2. Во општина Ѓорче Петров: Петре Шилегов изгуби со разлика од 2.696 гласа или (40%),
3. Во општина Гази Баба: Петре Шилегов изгуби со разлика од 6.425 гласа или (79%),
4. Во општина Аеродром: Петре Шилегов изгуби со разлика од 6.567 гласа или (72%),
5. Во општина Кисела Вода: Петре Шилегов изгуби со разлика од 5.895 гласа или (81%),
6. Во општина Карпош: Петре Шилегов изгуби со разлика од 1.867 гласа или (20%), прецизираше Митева.
Според Митева во советите на општините и во советот на Град Скопје Шилегов и СДСМ изгубија со разлика од над 50.000 гласа. И тоа:
1. Во општина Бутел:СДСМ изгуби со разлика од 3.617 гласа,
2. Во општина Ѓорче Петров: СДСМ изгуби со разлика од 2.873 гласа,
3. Во општина Гази Баба: СДСМ изгуби со разлика од 7.877 гласа,
4. Во општина Аеродром: СДСМ изгуби со разлика од 6.803 гласа,
5. Во општина Кисела Вода: СДСМ изгуби со разлика од 6.000 гласа,
6. Во општина Карпош: СДСМ изгуби со разлика од 784 гласа,
7. Во Чаир: СДСМ изгуби со 844 гласа,
8. Во Скопје, разликата на советничките листи е 26.205 гласа во корист на ВМРО-ДПМНЕ, констатира Митева.
Додаде дека желбата на огромното мнозинство скопјани е јасна, тие сакаат промени и поубава иднина.
„Тоа се гледа и по бројките кои потврдуваат дека споредбено со минатогодишните парламентарни избори на овие избори имаме нови 13.000 гласови во Скопје и тоа:
Во Аеродром нови 3.800 гласа, во Кисела Вода нови 1.500 гласа, Ѓорче Петров 800, Гази Баба 3.400 и во Бутел нови 3.000 гласа. Петре Шилегов е убедливо најнеспособниот градоначалник и тоа се потврдува на овие локални избори. Затоа ве повикуваме сите вас, граѓани и партии од опозицијата да се обединиме затоа што само еден чекор не дели од промените кои ги посакуваме, но пред сè ги заслужуваме. Петре Шилегов е минато за Скопје“, потенцира Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ да каже дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во врска со изјавата на премиерот Мицкоски за поднесување заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент за македонскиот јазик, посочи дека вакви сериозни прашања се дискутираат како предлог во Собранието, каде што учествуваат сите политички партии.
„Сметам дека е крајно несериозно такви сериозни предлози да се даваат од обични прес – конференции. Премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневно политички партиски интерес од страна на ВМРО ДПМНЕ. Сметам дека треба да се направи како предлог во Собранието бидејќи е нешто во што треба да учествуваат сите политички партии. Доколку има таков сериозен предлог ние апсолутно ќе го ќе го поддржиме“, рече Филипче.
Посочи дека ВМРО ДПМНЕ должат пред јавноста да образложат каков план имаат за одблокирање на евроинтеграциите.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да каже дали имаат сериозен план, дали имаат сериозен план за дипломатска активност, дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
(Видео) Полициски хеликоптер исфрли 80 тони вода врз пожар во струмичко

Денеска (18.07.2025), полициски хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици дејствуваше на пожар во општина Василево, с. Нивичино, струмичко каде што гори нискостеблеста шума.
При дејствувањето во 60 налета се исфрлени повеќе од 80 тони вода, соопшти МВР.
Пожарот, како што информираат се уште е активен и продолжуваат активностите за негово гасење.
Македонија
Македонија ќе ја претставуваат рекорден број млади спортисти на ЕМОФ Скопје 2025

Македонскиот олимписки комитет го промовираше националниот тим од 203 члена (181 спортист) за претстојниот Европски Младински Олимписки Фестивал, што од 20 до 26 јули ќе се одржи во Скопје, Куманово и Осиек
Македонската спортска делегација ќе брои вкупно 203 члена, од кои 181 спортист на претстојниот Европски младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, кој ќе се одржи од 20 до 26 јули во Скопје, Куманово и Осиек. Нашите претставници ќе се натпреваруваат во сите 15 спортови што се дел од програмата, што претставува историски момент за македонскиот спорт.
На денешната прес-конференција, на која официјално беше промовиран македонскиот националниот тим, се обратија Даниел Димевски, Претседател на Македонскиот олимписки комитет и Претседател на Организацискиот комитет на ЕМОФ Скопје 2025, Владимир Богоевски, Спортски директор на МОК и директор за спорт при ЕМОФ Скопје 2025 и Светлана Макаровска, шеф на мисијата на македонската делегација на ЕМОФ Скопје 2025.
„Станува збор за исклучително голем настан – убедливо најголемиот што досега го организирала нашата држава. Очекуваме импресивна бројка од околу 6000 учесници, меѓу кои 4300 спортисти од 14 до 18 години и тренери, 700 судии и официјални лица, 200 ВИП гости и 800 волонтери. Тоа значи дека Македонија во овие седум дена ќе пулсира со младинска спортска енергија, што ретко се гледа дури и на многу поголеми европски спортски манифестации Организацијата на ваков фестивал е вистинска привилегија, а особено сме горди што успеавме Скопје да го вметнеме на мапата на најзначајните спортски настани во Европа. Ова е уникатна можност за промоција на нашата држава на европско ниво“, посочи претседателот на МОК.
Претседателот на МОК порача дека настапот на ЕМОФ Скопје 2025 ќе биде клучно искуство во формирањето на идните спортски шампиони на Македонија.
„Ова се тие клучни години кога секој млад спортист се профилира и се гради како идно спортско име. Убеден сум дека искуството што ќе го доживеат на ЕМОФ Скопје 2025 – можноста да се натпреваруваат со врсници од цела Европа, да носат дресот на Македонија и да бидат дел од еден европски олимписки контекст – ќе им помогне побрзо да созреат и да израснат во врвни спортисти. Горди сме што успеавме да формираме толку квалитетна и бројна делегација и што им дадовме шанса на најдобрите млади таленти од нашата земја да бидат дел од ова спортско семејство. Верувам дека нивното учество ќе биде само почеток на многу успешни спортски приказни,“ истакна Димевски.
Спортскиот директор на МОК, Богоевски нагласи дека ЕМОФ Скопје 2025 ќе биде најголемиот спортски настан што некогаш се одржал во Македонија – со рекорден број спортови и натпреварувачи.
„Официјалното име на настанот е Европски младински олимписки фестивал, во рамките на кој се одржуваат и спортски игри. Ова е 18-то издание на фестивалот, а Македонија досега на сите претходни изданија заедно била претставувана од вкупно 50 спортисти. Овој пат, само во Скопје 2025, нашата делегација брои 203 члена, од кои 181 се спортисти – што претставува огромен исчекор за македонскиот младински спорт. Делегацијата ќе биде сместена во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје, како и во Куманово, каде ќе се одвиваат натпреварите во кошарка, маунтајн бајк и друмски велосипедизам. Ова е историски момент за македонскиот спорт и организациски капацитет, и вистинска шанса да покажеме дека сме подготвени да бидеме домаќини на европско ниво.
Првпат во историјата на фестивалот ќе има 15 спортови, додека на досегашните изданија најмногу биле застапени 12. Тоа е рекорд и за самиот ЕМОФ, но и за Македонија како домаќин. Убеден сум дека настан од ваков обем не само што досега не бил организиран кај нас, туку нема да се повтори барем во следните 30 години.,“ посочи Богоевски, спортски директор на МОК и директор за спорт при ЕМОФ.
Шефот на мисијата на македонската делегација, Макаровска најави дека македонските спортисти се подготвени да остават силен впечаток на ЕМОФ Скопје 2025 – со поддршка од целата јавност и со Шајни, маскотата која ќе ги води низ фестивалот.
„Станува збор за млади луѓе кои се на почетокот на својата спортска кариера и за кои ова ќе биде непроценливо искуство. Преку настапот на ЕМОФ Скопје 2025, тие ќе научат како се натпреварува и како се претставува својата земја на младински олимписки игри – што ќе им биде исклучително важно како подготовка за идни олимписки циклуси.
Особено ми е чест да ја претставам маскотата Шајни, која ќе ги симболизира олимписките вредности – пријателство, единство, почит и спортски дух – на сите настани во рамките на фестивалот. Со голема гордост ги најавувам и нашите знаменосци на церемонијата на свеченото отворање – Кристијан Смилев, натпреварувач во кајак, и Матеа Поповска, одбојкарка. Тие ќе го носат македонското знаме пред очите на цела Европа.
Убедена сум дека македонската јавност ќе биде силен поддржувач на овие спортисти, кои ќе дадат сè од себе и на подготовките и на натпреварите, за Македонија да се претстави не само како најбројна, туку и како најтрофејна делегација на фестивалот,“ изјави Макаровска.
ПР