Македонија
(Видео) Пендаровски: Климатските промени се најголемиот предизвик во наредните години

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на Младинскиот самит за климатски промени во Скопје – од Милано до Глазгов и понатаму, иницијатива која е поддржана од УНИЦЕФ, а финансирана од Шведската агенција за меѓународен развој (СИДА). Самитот е организиран во партнерство со Амбасадата на Италија, како еден од домаќините на Младинскиот самит за климатски промени на ОН, во Милано и Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, како домаќин на Конференцијата за климатски промени на ОН, во Глазгов.
„Годинава прославуваме три децении од македонската независност, години на успеси, но и на бројни предизвици кои стоеја и сè уште стојат пред нашата заедничка држава. Несомнено е дека наредните 30 години, не само за нас во Република Северна Македонија, туку и за целиот свет, ќе бидат дефинирани од најголемиот глобален предизвик, а тоа се климатските промени“, рече Пендаровски.
Последниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени – IPCC, како што рече Пендаровски, недвосмислено укажува дека ние веќе ја живееме последната деценија во која ќе можеме да влијаеме за да го ограничиме глобалното затоплување.
„Меѓутоа, за тоа да го направиме ќе биде неопходно брзо и од корен да го промениме енергетскиот и производствениот систем во светот. Ќе мора да стекнеме нови, одржливи животни навики и да покажеме многу поголема грижа за животната средина. Во спротивно, ако не успееме на глобално ниво драстично да ги намалиме емисиите на стакленички гасови во текот на оваа пресудна деценија, и ако не успееме да постигнеме нето нула емисии до 2050 година, тогаш неминовно ќе дојдеме до точката од која ќе нема враќање“, потенцира тој.
Според него, годинешниве шумски пожари и поплави и кај нас и во Европа ни претскажуваат каква иднина нè очекува.
„Северна Македонија е една од првите држави кои ја усвоија Национална стратегија за енергетски развој до 2040 година. И покрај пандемијата на Ковид-19, годинава усвоивме ревидиран национален утврден придонес за намалување на стакленичките гасови. Утврдивме дури 63 планови за климатска акција што се директно поврзани со 15 цели за одржлив развој. Ме радува што неодамна Владата ја усвои Долгорочната стратегија за климатска акција со Акциски план. Целта на оваа стратегија е да постигнеме зелен, ниско јаглероден и климатски одржлив развој. Стратегијата нè обврзува да ги намалиме националните нето емисии на стакленички гасови за 72% до 2050 година во споредба со нивото од 1990 година“, рече Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ветрот го сменил правецот од Дрисла, Скопје мириса на изгорено

Вечерва ветрот го смени правецот и дува од депонијата Дрисла во насока на Скопје поради што во делови од главниот град се чувствува силен непријатен мирис, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Соопшти дека и вечерва продолжуваат активностите за затрупување на депонијата Дрисла, а ќе бидат дополнително засилени рано наутро.
За утре се планирани и повеќе дополнителни активности на дивата депонија Вардариште, најави Ангелов.
Преходно денес беше соопштено дека пожарот на депонијата „Дрисла“ се гасне со затрупување на најкритичните делови.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е потпален, а како причина за тоа ги наведе физичките процеси на распаѓање на отпадот, кога се ослободува метан – штетен гас кој е лесно запалив, поради што Мицкоски вели дека е доволен само еден отпушок за да се предизвика пожар.
Македонија
Фетаи ќе раководи и со новоформираниот совет за конфискација на имот

Владата вчера ја усвои Одлуката за формирање на Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот, со што се предвидува дополнителна алка на врвот на координациската структура, покрај Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот како највисоко експертско тело.
Со Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот ќе раководи вицепремиерот за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, а членови ќе бидат: министерот за внатрешни работи, министерот за правда, министерот за финансии, јавниот обвинител, претседателот на Врховниот суд, раководителот на Канцеларијата за поврат на имот, директорот на Бирото за јавна безбедност, директорот на Царината, директорот на Управата за финансиска полиција, директорот на Агенцијата за управување со одземен и конфискуван имот и претседателот на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот.
„Кабинетот на вицепремиерот Фетаи ќе продолжи да обезбедува политичка, административна и техничка поддршка за работата на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот. Процесите и стратешките одлуки кои континуирано се реализираат се доказ за посветеноста на Владата во градењето институционални капацитети и обезбедување услови за спроведување финансиски истраги, конфискација и поврат на имот, како и управување со конфискуваниот имот“, велат од Кабинетот на Фетаи.
Како што се додава, државата се гради секој ден, а граѓаните мора да бидат сведоци на конфискација на нелегално стекнатата имотна корист и да имаат можност истата да ја користат преку нејзина социјална пренамена.
Македонија
Меџити: Инвестиција од над 6 милиони денари во населбата Гази Баба за одржливо водоснабдување

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска изврши увид во работите кои се одвиваат на улицата „Бајрам Шабани“ во населбата Гази Баба во Општина Чаир.
Проектот, поддржан од Министерството за животна средина, има за цел подобрување на снабдувањето со вода за пиење за жителите од оваа област. Оваа инвестиција, во вредност од над 6 милиони денари, опфаќа изградба на нов цевковод со профил DN 280 мм и должина од 235 метри, со што ќе се замени постојната дотраена мрежа.
„Со оваа интервенција се елиминираат честите прекини и недоволното снабдување, обезбедувајќи стабилна вода за пиење со подобрен притисок долж целата улица,“ изјави Меџити при средбата со жителите на населбата.
Проектот се реализира од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Општина Чаир, со цел да се гарантира постојан и квалитетен пристап до вода за пиење за жителите на оваа зона.