Свет
СЗО: Пандемијата ќе трае и во текот на 2022 година

Пандемијата на Ковид-19 ќе трае една година подолго отколку што е потребно, затоа што посиромашните земји не ги добиваат вакцините што им се потребни, објави денеска Светската здравствена организација (СЗО). Доктор Брус Ајлвард од СЗО вели дека тоа значи дека кризата со ковид лесно може да се прошири длабоко во 2022 година, пренесува Би-би-си.
Помалку од пет проценти од африканското население е вакцинирано, наспроти 40 проценти на повеќето други континенти. Велика Британија испорача повеќе од 10 милиони вакцини до земјите на кои им е потребна, а вети вкупно 100 милиони.
Поголемиот дел вакцини против ковид се даваат во земји со висок и среден приход, додека Африка учествува со само 2,6 проценти од дозите дадени ширум светот.
Група добротворни организации, во која спаѓаат Oxfam и UNAids, ги критикуваа Канада и Велика Британија поради набавка на вакцини за нивната популација преку системот „Ковакс“ – глобалната програма за правична дистрибуција на вакцини поддржана од ОН.
Официјалните податоци покажуваат дека на почетокот на оваа година, Велика Британија примила 539.370 дози од вакцината на „Фајзер“, додека Канада зела нешто помалку од милион дози од вакцината на „Астразенека“.
Ајлвард апелираше до богатите земји да се откажат од своите места во редот за вакцини, со цел фармацевтските компании да им дадат приоритет на земјите со најниски примања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Фон дер Лајен: Инвестираме 500 милиони евра за да донесеме научници во ЕУ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес во Париз објави пакет од 500 милиони евра за привлекување истражувачи и научници во Европа. „Науката е инвестиција и ние мора да понудиме соодветни стимулации. Затоа можам да објавам дека ќе предложиме нов пакет од 500 милиони евра за периодот 2025-2027 година за да ја направиме Европа магнет за истражувачите“, рече фон дер Лајен во говорот на Универзитетот Сорбона во Париз.
„За да го олесниме доаѓањето на истражувачите, сакаме да им помогнеме на јавните и приватните институции подобро да се поврзат со висококвалификувани експерти и истражувачи и да го забрзаме и поедноставиме влезот на висококвалификувани истражувачи во Европската Унија“, рече таа.
Минатиот месец, францускиот претседател Емануел Макрон и Урсула фон дер Лајен изјавија дека ќе се обидат да поканат научници и истражувачи од целиот свет во Европа, во време кога администрацијата на Трамп се заканува дека ќе го намали федералното финансирање за американските универзитети.
Таа посочи дека Европа има развиена истражувачка инфраструктура и најави дека ЕУ и нејзините земји-членки сакаат да ги зголемат инвестициите во науката на 3 проценти од БДП до крајот на оваа деценија.
„Избираме да ги ставиме истражувањето и иновациите, науката и технологијата, во срцето на нашата економија. Сакаме да бидеме континент каде што универзитетите се столбови на нашите општества и нашиот начин на живот“, додаде таа.
Свет
Повеќе од 4.000 полицајци ќе бидат распоредени за време на инаугурацијата на новиот папа

Повеќе од 4.000 припадници на полициските сили ќе бидат ангажирани во обезбедувањето на безбедноста за време на церемонијата на инаугурација на новиот папа, одлучи денес Римскиот комитет за јавен ред и безбедност.
Официјалните лица изјавија дека од почетокот на конклавата за избор на нов папа во среда, полициските сили ќе бидат распоредени врз основа на потреба, објави Анса.
Се вели дека околу 1.000 волонтери ќе бидат распоредени на терен кога верниците ќе излезат на улиците откако белиот чад од Сикстинската капела ќе сигнализира дека е избран нов папа.
Конклавата, односно собранието на кардинали, на кое во среда ќе започне гласањето за избор на новиот папа, по смртта на папата Франциско на 89-годишна возраст на 21 април.
Претходните две конклави, во 2005 и 2013 година, траеја само по два дена.
Свет
Кардиналот Чавез: Во петок ќе се знае кој е новиот папа

Грегорио Роза Чавез, кардинал од Салвадор, во изјава за РТЛ рече дека името на новиот папа ќе биде објавено во петок.
„Мислам дека ќе знаете кој е новиот папа во петок. Во петок попладне ќе го знаете неговото име“, рече Чавез.
Медиумот потсетува дека конклавата, тајниот процес на избор на нов папа, започнува во среда и трае се додека не се избере новиот поглавар на Католичката црква. Рекордни 133 кардинали ќе имаат право на глас на оваа конклава, од кои 108 беа назначени од покојниот папа Франциско.
Белиот чад го означува изборот на нов папа
Кога ќе започне конклавата, сите кардинали ќе положат заклетва за тајност, а потоа ќе почнат да гласаат двапати дневно – двапати наутро и двапати попладне – сè додека две третини од кардиналите не постигнат договор за нов папа.
По секое гласање, гласачките ливчиња се горат. Црниот чад од оџакот значи дека папата сè уште не е избран и дека гласањето продолжува. Белиот чад означува дека Католичката црква има нов водач.
Набљудувачите на Ватикан веќе почнаа да објавуваат листи на кардинали кои имаат најголеми шанси да станат папи. Листите се внимателно анализирани во однос на нивните верувања – без разлика дали се конзервативни или либерални – но исто така и нивното потекло и квалитетите што би можеле да ги донесат во Црквата.