Македонија
(Видео) Шилегов: Срамна е црната кампања против мене, со овој документ целосно ја побивам
Денеска ќе зборувам за недозволивата и срамна црна кампања која против моето семејство и мене ја води ВМРО-ДПМНЕ, истакна кандидатот за втор мандат за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов.
„Таа кампања господине Мицкоски и госпоѓо Арсовска е под секое цивилизирано ниво. Тоа што го правите е една од најлошите карактеристики на политичарите. Кога аргументи за работењето не постојат, тогаш лагите ги користите како единствен начин за битка“, посочи Шилегов обраќајќи им се на противкандидатката Даниела Арсовска и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој изрази жалење што партијата ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, останала доследна на политиката на измама и злонамерни конструкции.
„Денес сум тука со документи да ги демантирам сите прес-конференции на ВМРО-ДПМНЕ и сите зборови искажани од митинзите за тоа колку и како сум ја злоупотребувал мојата функција и незаконити приходи. Овој документ, кој патем е изработен токму на барање на ВМРО-ДПМНЕ од страна на УЈП, потврдува дека мојата имотна состојба и сè што поседуваме јас и моето семејство е еднаква и соодветствува со пријавените приходи и платени даноци. Овој документ потврдува дека ниту еден денар повеќе од она за што сум го пријавил и за што сум платил данок немам потрошено“, нагласи Шилегов, кој побара од своите политички опоненти да престанат да користат лаги и изрази жалење што тоа е нивната единствена агенда.
Шилегов на крајот упати апел до граѓаните да се обединат и масовно да излезеат на гласање со цел, како што рече, да потврдат дека Скопје продолжува напред.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Европската интеграција останува стратешки приоритет, порача Сали на средбата со еврокомесарката Кос
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска во Брисел оствари работна средба со европската комесарка за проширување, Марта Кос.
Средбата беше фокусирана на текот на процесот на европска интеграција на земјата, реформските приоритети и актуелните предизвици во рамки на европската агенда.
Во текот на разговорите, заменик-претседателот Сали повторно потврди дека членството во Европската Унија останува стратешки приоритет на Владата, оценето како долгорочна инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на европскиот континент. Тој нагласи дека создадениот позитивен моментум треба да се искористи преку тесна и континуирана соработка со европските институции, со цел конкретно унапредување на интегративниот процес.
Во својство на министер за европски прашања, главен преговарач, национален координатор за Инструментот за реформи и раст (RGF), како и НИПАК, Сали ја истакна посветеноста за одржување на фокусот на државната администрација на реформите поврзани со ЕУ и за обезбедување континуитет на реформското темпо, во согласност со европските стандарди и најдобрите практики.
Во овој контекст, се разменија мислења за спроведувањето на Планот за раст и Реформската агенда, како и за други актуелни прашања од заеднички интерес, при што беше потенцирана важноста од континуирана координација и конструктивен дијалог со институциите на Европската Унија.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска: Секое дете мора да се чувствува безбедно во училиште
Денес во Општина Кисела Вода беше потпишан трипартитен меморандум за соработка меѓу Општина Кисела Вода, ООУ „Св. Климент Охридски“ од Драчево и Обединета Македонска Дијаспора – Подружница Македонија, со кој официјално се воспоставува рамка за унапредување на образованието преку иновативни, инклузивни и холистички програми.
Со оваа соработка започнува имплементацијата на проектот „STAR FOR LIFE“. Проектот предвидува обука на наставниците од четврто, петто и шесто одделение, како и директна работа со учениците преку стручни обучувачи, нивни претставници во Македонија, со фокус на една од најчувствителните теми во училиштата – булингот и врсничкото насилство, информираат од општината.
Градоначалничката заедно со директорот за Македонија и Европа од Обединета Македонска Дијаспора, Гордан Јорданов, заменик-директорката Маја Сталеска и директорката на училиштето, Елена Симоновска, дискутираа околу програмата, која има за цел да ги оспособи наставниците и учениците навремено да препознаваат ризични ситуации, да реагираат соодветно и да придонесат кон создавање побезбедна училишна средина.
-Со потпишувањето на овој меморандум воспоставуваме конкретна и значајна соработка која директно ќе им користи на нашите ученици и наставници. Преку проектот ‘STAR FOR LIFE’ обезбедуваме едукација, навремено препознавање и соодветно реагирање на булингот и врсничкото насилство. Наш приоритет е секое дете да учи и расте во безбедна средина, во која ќе се чувствува прифатено и поддржано. Општина Кисела Вода останува посветена на превентивни мерки и партнерства од ваков тип, затоа што веруваме дека само со заедничка работа можеме да спречиме несакани последици. Ова е инвестиција во иднината на нашите млади- изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Политички театар нарачан од СДСМ и Левица стои зад настапите на Трендафилов
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска изјави дека неодговорното однесување на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, излегло на виделина, обвинувајќи дека зад неговите настапи стои политичка позадина.
Манасиевски посочи дека Трендафилов вчера објавил фотографија на социјалните мрежи со порака дека чека претставник на Владата во просториите на ССМ за да се потпише зголемувањето на платите, иако, како што рече, во исто време веќе бил закажан состанок на Владата со гранковиот синдикат УПОЗ за истата намена.
Според Манасиевски, ваквите постапки, како што наведе, ги потврдуваат тезите дека барањата на Трендафилов имаат политичка заднина и дека зад неговото раководење со ССМ стојат СДСМ и Левица. Тој оцени дека станува збор за, како што рече, политички театар наменет за јавноста.
Манасиевски изјави дека, според неговите наводи, Трендафилов никогаш немал вистинска намера за зголемување на платите, туку за нанесување штета на актуелната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тој го постави и прашањето дали барањата на Трендафилов и ССМ ги пишуваат СДСМ и Левица.
Во обраќањето, Манасиевски наведе дека Трендафилов, според него, не зборувал за зголемувањето на платите и новите колективни договори во образованието, здравството, полицијата, одбраната, социјалната заштита и другите сектори, ниту реагирал за двоцифрената инфлација, ценовните шокови, зголемувањето на сметките за електрична енергија и доцнењето на платите во одредени институции за време на претходната власт.
Тој додаде дека во минатото биле потпишувани колективни договори во државни институции и сектори без одобрение од Министерството за финансии, што, како што рече, било спротивно на законските услови.
Манасиевски оцени дека ваквото однесување покажува соработка меѓу ССМ, СДСМ и Левица против Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека Владата, како што изјави, не бега од дијалог, туку инсистира тој да биде сериозен, суштински и насочен кон резултати.

