Економија
Хоџа: Успешно завршен проектот „Поддршка за развој на земјоделските задруги“

Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, присуствуваше на завршен настан по повод затворањето на проектот „Поддршка за развој на земјоделските задруги“. Завршниот настан се реализира во присуство на претставници од релевантни национални и меѓународни организации, институции, ѓраѓански организации, задруги, земјоделци и групи на земјоделци.
Проектот „Поддршка за развој на земјоделските задруги“ е од исклучителна важност за развој на задругарството во Република Северна Македонија. Финансиски е поддржан од Европската Унија, имплементиран од страна на CARE International и Македонската развојна фондација за претпријатија. Краен корисник се МЗШВ и сите земјоделци, информираат од Министерството.
На настанот поздравни обраќања имаа министерот Арјанит Хоџа, Константинос Супилас – програмски менаџер на делегацијата на ЕУ, Сумка Бучан – регионална директорка на CARE, Лазар Неданоски – извршен директор на МРФП и Сузана Димитриевска – претседателка на Македонската асоцијација на земјоделските задруги.
„Во изминатиот период Министерството направи сериозен исчекор во развојот и поддршката на задругарството. Земјоделците ги препознаа поддршката од државата и реалниот бенефит што го имаат од членството во задруги. Тие имаат можност да купуваат државно земјоделско земјиште, поволности при бодирањето за финансиска поддршка и можности за субвенционирана набавка на опрема и механизација, која ќе им го олесни производството и ќе придонесе за поголеми резулати во нивното работење. Исто така, достапни се европските фондови, набргу ќе почне и ИПАРД 3-програмата, со што се отвораат нови можности и нови средства на располагање“, изјави Хоџа.
Тој се заблагодари на поддршката што континуирано ја добиваме од Делегацијата на Европската Унија, како и на сите учесници во проектот.
Константинос Супилас – програмски менаџер на Делегацијата на ЕУ, изјави дека е многу задоволен што денеска одбележуваме завршување на уште еден проект, реализиран со поддршка од Европската Унија. Тој им се заблагодари на сите учесници што беа директно вклучени во процесот и кои заеднички ги постигнаа проектираните цели на проектот.
Вкупниот износ на проектот е 1,98 милион евра и има цел да се зголемат конкурентноста на пазарот и соработката меѓу земјоделците во земјата преку создавање поволни услови за развој на постојните и создавање нови земјоделски задруги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.