Македонија
Заев: Да дејствуваме заеднички, во спротивно постои ризик земјата да се врати назад во криза и неизвесност

Претседателот на СДСМ вечерва во Битола се сретна со претставници на граѓанскиот сектор, со граѓански активисти и општественици од овој град, каде што со присутните разговараше за повеќе актуелни теми од интерес за битолчани.
„Пред четири години државата беше заробена, изолирана, а критичката мисла беше загрозена и честопати погазувана од страна на власта. Ние за четири години направивме целосна трансформација. Државата ја вративме на вистинскиот колосек, ги отворивме институциите за граѓаните, политиките ги градевме заедно со граѓанскиот со невладиниот сектор. Од држава во која се молчеше и шепотеше, денес сме држава во која гласно се зборува, држава со најтранспарентна влада во регионот и најбезбедна држава на Западен Балкан. И тоа се само дел од успесите што ги постигнавме заедно со вас граѓаните“, порача Заев.
Заев од граѓаните побара поддршка на 31 октомври за општина Битола, но и државата да продолжи по вистинскиот, исправниот пат.
„Во име на сѐ што постигнавме досега, сакам да пратам порака на заедничко дејствување бидејќи постои ризик земјата да ни се врати назад, во огромна неизвесност и криза. И граѓанскиот сектор и стопанството досега имаа можност да се уверат дека знаеме да слушаме, дека знаеме да постапуваме по она што ни го укажувате и во име на досега сработеното за Битола имаме право денес од вас да ја бараме вашата поддршка. Граѓанскиот глас е совест на општеството, да се обединиме во името на иднината на Битола и државата. Да се обединиме и да гласаме да продолжи унапредувањето на слободата и демократијата, да продолжи да го негуваме концептот едно општество за сите, да гласаме да продолжиме по заедничкиот пат, по правиот пат на напредокот, наместо да се враќаме назад во изолацијата и поделбите“, посочи Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце времето на чекање за излез од државата е 30-ина минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е 30-ина минути, а на другите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
(Фото) Се гради првата спортска сала во населбата Припор

Денес беше направен увид во градежните работи за изградба на првата училишна спортска сала во населбата Припор од страна на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Новиот објект ќе биде сместен во дворот на ПОУ „Круме Кепески“ и ќе се простира на 500 квадратни метри, со рок за изведба од две години. Проектот е овозможен со поддршка од Владата, по успешната апликација на општина Кисела Вода на владиниот повик за обезбедување средства за реализација на капитални проекти, информира Општината.
Салата ќе обезбеди современи услови за спорт и рекреација на учениците и младите од овој дел на градот. Дополнително, ќе се изврши целосно партерно уредување на училишниот двор, со што ќе се создаде безбеден и функционален простор за секојдневни активности. Вредноста на проектот изнесува 16.449.974,80 денари, извести општина Кисела Вода.
Изградбата на спортската сала претставува инвестиција во подобро образование, здрави навики и развој на младите генерации во Припор. Во изминатите четири години се изгради спортска сала во Пинтија, се реконструираше салата во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, започна изградбата на сала во ООУ „Кузман Јосифовски Питу“, заврши реконструкцијата на салата во ООУ „Партение Зографски“, како и реконструкцијата на салата во ООУ „Климент Охридски“. Во моментот е подготвена документацијата за изградба на нова сала во ООУ “„Кузман Шапкарев“, а салата „Расадник“ темелно се реконструира во соработка со Министерството за спорт, се додава во соопштението на општина Кисела Вода.
Македонија
Исчезнатиот Ѓорѓе Серафимовски е пронајден жив и здрав, соопшти семејството

83-годишниот Ѓорѓе Серафимовски е пронајден жив и здрав, кусо соопшти семејството. Тие заедно со полицијата го бараа од вчераутро откога излегол од својот дом во Фалише да оди кон Тетово, но не можеле да го најдат.
Семејството вели дека го пронашле на патот кон Тетово, контактибилен, но го однеле во болница за дополнително да му ја проверат здравствената состојба.