Култура
„Зимски соништа“ во Филхармонијата
Оркестарот на Филхармонијата овој четврток во 20 часот ќе го одржи концертот со наслов „Зимски соништа“. Како солист ќе настапи виолистот Тимоти Ридаут од Велика Британија, диригент е Конрад ван Алфен од Холандија, а на програмата се Концертот за виола во е-мол, оп. 85 (транскрипција од Kонцертот за виолончело) од Едвард Елгар и Симфонијата број 1 „Зимски соништа“ од П. И. Чајковски.
Сер Едвард Елгар (1857-1934) е еден од најзначајните британски композитори и еден од водечките европски композитори од неговата генерација. Иако се детерминира како типичен англиски композитор, неговите главни музички влијанија доаѓаат од континентална Европа. Шуман, Брамс, Лист, Вагнер и Штраус биле композиторите во кои наоѓал инспирација за своите дела. Концертот за виолончело и оркестар е едно од последните големи оркестарски дела на Елгар. Фактот што го завршил по Првата светска војна, кога бил во финансиски тешкотии и со нарушено здравје, се одразил и во атмосферата и музичката структура на ова дело, кое се разликува од неговите претходни композиции.
Првата симфонија на Чајковски е едно од најзначајните дела во симфониската приказна на 19 век, оригинална во секој контекст, поинаква од сѐ што било напишано пред неа. Со неа ја маркирал патеката на која потоа ќе ги трасира и другите свои симфониски дела, во кои ќе продолжи да ги тестира границите на оркестарскиот звук. Покрај исклучителното место што го има во историјата на музиката, таа воедно е и една од најмаркатните први симфонии напишани некогаш. „Зимска приказна“ е првата симфониска музичка приказна на големиот руски композитор, со која на фантастичен начин го најавил својот потентен оркестарски опус.
Конрад ван Алфен е инспиративен диригент, кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен ја стекнал својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што ја добил наградата за својот придонес во културата во Јјжна Русија. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“, во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години многубројни оркестри во светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холанија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и во Мексико. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум и со Симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва. Многубројни солисти ја уживале неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски. Во изминатите години неговите соработки со Рускиот нацинален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка. Конрад ван Алфен е роден 1963 година во Преторија. По завршувањето на своите музички студии на 26-годишна возраст, тој се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радиосимфонискиот оркестар и на Академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање под раководство на Ери Клас и Роберо Бензи.
Тимоти Ридаут (1995) е еден од водечките млади солисти на светската музичка сцена. Тој е уметник на новата генерација на Би-би-си од 2019 година, a неговите концертни ангажмани оваа сезона вклучуваат настапи со оркестрите во Берлин, Бордо, Салцбург, Симфонискиот оркестар на Би-би-си… Настапувал со диригенти како Давид Цинман, Силвијан Кембрелинг, сер Андреас Шиф…
Го нарекуваат виолист „чиј тон не може да биде посигурен и чиј музички инстинкт инспирира самодоверба на секое можно ниво“, млад изведувач, чија изведба се одликува со „солиден тон, совршена интонација, солидна техника и харизма“, но и еден од најдобрите млади виолисти кој постојано воодушевува со своите „возбудливи вибрато тонови“ и талент, чија кариера со сигурност ќе биде успешна.
„Како дете сакав да бидам пејач, не виолист. Пеев во школскиот хор и учествував во мјузиклите што училиштето ги подготвуваше. Кога дојдоа професорите да ги претстават своите инструменти за да избереме еден од нив, јас се одлучив за виолата само затоа што професорот ја отсвири ‘Темата на Хедвиг’ од филмовите за Хари Потер. Инструментот го немав допрено сѐ до моментот кога мојот глас почна да ме издава и не можев повеќе да пеам. Почнав со изучување на виолата на Кралската музичка академија, но тешко ми одеше, бев многу поназад од сите што беа со мене. Во тоа време веќе почнав да го засакувам овој инструмент, па не ми падна тешко тоа што требаше да се трудам и да вежбам два пати повеќе од другите“, вели Ридаут.
Денеска активно настапува и како солист и како камерен музичар, а неговите ангажмани вклучуваат и по неколку настапи во сезоната во Вигмор Хол, како и во цела Британија, Европа и Јапонија. Редовно свири на фестивалите во Луцерн, Локенхаус, Берген, Евијан, Аспен… Соработувал како камерен музичар со врвни уметници, како Џошуа Бел, Изавбел Фауст, Јанин Јансен, Кристиан Тетцлав, Николас Алштед, Киан Солтани, Ларс Вогт и многу други.
Неговиот втор албум „Музика за виола и камерен оркестар“, на кој се поместени дела од Вилијамс, Мартину, Хиндемит и Бритн, беше издаден во февруари 2020 година под етикатата на издавачката куќа Claves records. Неговиот деби-албум излезе во 2017 година во соработка со пијанистот Ке Ма.
Свири на виола од Перегрино ди Зането од 1565 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.



