Свет
„Амнести интернешнл“ ги повика САД да ги отфрлат обвиненијата против Асанж

Генералниот секретар на „Амнести интернешнл“, Агнес Каламард, ги повика Соединетите Американски Држави да се откажат од обвиненијата против основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, и британските власти веднаш да го ослободат.
Агнес Каламард го упати повикот пред сослушувањето во Лондон в среда, на кое ќе се поднесе жалба на одлуката на британскиот суд да не го екстрадира Асанж во САД, каде што се соочува со обвиненија за објавување тајни воени досиеја како дел од аферата „Викиликс“.
Високиот суд треба да ја разгледа жалбата против одлуката за неекстрадиција во јануари. Одлуката е донесена поради, како што се наведува, загриженоста дека 50-годишниот Асанж би можел да се самоубие во затвор во САД.
„Амнести интернешенл“ ја цитира истрагата на „Јаху њуз“, која откри дека американските безбедносни служби ја разгледувале можноста за киднапирање или убиство на Асанж додека живеел во Амбасадата на Еквадор во Лондон.
„Овие извештаи дополнително ги доведоа во прашање ветувањата дадени од Соединетите Американски Држави и дополнително ја разоткрија политичката мотивација зад овој случај“, рече Каламард.
Асанж е обвинет за кражба и објавување доверливи информации за американските воени операции во Ирак и Авганистан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Eди Рама го слави четвртиот мандат, Бериша повика на отпор

Премиерот на Албанија, Еди Рама обезбеди четврти мандат откако неговата Социјалистичка партија победи на изборите во Албанија во неделата, покажаа вчера официјалните резултати. Опозицијата тврди дека изборите се украдени.
Со преброени 96 отсто од гласовите, Социјалистичката партија имаше 52 отсто од гласовите и 82 места во 140-члениот парламент. Нејзиниот главен опозициски ривал, централно-десничарската Демократска партија на Сали Бриша, освои 34 отсто од гласовите и 52 пратенички места.
Резултатите ќе го прошират мнозинството на Социјалистичката партија и ќе му дадат на Рама удобно водство за формирање влада. Тие, исто така, ќе му овозможат да продолжи со напорите за исполнување на ветувањето за влез на Албанија во Европската унија до 2030 година, иако многу експерти сметаат дека временската рамка е премногу оптимистичка со оглед на неопходните реформи, особено кога станува збор за искоренување на корупцијата.
„Ова е најскромното искуство во мојот живот и доаѓа во историски момент за Албанија… како идна членка на Европската унија“, изјави Рама за Политико.
Меѓународните набљудувачи се сомневаа во регуларноста на изборите, а албанското специјално обвинителство соопшти дека истражува 39 случаи поврзани со изборите, главно за купување гласови, објави Ројтерс. Не е прецизирано кои партии се под сомнеж.
Бериша, поранешен претседател и премиер, ги отфрли изборните резултати и повика на протест на 16 мај, денот кога лидерите од цела Европа треба да се соберат на самитот во Тирана.
„Никогаш нема да ги прифатиме овие избори – никогаш“, рече Бериша на вчерашната прес-конференција, на која упати обвинувања за нерегуларности, но без јавно да презентира докази.
Бериша продолжи со острата реторика карактеристична за изборната кампања, нарекувајќи го Рама „нарко-диктатор“. Во изјава за Ројтерс, партијата на Рама ги отфрли обвинувањата за изборна измама и го нарече Бериша „стар, безнадежен поранешен комунистички политичар“.
Осумдесетгодишниот Бериша тврди дека Албанија не е ни блиску до подготвеност за прием во ЕУ. Поранешниот личен лекар на покојниот диктатор Енвер Хоџа, по професија кардиолог, водеше кампања по моделот на американската, под надзор на консултанти донесени од Вашингтон Сепак, тоа не му помогна да го порази Рама.
„Да мислиш дека можеш да станеш Трамп е исто како да ангажираш фризер во Холивуд и да мислиш дека ќе станеш Бред Пит“, рече Рама.
Рама (60), познат по своето присуство на социјалните мрежи, во понеделникот објави фотографии и пораки од Европската куќа во Тирана, каде што интензивно се подготвуваат за самитот на европската политичка заедница, објави Политико.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста доаѓаат во Албанија на шестото издание на самитот, иницијатива што ја покрена францускиот претседател Емануел Макрон за да ги соберат земјите од ЕУ и земјите кои не се членки на ЕУ за да разговараат за безбедноста, економската соработка и регионалната стабилност. На самитот ќе бидат и претставници на земјите кои се надеваат на членство во ЕУ, како Украина и Грузија.
„Голема чест е да го пречекаме целиот наш демократски континент во Тирана – вклучувајќи ја Украина и мојот драг пријател Володимир Зеленски“, рече Рама.
Рама, кој е на власт од 2013 година, беше фаворит на овие избори, делумно благодарение на влијателната мрежа што ја изгради за време на неговите 12 години на власт, неодамнешниот период на постојан економски раст, но и длабоко поделена опозиција, според Ројтерс.
Свет
Зеленски: Подготвени сме на се’ утре во Турција

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето вечерашно обраќање рече дека Украина е подготвена за секаков формат на мировни преговори и дека не се плаши од средби или разговори.
„Подготвени сме за секаков формат на преговори и не се плашиме од средби. Утре – во Турција“, рече Зеленски.
Тој додаде дека се уште чека потврда за тоа кој ќе дојде од Русија на преговорите, по што ќе одлучи за следните чекори на Украина: „Чекам кој ќе пристигне од Русија. Потоа ќе одлучам што понатаму“.
Свет
Макрон: Ако Русија не се согласи на прекин на огнот, ќе следат нови санкции

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е подготвен да го поддржи воведувањето нови санкции против Русија во наредните денови доколку Москва не се согласи на прекин на огнот. Тој ги спомена финансискиот сектор и индустријата за нафта и гас како можни цели на санкции.
„Нашата намера е да воведеме нови санкции против Русија во наредните денови“, рече Макрон во вечерното интервју за телевизијата TF1.
Коментарите на Макрон уследија по слични пораки од Лондон, Берлин и Варшава – сите три земји најавија нови мерки во сабота доколку Русија не се согласи на 30-дневен безусловен прекин на огнот, кој требаше да стапи на сила на почетокот на оваа недела.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, исто така, вчера предупреди дека европските сојузници ќе воведат „значително заострување на санкциите“ доколку Владимир Путин го отфрли примирјето, наведувајќи ги енергетските и финансиските пазари како клучни сектори. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро во понеделникот изјави дека Европската комисија е задолжена да подготви предлози за нови санкции токму во тие области.