Економија
Бектеши: Нема зголемување на цената на струјата до крајот на годината
До крајот на годината ќе има доволно количина електрична енергија и сакам да ги уверам сите граѓани дека до крајот на годината нема да има покачување на цената на електричната енергија за домаќинствата. Денеска имав состанок со сите фактори од енергетскиот сектор во рамките на првиот состанок на Комисијата за електроенергетска кризна состојба и во согласност со сите информации од нивна страна не беше донесена одлука за прогласување на електроенергетска кризна состојба во државата, истакна министерот за економија, Крешник Бектеши, по состанокот на Комисијата за електроенергетска кризна состојба, на која присуствуваа претставници од најголемиот производител на електрична енергија во земјата, носителот на лиценца за производство на електрчна енергија, носителот на лиценца за пренос на електрична енергија, носителот на лиценца за дистрибуција на електрична енергија, Регулаторната комисија за енергетика, еден експерт од областа и претставници од Министерството за економија.
Оваа комисија во согласност со уредбата за критериуми и услови за прогласување електроенергетска кризна состојба, начин на снабдување со електрична енергија, мерки што се преземаат во случај на кризна состојба, како и права и обврски на носителите на лиценци за вршење енергетски дејности ја свикува Министерот за економија.
Главната задача на оваа Комисија е постојано следење, анализирање и проценување на електроенергетската состојба во Северна Македонија и на електроенергетската состојба во соседните земји и има задача да го информира министерот.
„Владата веќе презеде и предвремени мерки, како што беше намалувањето на ДДВ-то. За жал, не помина законот што беше предложен од страна на Министерството за животна средина во делот на еколошката такса за да може што повеќе средства да се користат во овие енергетски компании. Но, во моментот сметаме дека нема потреба од мерки во согласност со информациите што ги имаме. Тие информации говорат дека до крајот на годината ја имаме потребната количина електрична енергија што можеме да ја испорачаме за домаќинствата и за малите потрошувачи. Цените нема да се зголемат, количините се обезбедни. Подготвени сме како Влада да им помогнеме на ЕСМ и МЕПСО во случај ако има потреба да купуваат електрична енергија од слободниот пазар“, изјави министерот Бектеши.
Тој истакна дека државата ја гарантира цената на струјата и во согласност со тоа таа нема да се промени до крајот на годината.
„Се активираат сите домашни ресурси, од денеска веќе е во функција и вториот блок во РЕК ‘Битола’ за да се обезбедат вкупните потреби за граѓаните. Преземени се сите активности за активирање на третиот блок на РЕК ‘Битола’ со набавка на дополнителни количини јаглен, со што ќе се активира повторно и ТЕЦ ‘Осломеј’, а остварена е комуникација за подготвеност за набавка на мазут за ТЕЦ ‘Осломеј’, рече министерот и истакна дека состојбата се следи, се одржуваат редовни состаноци помеѓу сите фактори во енергетскиот сектор, со цел изнаоѓање најоптимални решенија поради проблемот настанат, пред сѐ, на светските берзи со електрична енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа“
Владата на Мицкоски ги намали субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра. Денеска Трипуновски сака ова кратење на субвенциите за 2026 година да го престави како некаква мала реформа, велат од СДСМ.
„Во 2024 година за субвенции се исплатија 140 милиони евра, сега во буџетот се предвидени само 100 милиони евра. Кај тутунот, субвенцијата за прва класа е намалена од 100 на 80 денари по килограм, што претставува директен удар врз тутунопроизводителите. Со зголемувањето на минималните површини за лозарство, овоштарство и поледелските култури, неколку илјади земјоделци за прв пат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции. Дали за „реформа“ Трипуновски и владата на Мицкоски го сметаат елиминирањето на илјадници земјоделски семејства од системот на државна поддршка? Што е следно, дека и најголемиот криминален скандал со ИПАРД Програмата ќе го прогласат за „реформа“?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги оставила земјоделците и без европска помош и со намалени субвенции.
„Оваа влада не ги крати парите за тендери туку ги кратат субвенциите од кои живеат земјоделците. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 тендери за трета, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку пошта, 9 милиони евта за фирма со двајца вработени. Не се крати тука ништо, како колачи се делат тендери. Нема пари за субвенции, нема пари за минимална плата од 600 евра, има пари само за криминални тендери, нов авион и за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“, велат од СДСМ.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.

