Економија
(Видео) Владата претстави петгодишен економски план – 12 милијарди евра инвестиции и 156.000 нови работни места
Економски раст над 5 % годишно, инвестиции во јавниот и приватниот сектор од 12 милијарди евра, нови 156.000 работни места, а истовремено фискална консолидација, односно одржување стабилен јавен долг, се дел од очекуваните ефекти на Планот за забрзан економски раст за периодот 2022-2026 година што денеска го усвои Владата, а на прес-конференција го претставија премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими.
Планот за забрзан економски раст го подготви Министерството за финансии во соработка со владините ресори, со амбициозна, но остварлива цел да се поддржи економското закрепнување и забрзаниот раст.
Планот се темели на нов пристап и нуди координирана поддршка за поттикнување на инвестициите на јавниот и приватниот сектор во повеќе приоритетни области, преку детално наведување на расположливите извори на финансирање и инструментите и механизмите за финансирање, со проценка на очекуваните ефекти.
„Клучна цел е креирање нови работни места и поттикнување на растот на економијата во нашата земја, со нови инвестиции, со 5 % раст на бруто-домашниот производ и со одржување на стабилен јавен долг“, рече премиерот Заев.
Осврнувајќи се на трите основни цели на планот, премиерот Заев истакна дека истиот нуди иновативен пристап до капитал за финансирање за забрзување на економскиот раст и кој покрај планираните јавни инвестиции од 4 милијарди евра ќе мобилизира дополнителни инвестиции од страна на приватниот сектор, кои се проценуваат на 8 милијарди евра.
Тој ја потенцира важноста на капиталните инвестиции за економскиот развој, напоменувајќи дека и во услови на пандемија тие не запреа.
„За таа цел“, рече тој, „во функција е КАПЕФ механизмот, со кој се наградуваат буџетските корисници кои имаат висок степен на извршување на капиталните расходи и дека проценките се дека тој може да генерира дополнителни 1,5 милијарди евра капитални расходи во периодот 2022-2026 година“.
Според премиерот, втората цел од Планот за забрзан економски раст веќе почнува да се реализира. БДП во првата половина од годината е 5,6 %, а во вториот квартал беше 13,1 % што е потврда дека економијата се враќа на патеките на раст.
„Неодамна и Светската банка ја зголеми прогнозата за растот на БДП на Северна Македонија во 2021 година, од 3,6 на 4,6 %, што ги надминува дури и нашите проценки за раст од 4,1 %. Активноста на приватниот сектор ќе се зголеми, преку воведувањето нови начини за пристап до капитал, инструменти, фондови и извори на финансирање со кои се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции токму од приватниот сектор. Со тоа се делува на зголемување на вкупните инвестиции, на забрзан растот на бруто-домашниот производ и ќе се забрза отворањето нови работни места.
Невработеноста сега е на ниво од 15,9 %, што е најниско ниво во поновата македонска историја. Согласно планот, со растот на инвестициите, стапката на вработување се предвидува да се зголеми на 54,3% во 2026 година, а стапката на невработеност за првпат да влезе во едноцифрена зона до 2026 година од 8,6 %“, рече премиерот Заев и додаде дека важно е да се напомене дека поволните макроекономски случувања ќе ги подобрат јавните финансии, што ќе доведе до фискална одржливост, со намалување на јавниот и јавно гарантираниот долг под 60% од БДП во 2026 година.
„Карактеристика на оваа Влада е домаќинско, отчетно, одговорно и транспарентно работење, а тоа се гледа и во стабилниот буџет како на централно така и на локално ниво. И во услови на пандемија, немаше застој во исплата на плати, пензии, приватниот сектор и најпогодените гранки беа финансиски поддржани, а паралелно ги креиравме и овие крупни долгорочни планови од кои бенефит ќе имаат сегашните и идните генерации“, потенцира премиерот.
Министерот за финансии Бесими истакна дека планот е продолжение на сите мерки што беа преземени за справување со кризата предизвикана од пандемијата од Ковид-19.
„Пандемијата која се појави минатата година предизвика длабока здравствена и социо-економска криза. Создаде потреба да реагираме брзо и навремено зa што дизајниравмe мерки за заштита на здравјето и шест пакети економски мерки во износ од над 1 милијарда евра. Сега пак со Планот за забрзан економски раст продолжуваме понатаму и ќе одговориме на потребите за поддршка на заздравувањето и на повторниот раст на економијата, истовремено обврзувајќи се да спроведеме фискална консолидација на среден рок, односно да го намалиме и буџетскиот дефицит и јавниот долг“, рече министерот Бесими.
Планот за забрзан економски раст е реализација на она што го најавивме во буџетот за 2021 година, односно Стратегијата за заздравување на економијата и забрзан раст или SmartER Growth, Политиките за буџетска консолидација од 2021 до 2025 година и Планот на јавни инвестиции 2021-2025 година.
„Планот е комбинација на традиционални и иновативни инструменти за финансирање. Предложени инструменти преку кои ќе се обезбедува финансирањето на проектите во планот се: механизмот за поголема ефикасност на капиталните расходи, развојната обврзница, проектните обврзници, зелените обврзници, обврзница индексирана на инфлација, јавно-приватните партнерства, управувањето со јавни средства, гарантната шема, Фондот за енергетска ефикасност, Фондот за локален и регионален развој, Фондот за истражување и развој, Фондот за поддршка на мали и средни претпријатија за нивен раст и развој, Стратешкиот зелен инвестициски фонд, Фондот за зголемување финансиски средства, Фондовите за ризичен капитал, и групното финансирање (краундфандинг)“, истакна министерот Бесими.
Планот за забрзан економски раст ќе поддржи инвестициски проекти во јавниот и приватниот сектор, кои ќе значат подобрување на конкурентноста на економијата и подобрување на квалитетот на живот, а ќе се концентрирани во повеќе приоритетни области: зелена економија, дигитализација, иновации и технолошки развој, развој на физичката инфраструктура и човечкиот капитал, како и социјална кохезија.
Министерот истакна дека воспоставена е прецизно дефинирана институционална структура за управување со целиот процес заради негова успешна реализација.
Планот е донесен во интензивна комуникација со меѓународните финансиски институции и други развојни партнери, кои изразија подготвеност да обезбедат финансиска и техничка поддршка. Преку воспоставената СЕФФ платформа (Skopje Economic and Finance Forum, SEFF), после одржаната Прва годишна конференција на Министерството за финансии, планот веќе беше претставен и пред бизнис заедницата, банкарскиот сектор и другите засегнати страни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска во Прага: Македонскиот електроенергетски систем се усогласува со европските оперативни стандарди
Делегација предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна посета на чешкиот оператор на преносниот систем ČEPS, a.s., во Прага, во рамки на интензивната агенда за унапредување на институционалните капацитети и усогласување на македонскиот електроенергетски систем со европските стандарди.
Целта на посетата беше размена на искуства и добри практики, со посебен фокус на напредното оперативно и планско работење на ČEPS во услови на целосно интегриран европски енергетски пазар и строга регулаторна рамка. Во состав на делегацијата учествуваа и претставници на Македонскиот оператор на преносниот систем – МЕПСО, како клучен носител на стабилноста и развојот на националната преносна мрежа. Во рамки на работната посета беше остварена билатерална средба со Мартин Дурачак, претседател на Бордот на ČEPS.
Во рамки на посетата, делегацијата оствари увид во националниот диспечерски центар на Чешката Република, каде беа разгледани напредни решенија за управување и диспечирање на електроенергетскиот систем, употреба на алатки за работа во реално време, како и процесите на модернизација на контролни центри, SCADA/EMS системи и зајакнување на сајбер-безбедноста на критичната енергетска инфраструктура.
Посебен акцент беше ставен на долгорочното планирање на преносната мрежа, интеграцијата на обновливи извори на енергија и системи за складирање, како и на обезбедувањето флексибилност и стабилност на системот во услови на забрзана енергетска транзиција.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката меѓу МЕПСО и ČEPS, преку размена на експерти, студиски посети, специјализирани обуки и можност за воспоставување подолгорочна рамка за техничка соработка од стратешко значење.
Работната посета во Прага претставува конкретен и значаен исчекор во јакнењето на институционалните и техничките капацитети на македонскиот електроенергетски систем и јасен сигнал за определбата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за системска модернизација, стабилност и целосно приближување кон европските најдобри практики.
Економија
Царина со грант од Јужна Кореја ја унапредува контролата на целокупниот увоз, извоз и транзит
Царинска управа се етаблира како лидер на Балканот со напреден Систем за анализа на ризик и податочен склад имплементиран со грант од Република Кореја во висина од 4,75 милиони долари кој ќе претставува цврста основа за патот на државата кон членство во Европската Унија.
Системот овозможува унапредување на контролата на целокупниот увоз, извоз и транзит, како клучно во сузбивање на сивата економија, разобличување на криминалот, заштита на финансиските интереси и полнење на Буџетот, како и олеснување и забрзување на легалната трговија.
Воедно, во случај цените на стоките да се пониски од берзанските, царинските службеници ќе добијат аларм за можна царинска измама. Ќе се овозможи и подобра детекција на профили со висок ризик во воздушниот сообраќај.
Ова беа клучните пораки на денешниот церемонијален настан на кој директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, заедно со генералниот директор на Корејска Царинска Служба, Ли Мјонг Ку го промовираа системот. Системот беше промовиран со одржување на состанок на највисоко ниво и во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, државниот секретар Андриана Матлиоска и амбасадорот на Република Кореја, Ким Донг Бе, по кој директорите на македонска и корејска Царина одржаа прес-конференција.
„Само годинава заклучно октомври, вкупната трговска размена изнесува 18 милијарди долари, што кажува за тежината на секојдневната работа на Царинската управа во олеснување на трговијата, при истовремено спречување на обидите за криминал. Овој систем ни е од исклучителна важност бидејќи со истиот се овозможува унапредување на анализата на ризик и подобра селекција и концентрираност на контролите на високоризични пратки, со што се овозможува олеснување и забрзување на легалната трговија. Сите податоци за целиот увоз, извоз, транзит, податоците за акцизна стока, целокупната евиденција на заплени, прекршочни и кривични пријави се интегрирани во Системот каде истите се анализираат со поддршка на напредна вештачка интелигенција. Воедно истиот обезбедува податоци за пратки чии вредности се различни од берзанските цени, но и чии вредности се под просечните согласно анализата на вредноста на целокупниот увоз, со што ги алармира царинските службеници за проверка на контејнерите со вакви пратки, се со цел да се спречат можни обиди за царинска измама“, истакна директорот Николовски на прес-конференцијата.
Воедно, како што истакнува Николовски се овозможува подобрување на квалитетот на податоците кои понатаму ќе бидат предмет на анализи и креирање мерки за подобрување на трговските политики како клучни за забрзување на растот на економијата.
Директорот на корејската Царина, Ли, вели дека најважно и уверен е во истото, системот ќе претставува цврста основа за патот на државата кон членство во Европската Унија. Тоа не само што ќе придонесе државата да ја зацврсти својата позиција како лидер на Балканот со напреден царинско административен систем, туку и ќе биде инспиративен пример за силна царинска соработка и пријателство.
„Патот на овој проект до денешната церемонија на пуштање во употреба не би бил можен без посветеноста и блиското партнерство меѓу владите на Република Кореја и РС Македонија. Преку континуирана комуникација и соработка меѓу нашите две земји, денес тој конечно дава конкретни резултати. Од 2008 година, Царинската служба на Кореја го воведе нашиот систем за електронско царинење UNIPASS во 16 земји, со вкупна вредност од 329,37 милиони американски долари. Овој ODA проект во вредност од 4,75 милиони американски долари (6,1 милијарди корејски вони) за РС Македонија има особено значење, бидејќи претставува прво воспоставување на системот за електронско царинење на Царинската служба на Република Кореја во целиот европски регион. Воспоставен е интегриран информациски ресурс и систем за управување со ризици, со цел подобрување на оперативната ефикасност и обезбедување непречен проток на стоки во РС Македонија“, истакна директорот Ли.
Економија
Директна авиолинија Скопје – Прага, за Божиновска таа е реална врска меѓу двете економии
Со првиот лет на новата директна авиолинија Скопје – Прага, земјава прави значаен исчекор во унапредувањето на меѓународната поврзаност, економската соработка и мобилноста на граѓаните, истакнуваат во соопштението од Министерството за енергетика.
На настанот по повод воспоставувањето на авиолинијата се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, генералниот директор на TAV Македонија, Неџат Курт, како и претставници на Wizz Air.
Како претседател на Мешовитата комисија за економска соработка, министерката информираше дека иницијативата за директна авионска линија била покрената на Заедничкиот македонско-чешки состанок во Прага, во март годинава, како дел од пошироката агенда за продлабочување на билатералните односи и олеснување на бизнис-комуникацијата.
Божиновска истакна дека воспоставувањето на директната линија не е случаен потег, туку резултат на јасна визија и конкретна иницијатива.
„Оваа авиолинија е реална врска меѓу две економии, два пазара и две општества. Поврзаноста е предуслов за развој, за мене, оваа линија има и силна лична димензија. На 20 август 1998 година се иселив во Прага, во време кога немаше директен лет меѓу нашите две земји. Поврзаноста беше комплицирана, скапа и временски исцрпувачка. Од 2005 до 2012 година постоеше директна линија и од лично искуство знам колку директната авионска врска значи – не само симболично, туку реално, за животот, за бизнисот и за секојдневната комуникација меѓу луѓето. Затоа, уште од првиот ден како министерка, силно се залагам за продлабочување на врските меѓу Македонија и Чешка и за создавање реални услови што ќе ја олеснат таа поврзаност“ , нагласи Божиновска.
Според надлежните, директната авиолинија Скопје – Прага ќе придонесе за зголемен туристички и деловен сообраќај, подобра мобилност на граѓаните и посилно вклучување на Македонија во европските економски текови.
Авиосообраќајот е важен сегмент од целокупната стратегија за модерна инфраструктура, економски раст и регионална интеграција, при што ваквите проекти се реализираат преку координирана соработка меѓу институциите и приватниот сектор.
Министерката Божиновска ја поздрави соработката меѓу TAV Македонија и Wizz Air, оценувајќи дека таа е пример за ефикасно партнерство кое носи конкретни резултати за граѓаните и економијата.

