Култура
Шпански филмови, српски документарци и евергрини се дел од ноемвриската програма во Кинотеката
Филмот „Тома“ на Драган Бјелогрлиќ, динамична сторија за животот и доживувањата на легендарниот пејач Тома Здравковиќ, како и секој вистински филмски хит на Балканот веќе исфрли неколку реплики кои стекнуваат култен статус со неверојатна брзина. Една од нив гласи „Ти не ја избираш публиката, публиката те избира тебе!“, изречена од пејачката Силвана Арменулиќ, наменета за својот колега Тома. И, секако, „Тома“ го имаме на почетокот на ноемвриската програма во Кинотеката.
Како со песните, така и со филмовите: публиката секогаш ги избира, одлучува кои ѝ се омилени, кои ќе ги гледа и неколкупати. И филмовите и песните понекогаш стекнуваат статус на евергрини (evergreen) минувајќи ги ситото на временската дистанца од две, пет, десет, дваесет, педесет години, но и судот на разните вкусови.
Ноемвриската програма во Кинотеката содржи некоку такви евергрин-филмови за сите времиња. Неделата на шпански филм содржи токму такви наслови. Изборот на седумте филма на оваа манифестација, која веќе е традиционална на кинотечната програма, претставува мешавина од тематски преокупации на авторите од неколку генерации, во кои доминира добро познатата медитеранска атмосфера, во која се натопени семејните и личните трагедии.
Документарниот филм ОМЕГА () на Хервасио Иглесијас, Жозе Санчез-Монтес (Gervasio Iglesias, José Sánchez-Montes) на необичен начин ги спојува поезијата на Леонард Коен и Федерико Гарсија Лорка со огнениот ритам на фламенкото. ДУХОТ НА ПЧЕЛНАТА КОШНИЦА (El espíritu de la colmena/The Spirit of the Beehive) на Виктор Ерис (Víctor Erice), ДЕВЕТ ПИСМА ЗА БЕРТА (Nueve cartas a Berta/Nine Letters to Bertha) на Базилио Мартин Патино (Basilio Martín Patino), НАЦИОНАЛНО НАСЛЕДСТВО (Patrimonio Nacional/National Heritage) и РАКЕТАТА ОД КАЛАБУЧ (Calabuch/The Rocket From Calabuch) на Луис Гарсија Берланга (Luis García Berlanga) внимателно ја сецираат најголемата рана на шпанското општество, четириесетгодишната диктатура на Франциско Франко. Тие рани можеби се залечени, но ангажираните филмски автори се тие што имаат задача да покажуваат на лузните што едно општество ги носи.
На Неделата на шпанскиот филм ќе ги видиме и социјалната драма „Невините светци“ (Los Santos Inocente/The Holy Innocents) на Марио Камус (Mario Camus), како и женското писмо на авторката Исијар Бојаин (Icíar Bollaín) – порано и одлична и популарна актерка – во МАТАХАРИС (Mataharis).
Крајот на ноемвриската програма е резервиран за четири документарни наслови од современата српска кинематографија. Се работи за двата документарни долгометражни филма на Горан Радовановиќ (Goran Radovanović), ЧЕКАЈЌИ ГО ХАНДКЕ (Čekajući Handkea/Waiting for Handke) и СЛУЧАЈОТ МАКАВЕЕВ ИЛИ ПРОЦЕС ВО КИНОСАЛАТА (Случај Макавејев или процес у биоскопској сали/The Makavejev Case or Trial in a Movie Theater), како и двата краткометражни документарци на авторскиот двоец Милан Киќевац, Бошко Милосављевиќ (Милан Кићевац, Бошко Милосављевић), УЧИТЕЛОТ ОД ДРИМКОЛ (Učitelj iz Drimkola/A teacher from Drimkol) и СЕЛИДБИТЕ ВЕЧНО ПРОДОЛЖУВААТ (Seobe se nastavljaju večno/Migrations continue forever).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Факултетот за музичка уметност го најави годишниот концерт „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“
Факултетот за музичка уметност – Скопје го најави годишниот концерт насловен „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“, кој ќе се одржи во петок, 5 декември, со почеток во 20:00 часот во Големата концертна сала на Македонската филхармонија. Настанот е дел од одбележувањето на 59-годишнината од постоењето на институцијата.
ФМУ – Скопје истакнува дека како алма матер на голем број уметници од земјата и регионот, останува централниот столб на музичкото и балетското образование, создавајќи генерации изведувачи, педагози и творци кои го обликуваат уметничкиот живот во Македонија.
На концертната програма ќе настапат Симфонискиот оркестар на ФМУ, Мешаниот хор „Драган Шуплевски“, Камерниот гудачки оркестар „ФМУ Солисти“, Оркестарот од народни инструменти со солисти, студенти од Катедрата за балетска педагогија, од Катедрата за џез и популарна музика, како и дувачкиот ансамбл на ФМУ, под водство на проф. м-р Цанев, проф. м-р Татарчевски и доц. м-р Спироски.
Публиката ќе има можност да слушне дела од Пурсел, Сен-Санс, Прокофјев, Тиле/Вајс, Коен, Сусато, Горецки, Гершвин, македонска традиционална музика, како и нови композиции од студентите А. Голчева и М. Цветановска.
Влезот на настанот е слободен.
Култура
Сè што ни е заедничко“ – во МСУ изложба што го иницира прашањето „Дали навистина го дишеме истиот воздух?“
Сè што ни е заедничко (Институција во дишење) – нова изложба во МСУ-Скопје од 27 ноември
Во Музејот на современата уметност – Скопје на 27 ноември 2025 година, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Сè што ни е заедничко (Институција во дишење)“, кураторски проект на Мира Гаќина и Јованка Попова.
Во изложбата учествуваат Forensic Architecture, Денис Фереира да Силва и Арџуна Неуман, Дурмиш Ќазим, Џумана Мана, Зорица Зафировска и Палестинскиот музеј.
Проектот тргнува од прашањето дали навистина го дишеме истиот воздух. Изложбата го поставува воздухот како ресурс што формално го делиме, но не и еднакво, укажувајќи на токсичните атмосфери – буквални и политички – и на позицијата на маргинализираните заедници.
Инспирирана од концептот на Фанон за „борбено дишење“, поставката ги истражува уметничките практики што откриваат колонијални, империјални и капиталистички структури впишани во воздухот што го дишеме. Авторите визуелизираат токсични облаци, архиви на насилство и невидливи атмосфери што влијаат врз секојдневието.
Паралелно со изложбата, која ќе трае до крајот на февруари, ќе се одржат јавни програми. Во рамките на проектот „Институционални градини“ на Зорица Зафировска ќе има детски работилници за садење и изработка на семенски топчиња, активности за чистење и обновување на просторот околу МСУ, поставување компостна кутија и прикажување едукативни видеа.
Со оваа поставка МСУ-Скопје се претставува како „институција во дишење“ – отворена, инклузивна и ориентирана кон заедницата, со повик за заедничко размислување и акција. Визуелниот идентитет на проектот е дело на Албана Бектеши.
Култура
Промоција на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска
Во среда, 3 декември, со почеток од 19:00 часот во „Јавна соба“, Скопје, ќе се одржи промоцијата на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска, посветена на најпознатата и најуспешна македонска кореографка за современ танц ‒ Рисима Рисимкин. Изданието е на „ПНВ Публикации“ и објавено е со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Монографијата низ разговор со Јасна Франговска и Рисима Рисимкин ќе ја претстави Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.
Во ова обемно и луксузно издание, на 180 страници, опфатени се сите значајни аспекти од 45-годишната кариера на Рисима Рисимкин ‒ од самите почетоци како балерина, со сите предизвици со кои се соочувала, до големите успеси што ја дефинираа како истакната кореографка од областа на современиот танц, којашто со нејзината едукациска работа зад себе остава нови генерации танчари и кореографи. Рисима Рисимкин е клучна фигура во македонската култура, а нејзиниот труд годинава беше крунисан и со високото признание ‒ Витез на францускиот ред на уметностите и книжевностите што го доделува државата Франција.
Покрај извонредно питкото писмо на Франговска, што на многу топол и непосреден начин го доближува животниот и професионалниот пат на Рисимкин, извадоците од позначајните рецензии за нејзините дела и обраќањата до читателот од самата Рисима, изданието е збогатено и со неверојатни фотографии од личната архива на Рисимкин и од архивата на „Интерарт културниот центар“, чиишто автори се: Андреј Гиновски, Драган Перковски, Сашо Димоски, Сердар Ајдин, Aнтонио Пиштолов, Ивана Тасев, Олга Ибатулина, Зоран Велјаноски ‒ Летра, Емил Петров и Борис Грдановски.
„Би ја опишала како македонската Пина Бауш, потпрена на белиот балет, којашто во еден момент посакува да излезе од таа рамка и да оди во слободата на движењето…“, ќе изјави Мирјана Радочевиќ за „Политика“, Белград во 2003 г.

