Македонија
(Видео) Шилегов: „Дрисла“ повеќе не го труе Скопје
„Дрисла“ повеќе не го труе Скопје, инвестиравме во здравјето на граѓаните, изјави градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов.
„Денес, говориме за ‘Дрисла’ – депонијата што девет години беше симбол на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ, најопасен загадувач на воздухот во Скопје и опасност за здравјето на граѓаните. Скопската депонија беше извор на загадување, каде што се гореше и складира опасен отпад, а нејзината криминална продажба и управување го доведуваа здравјето на скопјани во ризик. Ова е минато и благодарение на нашите напори ја вратиме ‘Дрисла’ во владение на град Скопје“, рече Шилегов.
Со тоа, додаде тој, почнавме да инвестираме по девет години никакво вложување во депонијата, спречивме горење и складирање опасен отпад, нешто што, како што рече, за ВМРО-ДПМНЕ претходно беше главен бизнис.
Според Шилегов, девет години немало ниту една инвестиција. „Ние за една и пол година успеавме да набавиме нов стерилизатор за третман на медицински отпад од познатата италијанска марка ЦИСА – иновативен систем целосно автоматизиран со висока технологија и квалитет. Со набавката на стерилизаторот се стави крај на неодговорното и несовесно постапување со медицинскиот отпад, односно неговата несоодветна обработка, што потоа завршуваше на „Дрисла“ како обичен отпад, што претставуваше потенцијална опасност за животната средина и за здравјето на луѓето“, рече Шилегов.
„Системот за третман на медицински отпад е опремен со шредер, што го намалува до 80 % неговиот волумен, со сува вакуум-пумпа, што придонесува за заштеда на потрошувачката на вода и до 98 %, како и со систем за заштеда на енергија, кој истовремено обезбедува и еколошка безбедност и не дозволува воздухот што го испушта стерилизаторот да ја загадува околината“, додаде Шилегов.
Тој исто така рече дека градежните машини со кои располага и кои се во сопственост на претпријатието се комплетно сервисирани во сервисот на претпријатието и се повторно вратени во употреба.
„Старите и дотраени теренски возила се заменети со нови 3 теренски возила, неопходни за непречено движење по пристапните патишта до депонијата, кои се тешко проодни со лесни моторни возила. По десет години, комплетно се отворени и дренажните канали околу целата депонија“, рече Шилегов.
За редовно мерење на амбиенталниот воздух, додаде тој, набавена е нова мерна станица за амбиенталниот воздух со автоматско ажурирање на податоците на една минута, воведен е нов софтвер за дигитализација на деловните процеси и на процесите за третман на отпадот на депонијата во согласност со европските стандарди и поставен е нов систем за видеонадзор, со што целата површина на депонијата е комплетно покриена со камери.
„Денес, граѓаните на Скопје може да бидат спокојни дека ‘Дрисла’ повеќе не го труе Скопје. Во ‘Дрисла’ се работи законски, не согорува опасен увезен отпад како во времето на ВМРО-ДПМНЕ и со тоа здравјето на граѓаните повеќе не е во ризик“, нагласи Шилегов.
Тој најави дека „Дрисла“ во следниот период добива голема инвестиција, со што ќе се реши еден од најгорливите проблеми – дивите депонии од градежен шут, кои, за жал, ги создаваат несовесните граѓани.
„Имено, ‘Дрисла’ првпат ќе почне со третирање и преработка на интертен отпад – градежен шут. Така, наместо да се плаќа за депонирање на шутот, кој сега ги мотивира некои да го исфрлаат на диво и да ја загадуваат природата, тоа ќе може да го прават бесплатно во депонијата, која ќе го преработува и од него ќе произведува градежни материјали“, најави Шилегов.
„’Дрисла’ беше симбол на корупцијата и криминалот на претходната власт, извор на загадување и опасност за скопјани. За само четири години, ја претворивме во ефикасно претпријатие, каде што безбедно и одговорно се третира отпадот, без да се загрозува животната средина. Претпријатие што се развива и кое во следниот мандат ќе прерасне во модерен центар за третирање отпад по светски стандарди, со што ќе го решиме проблемот на дивите депонии во градот. На изборите в недела избираме дали сакаме овој развој и заштита на здравјето на граѓаните да продолжи или сакаме да ја вратиме ‘Дрисла’ на управување на истите тие што ја продадоа за криминални цели и свесно ги труеја градот и скопјани“, рече Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

