Македонија
Бугарскиот главен јавен обвинител на средба со Љубомир Јовески

Можностите за унапредување на соработката во сите области, а особено во борбата против организираниот и прекуграничниот криминал, беа во фокусот на денешната средба на јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, со Иван Гешев, главен јавен обвинител на Република Бугарија.
Работната посета на бугарскиот главен обвинител во Скопје се остварува по покана на Јовески. Во делегацијата што ја предводи Гешев е и Сијка Милева, јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Бугарија.
Јовески и Гешев на состанокот ги разгледаа можностите и потребите за евентуална измена на меморандумот за соработка меѓу двете обвинителства склучен во 2015 година, а дискутираа и за правците за натамошна соработка. Притоа разменија искуства и разговараа за правните норми во двете земји, кои се однесуваат на постапувањето во предмети против сериозен и организиран криминал.
Во рамките на дводневната работна посета на земјава, делегацијата на Јавното обвинителство на Република Бугарија се сретнa и со министерот за правда, Бојан Маричиќ, како и со основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Началник бара Итната помош на носилка да однесе директорка на информативен разговор во станица

На социјалните мрежи е објавено видео на кое се гледа началник во домот на директорка на училиште и вербална расправија меѓу него и синот на жената.
Началникот се слуша прво како вели дека е дојден да изврши претрес во домот на директорката, а после кажува дека таа треба да се јави на информативен разговор во полициска станица.
Во дворот на куќата е и екипа на Брзата помош, која му кажува на началникот дека жената има висок крвен притисок, а тој предлага на носилка да ја однесат во станица на информативен разговор по извршениот претрес.
На видеото се слуша како синот вика „Една мајка имам“, а на местото на настанот е и адвокатот на жената. Синот му објаснува на началникот дека кога ќе и заврши боледувањето на мајка му ќе дојде во полициска станица, но началникот инсиситира дека тоа мора да биде во моментот.
Во врска со видеото, од Обвинителството соопштија дека Основното јавно обвинителство Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај.
„Поради сомненија за кривично дело – Фалсификување и уништување деловни книги, Министерството за внатрешни работи – ОВР Демир Хисар од Основното јавно обвинителство Битола побара издавање Наредба за претреси на три локации – службени простории на училиштето, дом и автомобил на пријавено лице. Основното јавно обвинителство Битола побара од Основниот суд во Битола да се издаде наредбата со цел обезбедување предмети од кривично дело. Судот ја ценеше основаноста и го прифати барањето за претрес, по што ОВР Демир Хисар во текот на вчерашниот ден извршило претрес на трите локации, а за претресите и евентуално пронајдени и одземени предмети се уште нема доставено официјално писмено известување до обвинителството. Законската процедура за обезбедување наредба за претрес на дом и други простории е во целост испочитувана. Спроведувањето на наредбата е во надлежност на полициските службеници. Основното јавно обвинителство Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај“, се наведува во соопштението.
Македонија
Се очекува Гаши денеска да ги распише изборите

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска се очекува да ги распише локалните избори, иако се уште нема официјална потврда.
Ова ќе бидат осми локални избори по ред од независноста на државата.
Утрешниот ден всушност е и последниот рок за распишување на изборите кои, според најавите треба да се одржат на 19 октомври, а доколку има втор круг за градоначалници гласањето ќе биде на 2 ноември.
На локалните избори, граѓаните ќе бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје.
Вкупниот буџет за одржување на локалните избори 2025 изнесува 9 милиони и 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.
Македонија
ВЛЕН го прашува Бујар Османи зошто нема документација за потрошени 120 милиони денари од буџетот на МНР

ВЛЕН го повикува Бујар Османи јавно да одговори зошто нема никаква документација за потрошени над 120 милиони денари од буџетот на Министерството за надворешни работи и зошто нема податоци што е направено за толку огромна сума пари?
„Зошто не постои отчет за овие средства, ниту трага од тоа што останало по завршувањето на самитот на ОБСЕ? Овие прашања се за пари на сите граѓани, за пари кои требало да се користат за училишта, подобро здравство, за водоводи и патишта, а завршиле без траг, документ и доказ во непознат правец. Државниот завод за ревизија јасно утврди дека во време на Бујар Османи, МНР ги потрошило овие пари без да се знае за што, без покритие, без документи и без видлив резултат“, велат од ВЛЕН.
Од таму велат дека очекуваат од Јавното обвинителство и надлежните инстутиции веднаш да постапат и да утврдат одговорност.
„Бујар Османи во својот живот не направил ништо за Општина Чаир, ниту еден проект, ниту едно подобрување за граѓаните, ниту кренал телефон за да помогне. Но, очигледно знаел многу да направи само за себе, користејќи го буџетот на државата за сомнителни трошоци без трага, документ и доказ. Само во овој случај во вредност од над 120 милиони денари. Чаир не заслужува политичар кој бега од одговори и кој зад себе остава само сомнежи и скандали. Чаир заслужува чесно и одговорно раководство“, велат од ВЛЕН.