Македонија
Владините партнери против оставката на Заев, ја потврдија стабилноста на парламентарното мнозинство
Парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот, се согласиле коалициските партнери по синоќешната средба со премиерот Зоран Заев.
Од Владата соопштија дека сите партнери од парламентарното мнозинство биле присутни на средбата и ѝ изразиле поддршка на Владата.
Притоа заеднички било констатирано дека на Северна Македонија и на граѓаните на земјата не им се потребни предвремени парламентарни избори и дека такви избори единствено би ја втурнале земјата во политичка, економска, општествена и безбедносна криза, но исто така ќе ги закочат и процесите на европските интеграции на Северна Македонија.
„Коалициските партнери од парламентарното мнозинство се едногласни дека на Северна Македонија ѝ е потребна Влада што испорачува резултати од интерес на граѓаните, особено во време на пандемијата и енергетска криза, со јасен евро-атлантски курс на дејствување“, се наведува во владиното соопштение.
По средбата, генералниот секретар на ДУИ, Артан Груби, изјави дека сите коалициски партнери дале поддршка на политиките на Владата, на премиерот Зоран Заев и на цела владина коалиција за продолжување со европската и реформската агенда и немало сомнеж во парламентарното мнозинство од ниту еден учесник на состанокот.
„Сите партнери што учествуваат во Владата беа апсолутно против оставката на премиерот Заев, затоа што сметаме дека таа беше избрзана и дека тој треба да продолжи со предводењето на Владата и спроведувањето на политиките, затоа што тоа го очекуваат граѓаните“, изјави Груби.
Нагласи дека ова беа локални, а не парламентарни избори.
Генералниот секретар на Беса, Арјанит Хоџа, по состанокот изјави дека средбата уште еднаш покажала дека владиното мнозинството е стабилно и дека треба да продолжи.
„Сите се согласивме дека какви било процеси што би воделе кон предвремени парламентарни избори ќе бидат многу проблематични, тешки и за економската, социјалната и безбедносната ситуација во државата. Затоа сите едногласно сме против организирањето на предвремени избори“, истакна Хоџа.
Пред средбата, лидерите на ДОМ и на ЛДП, Маја Морачанин и Горан Милевски, порачаа дека двете партии остануваат дел од парламентарното мнозинство и дека не поддржуваат одржување на предвремени парламентарни избори.
И лидерот на НСДП, Тито Петковски, изјави дека не треба да има предвремени парламентарни избори, туку дека актуелната Влада треба да си продолжи со работа.
Според Петковски, мора да се разграничи што се локални, а што парламентарни избори доколку сакаме демократска држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обвинителството ги проверува наводите на Жан Митрев
Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека ги проверува изнесените информации од докторот Жан Митрев дека СДСМ сакале да му ја преземат клиниката.
„Основното јавно обвинителство Скопје постапува и веќе презема дејствија на проверки во предметот оформен по допрен глас на 21.01.2026 година од страна на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, по однос на јавно изнесените наводи од лицето Жан Митрев, доктор и сопственик на Клиника „Жан Митрев“ – Скопје, а кои се однесуваат на тоа дека поранешен премиер и поранешен министер за здравство се обиделе да го принудат да им ги продаде неговите сопственички удели во клиниката“, соопшти Обвинителството.
Од таму додаваат дека во предметот се вршат проверки со цел да се испита евентуално постоење на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност.
Македонија
Филипче: Реформите за ЕУ се блокирани, загрижуваат антиевропските манири на власта
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во денешното обраќање во Собранието, на настанот „Анализа на јавното мислење за процесот на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ во 2025 година”, наведе неколку причини кои упатуваат на тоа дека, како што рече, власта има антиевропски манири, кои се загрижувачки и државата ја ставаат во фаза на стагнација и изолација.
„Влошувањето на односите со соседите не е во духот на пристапувањето кон Европа. Не може да се каже го решивме, го вративме старото име и да се влошуваат односите со соседна Грција, кога тоа не е така. Што е целта? Да се привлечат симпатии кај некои гласачи, коишто тоа навистина го очекуваа тоа врз основа на ветувањата на оваа власт во очи кампањата во 2024 година? Или континуираното влошување на односите со непримерни изјави со Бугарија? Не е тоа во духот на Европа“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче додаде дека не е во духот на Европа внесувањето на сомнителен капитал од Србија.
„Не го кажувам јас српскиот свет, го кажа Извештајот на Европскиот парламент. Не може да се дозволува без контрола да се носи капитал којшто бил одбиен од Европска унија. Се поставува прашањето зошто се отвораат врати на таков сомнителен капитал во земјава? Не може и не е во духот на европските манири да се носи резолуција во Собрането во која што се забранува слобода на говор, да внимава опозицијата што зборува“, рече Филипче.
Како што кажа Филипче, сериозно загрижуваат и изјавите од власта во однос на одлуката за електронската евиденција за влез во ЕУ, коишто го подгреваат антиевропскиот наратив.
„Од лани е таа одлука. Не може сега вие да кажете, Европа е крива. Не може се нас нешто учителката да не мрази.Ние знаеме што ќе биде, ама на нас е кај сакаме да бидеме и кон што сакаме да одиме и да се движиме. Нема префрлање на одговорностите. Власта значи пред сѐ одговорност. Се знае кои се обврските„, рече Филипче.
Во обраќањето, Филипче предупреди дека нема поместување ниту во доследно исполнување на реформската агенда.
„Повторно е тоа несработување на домашната задача. Еве два конкретни примери, за да знае јавноста дека не е проблем желбата и иницијативата од страна на опозицијата да се работи вистински на реформската агенда. Законот за енергетика, којшто зеднички го поднесовме со заеднички амандмани, за да во последен момент последниот амандман биде донесен спротивно на препораките на Европската Унија. Не може да гласаме за таков закон кој што треба да биде само про-форма дел од европската агенда или законот за Судски совет каде не се во целост имплементирани препораките од Оценската мисија. Не може да се маскираат работите“, рече Филипче, додавајќи дека граѓаните веќе стануваат сè посвесни за тоа што треба да се направи и како регионот оди напред.
Претседателот Филипче ги посочи последните податоци од истражувањето кои покажуваат дека кај поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ се зголемува поддршката за пристапување во ЕУ.
„Еден многу добар податок што мислам дека значи многу, а тоа е тоа што гласачи на ВМРО-ДПМНЕ изминативе две години, и тоа е најсигнификантна разлика, имаат поддршка кон пристапувањето на земјава кон Европската Унија. Тоа е многу добар податок. Гледаме дека континуирано е тоа кај поддржувачите на СДСМ. Така да сметам дека тоа мора да се издвои. Лошата работа во тоа е што премиерот Мицкоски не е во тие луѓе.“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Се родија два џуџести мармозети во Зоолошката градина во Скопје
Два џуџести мармозети се родија во Зоолошката градина во Скопје.
„Принова кај најмалите мајмунчиња на светот: Еден од нашите парови џуџести мармозети доби близначиња ❤️
Џуџестите мармозети се сметаат за најмали мајмуни на светот и тежат најмногу до 100 грама. Токму затоа и двете бебиња се уште се тешко видливи со голо око. Тие постојано се на грбот на својата мајка, а за нив се грижи целата група“, објавија од Зоолошката градина.

