Македонија
Димитров би можел да биде технички премиер на новата Влада, прогнозира германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“
Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) прогнозира дека Никола Димитров е кандидат за технички премиер на новата влада, во анализата што ја пренесе „Дојче веле“.
Весникот анализира три можни сценарија: актуелното мнозинство да продолжи да владее со нов премиер; да се формира техничка влада која на одреден период би ја предводела земјата. За втората варијанта, весникот пишува дека кандидат за премиер е поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров. Третата варијанта се предвремени избори, кои според ФАЦ, ги турка лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Во која насока ќе се развива Северна Македонија предводена од Мицкоски, не е јасно. Формално, ВМРО не ја отфрла целта за членство во ЕУ. Но, во годините на владеењето на Груевски земјата систематски се оддалечуваше од ЕУ. ВМРО не ја признава ниту промената на името, а нејзините политичари и натаму земјата ја нарекуваат Македонија. Тоа може одново да предизвика проблеми во односите со Грција. Сигурно е само тоа дека обидот на Зоран Заев, да ја усогласи целата политика со ЕУ во надеж дека ќе добие барем почеток на преговори, не успеа. А со сигурност никој на потегот меѓу Белград и Тирана во иднина нема да го следи“, пишува ФАЦ.
Весникот понатаму анализира дека оставката на Заев е пораз за Еврпската Унија. Како што се наведува во анализата, „клучно за мандатот на Заев не беше само тоа што му успеа, туку многу повеќе, тоа што му беше ускратено“. На Заев му успеа да постигне компромис со Грција и да го смени името во Северна Македонија „со еден храбар и одважен внатрешно-политички маневар“.
„Неговата храброст не беше наградена, или во најмала рака само со утешната награда за членство во НАТО. Неговата главна политичка цел, почетокот на преговорите со ЕУ, Заев ја пропушти. Тоа не беше негова вина, напротив. Случајот на Заев е школски пример за регионот. Веројатно премиерот на Северна Македонија во заминување ќе биде последниот премиер во регионот кој беше подготвен, за т.н. европска перспектива на неговата земја, да презема огромни политички ризици врз себе. Затоа, поразот на Заев може да важи и за пораз на ЕУ и на нејзината досегашна политика на проширување на Балканот“, се додава во анализата на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши за Денот на независноста на Косово: Празникот е момент на размислување и национална гордост, кој ги отелотворува жртвувањето, посветеноста и визијата за слобода и градење на државата
Претседателот на Собранието Африм Гаши со честитка по повод Денот на независноста на Република Косово.
„Овој празник е момент на размислување и национална гордост, кој ги отелотворува жртвувањето, посветеноста и визијата за слобода и градење на државата. Независноста на Косово претставува триумф на слободната волја на граѓаните да изградат демократска, праведна и европски ориентирана држава.
Република Северна Македонија и Република Косово уживаат одлични односи. Нашите соседски, општествени и историски врски се силни и претставуваат непоколеблива основа за понатамошно продлабочување на партнерството меѓу нашите две земји.
На овој значаен ден, ја потврдуваме нашата поддршка за успешниот пат на Република Косово и изразуваме убедување дека нашата братска соработка ќе продолжи да се продлабочува во функција на мирот, стабилноста и просперитетот на регионот, како и на унапредувањето на нашата заедничка евроатлантска агенда“.
Македонија
(Видео) Кузеска: За еден час пред Владата ќе започне протест за поголеми плати, нека се симне Мицкоски, нека ги погледне работниците кои едвај може да си ги прехранат семејствата
„Со владин авион и парите од граѓаните премиерот бил на Јадранско море. На одмор. Ова е срамна слика за една опиена власт од луксуз, приватен бизнис и тендери“, истакна Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Додека, како што вели, граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека владата одбива 600 евра минимална плата и им крати 40 милиони евра на земјоделците, премиерот се луксузира врз грбот на народот.
„Исто како Груевски, тој купуваше очила од 60 илјади евра и луксузен мерцедес а Мицкоски има часовници од 60 илјади евра и сака да се луксузира со авион.
Пола Влада се шетала со владиниот авион. Главна дестинација- Будимпешта, кај нивниот шеф, Груевски. За еден час, овде, пред Владата ќе започне протест на работниците за поголеми плати, за достоинствен живот.
Нека се симне Мицкоски, нека ги погледне работниците кои едвај може да си ги прехранат семејствата и да им одговори: Колку ги чини граѓаните овој луксуз на премиерот со владиниот авион“.
Затоа ли се најавува купување на нов владин авион – за уште повеќе приватни патувања со народни пари, прашува Кузеска.
Македонија
Герасимовски: Јавен повик за Итно копче, брза и иновативна помош за повозрасните жители на Центар
Општина Центар ги повикува сите заинтересирани граѓани да аплицираат за услугата Итно копче, наменета за лица над 65 години, со приоритет за оние кои живеат сами или со брачен другар со нарушена здравствена состојба.
Услугата е наменета за лица со пензија до 35.000 денари и без дијагноза на деменција или Алцхајмерова болест, а може да ја користи само еден член на семејство.

„Со примена на оваа иновативна услуга обезбедуваме брза реакција за повозрасните или изнемоштените лица преку едноставно притискање копче што се наоѓа на уред во форма на алка. Станува збор за технологија која спасува животи и го подобрува квалитетот на живот на повозрасната популација“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Јавниот повик важи од денот на објава до исполнување на капацитетите, при што корисниците ќе се избираат по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Документите се доставуваат во Канцеларија на Итно копче, ул. Славе Георгиевски Шнајдер бр.5, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот.

