Економија
Предлог-буџетот за следната година изнесува 4,4 милијарди евра

Продолжување на грижата за заштита на здравјето на населението, многу повеќе капитални инвестиции, редовна и навремена исплата на плати, пензии и социјални надоместоци при истовремена фискална консолидација, се главните цели на предлог-буџетот за 2022 година, што Владата го усвои на седницата на 30 октомври, а денеска на прес-конференција го претстави министерот за финансии, Фатмир Бесими. Реализацијата на буџетот за 2022 година ќе овозможи поддршка на економскиот раст проектиран на 4,6 %.
Вкупните приходи на предлог-буџетот за 2022 година се планирани на 238,9 милијарди денари и се 7,4 проценти повисоки од годинава. Вкупните расходи се планирани на 272,4 милијарди денари, што се за 1,4 % повисоки oд 2021 година. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 % од БДП и е понизок за 2,2-процентни поени во однос на дефицитот во 2021 година.
Притоа капиталните инвестиции се повисоки од буџетскиот дефицит и изнесуваат 37,8 милијарди денари, што е за речиси 27 % повеќе во однос на 2021 година. Со ова, како што истакна министерот, се постигнува златното правило во јавните финансии.
„Главна карактеристика на предлог-буџетот за 2022 година е дека дефицитот единствено ќе се користи за поддршка на позначителниот дел од капиталните инвестиции. Во 2022 година, според сите карактеристики, ќе имаме развоен буџет. Развојната компонента на буџетот се гледа преку зголемените средства за капитални расходи за речиси 27 % во однос на 2021 година или 8 милијарди денари повеќе се предвидени во 2022 година за капитални проекти. Капиталните расходи в година се на историски највисоко ниво од 14 % во вкупните расходи“, истакна министерот.
Одлика на овој буџет е дека парите на граѓаните ќе се искористат таму каде што даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на животот.
Средствата ќе бидат наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и во социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.
„За да се одговори на сѐ уште присутните предизвици од пандемијата на Ковид 19, предвидени се повеќе средства во здравствениот сектор и планирани се на ниво од 7,4 милијарди денари. Значителен износ се однесува на набавка на вакцини против Ковид 19; реконструкција на ЈЗУ во износ од речиси 260 милиони денари; медицинска опрема, реновирање и опремување вакцинални пунктови, како и други програми“, рече Бесими.
Подобра ефикасност и ефективност во употребата на јавните пари ќе се постигне преку зајакнат мониторинг во рамките на механизмот за повисока реализација на капиталните расходи (CAPEF), воведување повеќе индикатори за мерење на успешноста на буџетските корисници и воведување интегриран информациски систем за управување со финансии и интегриран даночен информациски систем.
Потврда за тоа дека фокусот ќе биде на капиталните инвестиции е и кратењето на тековните расходи до ниво од 86 % од вкупните расходи.
Со предлог-буџетот тековните расходи се намалени 4,3 милијарди денари во однос на 2021 година или 2 % пониски, односно на ниво од 234,6 милијарди денари. Притоа кај расходите за стоки и услуги, кои се проектирани на ниво од 20,6 милијарди денари, има намалување од 6 % или 1,3 милијарда денари, а како резултат на фискалната консолидација и сведување на минимум на оперативните трошења преку буџетот.
Министерот порача дека граѓаните може да бидат сигурни дека во буџетот за 2022 година има ликвидност и дека ќе има редовна исплата на плати, пензии и социјални надоместоци.
Останува определбата за оптимизација на администрацијата преку контрола на новите вработувања, како и подобрување на квалитетот на живот на вработените и зголемување на мотивот за професионално, квалитетно и целосно исполнување на работните задачи.
Социјалните трансфери се проектирани во износ од 124,5 милијарди денари, при што за исплата на пензии наменети се 64,4 милијарди денари, за исплата на надоместоци за социјална заштита на најранливите слоеви 11 милијарди денари, за исплата на паричен надоместок во случај на невработеност 1,4 милијарда денари, како и за активни политики и мерки за вработување од 1,8 милијарда денари.
Продолжува поддршката на земјоделскиот сектор преку исплата на субвенции и средства од ИПАРД-програмата, потоа поддршката на приватниот сектор, активните политики и мерки за вработување, а повеќе пари ќе имаат и општините преку реформата за унапредување на фискалната децентрализација.
Во 2022 година се очекува забрзан раст, кој е проектиран на 4,6 %, при зголемување на бруто-инвестициите за 8,5 % на реална основа. Финалната потрошувачка е проектирана да се зголеми за 3,1 %, извозот за 8,3 %, а се очекува и раст на бројот на вработени за 3,1 %.
Исто така, се очекува стабилизација и на стапката на инфлација, која е проектирана на 2,4 % во 2022 година, при што ценовните притисоци како резултат на неизвесноста поврзана со цените на енергијата и на дел од примарните производи на светските берзи се очекува да се релаксираат од вториот квартал од годината.
„Во 2022 година остануваме посветени на остварување на приоритетите за забрзан економски раст, со посебен фокус на здравството, фискална консолидација, на тековните реформи, судство и евроитнеграцијата, зелената агенда, дигитализацијата, иновациите и технолошкиот развој, развојот на човечки капитал, инвестициите во физичката инфраструктура, социјалната кохезија, зајакнувањето на институционалните капацитети“, истакна Бесими.
Буџетот е стратешки документ во кој Владата финансиски ги пресликува приоритетите во контекст на остварување на програмата во интерес на граѓаните. Поткрепа на остварување на овие цели се и донесените стратешки документи со среднорочна рамка од 2022 до 2026 година, на кои се базира конципирирањето и планирањето на овој буџет. Тие се фискалната стратегија, стратегијата за јавен долг, планот за фискална одржливост и економски раст, планот за забрзан економски раст, планот за јавни инвестиции, програмата за економски реформи и др. Во насока на инклузивно креирање на политиките ги вградивме и препораките за политиките и реформите од меѓународните и националните конференции, како и дебатите и настаните на Skopje Economic Finance Forum (SEFF).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Заврши времето на матни тендери во енергетиката, СДС да се помири дека државата оди напред

ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на прес-конференцијата на Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.
„Заврши времето на матни тендери во енергетиката, СДС да се помири дека државата оди напред.
Ветерниот парк во Штип, Карбинци и Радовиш е најголема енергетска инвестиција од осамостојувањето до денес. 500 милиони долари ќе влезат во државата, а СДД наместо да се радува лее солзи.
Многу скоро од денес, Македонија од увозник на струја, ќе стане извозник.
Владата ја обезбедува енергетската сигурност на државата.
Иднината во Македонија ќе биде сигурна, сите ќе живееме во држава која ги има сите придобивки на 21-от век. А, СДС слободно може да останат со реториката во минатиот век, народот тоа го гледа и ќе ги избрише на следните избори“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
(Видео) Илиевски: Има ли „Алказар Енерџи“одобрение за градба или не, каков е бизнис интересот на Божиновска и Мицкоски?

Владата на ВМРO-ДПМНЕ прави класична распродажба на националните ресурси од македонската енергетика, кажа денеска на прес-конференција, Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.
„Иако Владата го претставува ветерниот парк на „Алказар“ како историска инвестиција – фактите говорат нешто сосема поинаку. Моделот на „Алказар Енерџи“ е јасен: развиј, изгради и продади. Токму тоа се случи со нивниот прв фонд – проектите развиени на Блискиот Исток беа продадени 100% на кинески државен конзорциум“, вели Илиевски.
Според него, „прашањето не е дали ветерниот парк ќе биде продаден, туку кога и на кого“.
„Кој е вистинскиот бизнис интерес на Мицкоски? Дали тука се вклучени и контроверзни имиња од регионот, добро познати од трговијата со струја? Дали со нив соработувал тандемот Мицкоски – Божиновска? Пред една година од ВМОР-ДПМНЕ тврдеа дека паркот ќе обезбеди струја за 100.000 граѓани. Сега Мицкоски смени лента, од собраниска говорница најавува дека странска компанија ќе ја откупува струјата. Па, кого навистина ќе снабдува овој проект – народот или приватниот купувач? Зошто бизнис модел кој се темели на продажба се претставува како долгорочно стратешко партнерство?“ истакна меѓудругото потпретседателот на СДСМ, Илиевски.
На прес-конференцијата регираше ВМРО-ДПМНЕ.
„Заврши времето на матни тендери во енергетиката, СДС да се помири дека државата оди напред. Ветерниот парк во Штип, Карбинци и Радовиш е најголема енергетска инвестиција од осамостојувањето до денес. 500 милиони долари ќе влезат во државата, а СДД наместо да се радува лее солзи. Многу скоро од денес, Македонија од увозник на струја, ќе стане извозник. Владата ја обезбедува енергетската сигурност на државата. Иднината во Македонија ќе биде сигурна, сите ќе живееме во држава која ги има сите придобивки на 21-от век. А, СДС слободно може да останат со реториката во минатиот век, народот тоа го гледа и ќе ги избрише на следните избори“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
„Најголемиот пораз од 1515 година“ – високите царини од САД за Швајцарија ќе остават без работа илјадници луѓе

Иако швајцарската претседателка Карин Келер-Сатер го напушти мајскиот состанок со американскиот министер за трговија Скот Бесант со насмевка, уверена дека постигнала договор за воведување царина од 10 проценти наместо најавените 31, Вашингтон сепак воведе многу повисока царина за Женева, дури 39 проценти. Оваа царинска стапка ја рангира Швајцарија на четврто место во светот по нивото на американските царини, веднаш зад Сирија, Лаос и Мјанмар.
Непосредно пред 1 август, крајниот рок за завршување на трговските преговори со САД, претседателката се обиде да го спречи овој исход преку директен разговор со Трамп, но без успех.
Швајцарскиот весник „Блик“ ја нарече оваа царинска мерка „најголемиот швајцарски пораз од Битката кај Марињано во 1515 година“. Мислењата во земјата се поделени, додека некои веруваат дека Швајцарија била премногу строга во преговорите, додека други ја критикуваат дека е премногу попустлива. Третите, од друга страна, ладнокрвно наведуваат дека Швајцарија е едноставно премногу мала за да го склучи големиот договор со Трамп на кој се надеваше.
Новиот трговски поредок што го воведуваат САД, според Би-Би-Си, никому не му носи добри вести.
Американскиот претседател со години се обидува да ги корегира трговските дефицити што САД ги имаат со одредени земји преку царини, иако повеќето економисти не се согласуваат со ова. Тој верува дека царините ги штитат домашните производители и работните места, особено во секторите кои со децении се соочуваат со жестока странска конкуренција.
Трговскиот дефицит на САД со Швајцарија изнесуваше 47,4 милијарди долари во 2024 година. Кога ќе се вклучат услугите, тој се намалува на 22 милијарди. Швајцарија најмногу извезува фармацевтски производи, златен накит, часовници и машински алати во САД.
Во обид да се намали нерамнотежата, швајцарската влада ги укина царините за американските индустриски производи, додека големи компании најавија повеќемилионски инвестиции во производствени капацитети во Соединетите Американски Држави.
Денес, Швајцарија е шестиот најголем странски инвеститор во САД, а нејзините компании директно вработуваат околу 400.000 луѓе во таа земја.
Швајцарските фирми сега предупредуваат дека десетици илјади работни места би можеле да бидат изгубени ако царината од 39 проценти остане во сила, откако ќе се примени на 7 август.
Би-Би-Си наведува дека Женева има многу малку простор за контрамерки и веќе им понудила на САД речиси сè што има.
Единствената преостаната опција би можела да предизвика сериозна трговска војна: повлекување на најавените инвестиции, воведување реципрочни царини и откажување на нарачките за американски борбени авиони.
Карин Келер-Сатер испрати јасна порака во петокот: одговорноста за трговската криза е кај – Доналд Трамп.