Македонија
Партнерите не нè разбраа за историскиот спор, па сега акцентот го ставивме на човековите права, вели Ташев од Бугарската академија на науките
Во оваа форма Мешовитата историска комисија е излишна и јас лично не ја гледам смислата на нејзиното постоење или продолжување на активностите во овој формат. Ова за „Њуз.бг“ го изјави Спас Ташев од Институтот за население и хумани студии при Бугарската академија на науките (БАН), по повод работата на Заедничката бугарско-македонска комисија за историски и образовни прашања, македонските Бугари и евро-атлантскиот излез на Македонија.
Тој експлицитно појасни дека не предлага распуштање на комисијата, туку да се преиспитаат нејзините активности и да се фокусира на промовирање на неспорните факти, кои се прифатени од Бугарија и Северна Македонија во општите публикации. Според него, може да се заклучи дека комисијата не дава резултати, а причина за тоа е, како што вели, непромислената идеја за нејзино формирање.
„Ако треба да го погледнеме постоењето на спорните прашања, такви имало меѓу Грција и С Македонија. Грција не дозволи ништо да пропушти на оваа тема, а Бугарија зазеде поинаков пристап, сметајќи дека за сите спорни прашања треба да се разговара билатерално и врз основа на дискусии да се најде заедничко решение“, рече Ташев.
Тој посочи дека дискусиите во комисијата биле непродуктивни и не се водат записници од состаноците. Што и да се истакне, но и какви одлуки да се донесат, тоа не се почитува од скопската страна и генерално се враќаме на нашата почетна точка, рече Ташев.
Тој е на став дека доколку дебатите во комисијата привремено се замрзнат и двете страни почнат со архивски активности со објавување на документи за спорните историски личности – тоа веќе ќе биде основа за дебата. Ташев истакна дека е многу тешко да се одговори дали може да се решат спорните прашања околу Гоце Делчев, Цар Самоил и браќата Миладиновци. Денешните македонски историчари, кои се школуваа во поранешна Југославија, вели Ташев, многу тешко ќе се откажат од своите позиции врз основа на кои ги добија научните и академските дипломи.
Според него, нема желба од страна на научниците и историчарите на Северна Македонија да променат некоја нивна акција.
Ташев истакна дека генерално Бугарија е влезена во нова фаза во својата политика кон Македонија.
„Досега акцентот во нашата политика беше ставен на историјата и не обрнувавме многу внимание на сегашноста. Поради оваа причина, бугарските аргументи не беа разбрани од европските и американските партнери. Претседателот Румен Радев прв го постави прашањето дека треба да се смени акцентот и тој да се стави на човековите права. Шефот на државата го постави прашањето за тоа што Бугарите во Република Македонија се маргинализирани, прогонувани и нерамноправни“, вели Ташев.
Ташев повика во никој случај да не се користи зборот „бугарско малцинство“, тврдејќи дека во последниот официјален попис на Отоманската Империја во 1912 година, Бугарите на сегашната територија на Северна Македонија не се малцинство, туку 54 проценти, односно мнозинство.
Тој посочи дека формулата „ делот на бугарскиот народ што живее на територијата на Северна Македонија“ е подеднакво прифатлива и за Софија и за Скопје, никого не навредува и е добра основа врз која би се граделе билатералните односи.
Ташев смета дека доколку Бугарија ги презентира тезите и фактите какви што се пред нивните европски партнери, тогаш ќе бидат сведоци на притисок, но тоа нема да биде притисок врз Софија, туку врз Скопје за, како што вели, говор на омраза и расчистување на историјата.
„Ако тоа се случи меѓу РСМ и Бугарија, тогаш ќе видиме процес на брза демократизација на Скопје . Тогаш ќе се отвори патот на РСМ кон Европската Унија“, изјави доц.Ташев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода делови од скопски Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( вторник ) -поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.(општина Карпош)
Македонија
ДИК–ИФЕС: фокусирана соработка за клучните стратешки приоритети на Комисијата
Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) одржаа работен состанок со претставници на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), на кој беше потврдена подготвеноста за продолжување и продлабочување на соработката во рамки на програмата „Поддршка на изборите во Северна Македонија“.
Од страна на директорката на Канцеларијата во Република Северна Македонија, Јоана Косма, беше истакнато дека соработката со ДИК преку проектот на Владата на Швајцарија, „Програма за поддршка на изборите во Северна Македонија“, досега резултирала со конкретни и мерливи постигнувања, особено во делот на развојот на ИТ-решенија, јакнењето на институционалните капацитети, унапредувањето на изборните процеси и зголемена доверба на граѓаните во истите.
Претседателот на Државната изборна комисија, Бојан Маричиќ, нагласи дека во текот на неговиот мандат приоритет ќе бидат зајакнувањето на кредибилитетот и видливоста на Комисијата, како и нејзината отвореност кон граѓаните. Во таа насока, тој рече дека новиот состав на Комисијата ќе продолжи со реформските процеси со јасно дефиниран фокус на клучните стратешки приоритети, меѓу кои потенцирана беше потребата од ставање во функција на Центарот за континуирана обука на ДИК. Маричиќ укажа дека Центарот за обуки веќе има воспоставена законска основа и дека во следниот период, во соработка со ИФЕС, ќе се вложат напори за негово целосно оперативно функционирање, вклучително и обезбедување соодветен кадар.
Во рамки на дискусијата, потпретседателот на ДИК, Абдуш Демири, се осврна на значењето на човечките ресурси и континуираната едукација како клучен елемент за одржливост на реформите. На состанокот членовите на Комисијата, кои и во претходниот состав учествувале во работата на ДИК, ги посочи ја досегашните искуства од соработката со ИФЕС, нагласувајќи ја важноста од надградување на постигнатите резултати и обезбедување континуитет во реформските процеси.
На состанокот беше заеднички констатирано дека партнерството меѓу ДИК и ИФЕС останува стратешко и во наредниот период, со цел унапредување на изборните процеси и зајакнување на довербата на граѓаните во изборниот систем.
Македонија
Божиновска: Со вакво темпо, за родова еднаквост ќе ни требаат уште 57 години, жените во енергетиката ни се потребни денес за посилен и поиновативен сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на настан организиран во рамки на проектот ELeVATE (2025–2028), посветен на охрабрување и поддршка на девојки и жени за развој на кариера во секторите на нето-нула технологии, паметни енергетски системи и зелена транзиција.
Во своето обраќање, министерката истакна дека енергетската транзиција не е само технолошки процес, туку и длабока трансформација на работната сила, во која жените мора да имаат еднаква и видлива улога.
„Жените во енергетиката сè уште се недоволно застапени. Тоа не значи дека недостасуваат знаење и амбиција, туку дека постои неискористен потенцијал кој државата и општеството не смеат да го игнорираат. Индексот за родова еднаквост во 2022 година изнесувал 64,5 поени од можни 100, што претставува зголемување од само 2,5 поени од 2019 година. Со вакво темпо, би биле потребни приближно 57 години за да се постигне родова еднаквост во сите области. Ова ја нагласува итноста: не можеме да чекаме со децении за да создадеме еднакви можности. Повеќе жени во секторот е бенефит за сите. Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА) дојде до податоци дека организациите со повеќе жени на лидерските позиции во енергетиката покажуваат 20 проценти повисоки перформанси и иновации. Светскиот Економски Форум објави дека тимовите кои вклучуваат различни полови се попрофитабилни, покреативни и поотпорни во кризни ситуации. Кога на жените ќе им се даде моќ, целиот сектор и општеството има придобивки “, порача Божиновска.
Таа нагласи дека интересот за наука и технологија кај девојките постои уште од рана возраст, но често се губи поради стереотипи, недостиг од поддршка и ограничен пристап до практични можности. Затоа, како што истакна, неопходно е создавање јасна и континуирана патека – од образование, преку практична обука, до вработување и напредување.
„Oвие бариери не се непремостливи.Ги надминуваме преку партнерства, преку вакви проекти, преку отворен дијалог и преку конкретни програми кои ги приближуваат младите жени до реалниот сектор.“ нагласи Божиновска.
Министерката ги посочи и стратешките приоритети на државата за периодот 2026–2030, меѓу кои забрзан развој на обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност на објектите и дигитализација на електроенергетската инфраструктура, процеси кои директно ќе го обликуваат пазарот на труд и побарувачката за нови профили и вештини.
„Технологиите со нето-нула емисии ќе бараат експерти за обновливи извори, специјалисти за паметни згради и автоматизација, дигитални инженери, менаџери за енергетска ефикасност и професионалци за паметни мрежи. Нашата задача е што повеќе жени да бидат дел од оваа нова економија“, истакна Божиновска.
Таа потенцираше дека Министерството за енергетика е цврсто посветено на поддршка на девојките и жените во STEM и енергетските сектори, преку практични обуки, партнерства со компании, менторски мрежи и програми што ги поврзуваат образованието и реалниот сектор.
Проектот ELeVATE, кој ги поврзува образовните институции, компаниите, јавниот сектор и локалните власти, беше посочен како пример за конкретен и применлив модел што ги надминува бариерите и создава реални можности за жените во зелените технологии.
„Енергетската транзиција ќе биде успешна само ако е инклузивна – ако ги вклучи жените, ако создаде еднакви можности и ако ги поврзе образованието, бизнисот и институциите“, порача Божиновска.

