Македонија
Од денеска почна пријавувањето за вакцинација против сезонскиот грип
Министерството за здравство соопшти дека и оваа година набавиле 40.000 дози четиритипни вакцини против сезонскиот грип за следните ризични групи:
– стари лица (над 65 години)
– лица со хронични заболувања
– здравствени работници
– бремени жени
– деца на возраст од 6 месеци до 5 години
„Веќе трета година по ред вакцината за овие групи граѓани е бесплатна. Поради зголемената побарувачка на вакцини против грип на глобално ниво, се прават напори количините на вакцини да пристигнат во што побрз рок. Нагласуваме дека не е доцна граѓаните да се вакцинираат против грип во ноември или декември бидејќи во согласност со епидемиолошките податоци, оваа болест во последните десетина сезони го достигнува пикот кон крајот на февруари“, велат од Министерството за здравство.
Пријавувањето за вакцинација против сезонскиот грип ќе почне од денеска преку страницата vakcinacija.mk. Со пополнување на формата се регистрирате за вакцинација директно во системот „Мој термин“.
„Во согласност со распоредот предвиден во планот за вакцинација, по пат на СМС ќе добиете информација за точниот датум и час кога треба да се вакцинирате на пунктот што ќе го изберете при регистрацијата“, додаваат од Министерството.
Како што се наведува, вакциницијата против грип не штити од Ковид-19, но таа е многу значајна во услови на пандемија на Ковид-19 и влијанието на здравствениот систем.
Се предупредува дека во состојба на олабавување на рестриктивните мерки кога се враќаат социјалните контакти и патувањата, се зголемува ризикот од коциркулација на Ковид-19 и грип. Со тоа може да се очекува оптоварувањето од сезонскиот грип да биде надополнето со оптоварувањето од Ковид-19. Ризичните групи за грип се истите тие што се под најголем ризик и од Ковид-19 поради што се препорачува нивна вакцинација против грип. На тој начин ќе се избегне и дополнително оптоварување на здравствениот систем бидејќи лицата заболени од грип би се хоспитализирале во ковид-центрите, појаснуваат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворен почесен конзулат на Австрија во Битола
Денеска во Битола беше отворен конзулатот на Австрија, а функцијата почесен конзул ќе ја врши битолчанецот Игор Божиновски. Конзулатот на Австрија се наоѓа на улицата „Виенска“.
На свеченоста која се одржа се обрати австрискиот амбасадор Мартин Памер, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, конзулот Игор Божиновски и градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Градоначалникот Коњановски пред присутните ја истакна важноста на отворањето на уште еден конзулат во Битола, а со тоа и интензивирање на соработката со Австрија.
„Битола од денеска е побогата за уште еден конзулат, сега од пријателската држава Австрија, со што го враќаме епитетот Битола конзулски град“, истакна Коњановски пред присутните гости, дипломатскиот кор, пратеници и други гости.
Со ова Битола има седум почесни и два генерални конзулати.
Македонија
Николоски и Мисајловски во посета на Република Унгарија
Владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт и министерот за одбрана, Александар Николоски и Владо Мисајловски, денеска се во работна посета на Унгарија.
За време на посетата министрите Мисајловски и Николоски остварија средби со главниот советник за национална безбедност, Марцел Биро и со Мате Лога, државен советник во Министерството за национална економија, за економски развој и национални финансиски сервиси.
Денешната работна посета е во насока на зајакнување на меѓусебната севкупна соработка меѓу двете земји особено на полето на одбрана и безбедноста и на економските врски.
Во рамки на денешната посета, како дел од македонската делегација, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски оствари средба со својот унгарски колега генерал Габор Боронди, а државниот секретар во министерството за одбрана Елизабета Чуповска Ристова оствари средба со заменик-министерот за одбрана, Тамаш Варга.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.

