Економија
Aventure Peugeot во салонот Epoqu’auto во Лион

Aventure PEUGEOT ќе учествува на 42. издание на Epoqu’Auto во Лион од 5 до 7 ноември 2021. Овој настан е посветен на сите винтиџ-ентуазијасти и љубители на олдтајмери.
За 211. роденден на брендот Peugeot, на овој настан Aventure PEUGEOT има можност да прослави две годишнини:
130 ГОДИНИ ОД PEUGEOT TYPE 3
Ова беше „првиот автомобил испорачан во Франција на приватно лице. На 2 октомври 1891 година PEUGEOT го предаде првиот патнички автомобил на приватно лице: г-дин Пупардин, жител на Дорнах, кој го нарачал својот автомобил на 27 август истата година. Тоа беше автомобил со 4 седишта со мотор од 2 КС (Daimler).
По пробното возење во 1889 година со возило на пареа, Арманд Пежо го произведе својот прв автомобил на бензин во 1890 година, познат како Тип 2.
Во 1891 година, за да го претстави својот нов модел, Vis-à-Vis Type 3 со 4 седишта, тој имал идеја да ја следи велосипедската трка Париз-Брест-Париз, со цел да оствари поголем интерес за време на настанот. Од Валентиње до Париз и Брест и назад, возилото поминало 2.045 km со просечна брзина од 14,7 km/h и илјадници Французи првпат го погледнале автомобилот.
Овој модел е произведен од 1891 до 1894 година во 64 примероци. Технички карактеристики: V2 мотор од 565 cm3, моќност 2 КС, 4-брзински менувач.
Од 1891 година, речиси 75 милиони возила се испорачани во 160 земји.
80 ГОДИНИ ОД PEUGEOT LCV (Градско Возило од лесна категорија)
За време на Втората светска војна, рационалното трошење на бензинот ги поттикна производителите да бараат алтернативни извори на енергија. Peugeot беше единствениот голем производител кој се интересираше за овој начин на погон и предизвика изненадување со објавувањето на своето електрично „LCV“ на 1 мај 1941 година. Возилото наменето за урбана употреба се користело поконкретно од поштари или луѓе од медицинската професија. 377 примероци беа произведени помеѓу 1941 и 1943 година.
Технички карактеристики: електричен мотор, 3,3 КС, напојуван од 4 батерии од 12 волти, опсег од 75 до 80km. Максимална брзина: 36 km/h.
Светот многу се промени во овие 211 години, а темпото на промени значително се забрза во последните десет години. Дигитализацијата и ултра-поврзувањето го отворија патот кон нови начини на размислување, нови типови на потрошувачка и нови видови на мобилност. Со својата веќе високо електрифицирана палета (70% од моделите на PEUGEOT нудат една или повеќе електрифицирани верзии) и новата генерација на поврзана инфозабава лансирана со новиот 308, PEUGEOT и денес е во првите редови на промените во однос на мобилноста.
Љубителите на олд тајмерите ќе можат да ги откријат различните услуги што се нудат со Aventure PEUGEOT: одржување, реставрација, маркетинг на резервни делови и продажба на деривативни производи (минијатури, облека, итн.).
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.