Македонија
ДУИ го овласти Ахмети да преговара со сите политички партии, освен со тие што се против ЕУ и НАТО

Централниот одбор на ДУИ го овласти партискиот претседател, Али Ахмети, да преговара со сите политички партии од двата блока, освен со тие што се против евроатлантскиот курс.
Состанокот на највисокиот орган во партијата се случува по најавената оставка на премиерот Зоран Заев и мнозинството кое го објави опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски за изгласување недоверба на Владата.
„Едногласно Централниот одбор го овласти претседателот Ахмети да продолжи да разговара со сите политички партии, како важен и одлучувачки фактор по парламентарните и локалните избори, а со цел да се задржи прогресивниот пат и евроатланскиот курс на државата. Овластувањето се однесува на разговори со политичките партии со двата блока, освен оние кои директно се против евроатланскиот курс и против стратешките интереси на граѓаните и на државата. Со тоа овластување кое го има од Централниот одбор, Ахмети продолжува да разговара со претставниците на другите партии со цел да се одржи политичката стабилност“, изјави портпаролот на ДУИ, Бујар Османи по завршувањето на состанокот во Тетово.
Како што додаде, целта на преговорите е државата да оди напред, на патот кон реформите и во блиска консулатација со стратешките партнери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Работно време на службите за издавање лични документи за Велигденските празници

Министерството за внатрешни работи информира дека утре (18.04.) сите Отсеци за управни работи при Одделот за управни работи на МВР, освен Одделението во Скопје ќе работат во периодот од 08.00 до 16.00 часот.
Одделението за управни работи Скопје, пак, односно неговите организациони единици утре (18.04) ќе работат со следниот временски распоред:
Пункт Пролет – двосменски од 07.30 до 19.30 часот;
Пункт МТВ – двосменски од 07.30 до 19.30 часот, а со истиот распоред ќе работат и пунктовите во Беко и во Ѓорче Петров;
Пунктовите Драчево и Бутел ќе работат во една смена во периодот од 10.00 до 18.00 часот.
МВР известува дека фотографирањето за лични документи ќе се врши без закажување на термин, а издавањето на документите ќе се одвива тековно.
Задутре, пак, (сабота 19.04.) ќе работат само шалтерите за издавање на лични документи во МТВ и Беко од 08.00 до 16.00 часот.
Македонија
(Видео) Кузеска 30 дена по трагедијата во Кочани: Зошто се штитат актуелните полициски функционери, министре Тошковски, нели имате малку совест?

„Поминаа триесет дена од трагедијата во Кочани, во која го загубија животот 61 лице, а уште 200 беа тешко повредени. По 30 дена, повеќе од јасно е дека истрагата за овој настан се води селективно и во сосема погрешен правец. Ова не е случајно или поради незнаење, туку намерно — со цел да се заштитат актуелни функционери, службеници и началници што морале да постапат кобната ноќ, но тоа не го сториле“, рече Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„До овој момент се води истрага, замислете, против дури 59 лица, од кои само двајца се актуелни функционери, а само еден е началник кој бил во оставка.
Замислете, по девет месеци на централна власт и речиси четири години локална власт на ВМРО-ДПМНЕ, никој од нивните не е одговорен, а одговорни се сите службеници и функционери до 2022 година. Кај сите осомничени се водат постапки за периодот од 2012 до 2022 година. Но, што е со одговорноста на оние што на денот на пожарот — 16 март 2025 година — биле на високи полициски функции, но и во други институции?
Во изминатите 30 дена, сите правници и експерти за безбедност потврдија дека актуелните раководства на полицијата, ДПИ и низа други институции имале директна одговорност за овој настан.
Дури седум началници, командири и заменик-командири од полицијата, кои според законот вечерта биле должни да го превенираат пожарот и да го обезбедат настанот, не го сториле тоа!
Прашуваме: како е можно, и по која правна логика, никој од нив не е одговорен за настан што се случил за време на нивната смена, а виновни се само претходните?
Како не се најде ниту еден осомничен од актуелните началници и службеници на МВР во Кочани и Штип, кои биле директно одговорни за безбедноста кобната ноќ?
Зошто, на пример, началничката на ОВР Кочани, Марија Цветковска Маневска, не е меѓу опфатените со истрагата?
Зошто началникот на крим-полицијата во Кочани, Томо Донев, не е меѓу приведените? Како е можно ниту началникот на СВР Штип, ниту началникот на крим-полицијата во Штип, исто така да не се опфатени со истрагата? Законските надлежности на полицијата во Кочани и Штип се директно поврзани со безбедносните пропусти таа вечер и непосредно пред трагичниот настан.
Да постапеле, дискотеката ќе била затворена навреме — пред да се случи трагедијата. Со едно законско постапување можело многу да се промени. Најважно, можеле да се спасат животи.
Дали овие луѓе се под политичка заштита на Панче Тошковски и ДПМНЕ? Директно го прашуваме Тошковски — зар ќе дозволите покрај целата болка на семејствата, на крајот да добијат и селективна правда?
Министре Тошковски, нели имате малку совест? Вие вршите политички терор и прогон само за да ги заштитите оние што вие сте ги именувале и поставиле.
СДСМ беше конструктивна цели 30 дена, оставајќи простор на истрагата, но сега е јасно — оваа истрага е сè, само не правна постапка. Вашата цел не е ништо друго освен создавање целосно лажна слика за тоа кој е одговорен и насочување на истрагата кон минатото. Ова го правите од првиот ден.
СДСМ бара и ќе продолжи да бара целосна одговорност, во која никој нема да биде изземен или поштеден. Од првиот ден повикуваме на таква истрага и искрено верувавме дека ќе се случи. Наместо тоа, вие решивте да дотурате сол на раната — на болката на семејствата и на граѓаните — водејќи селективна истрага“, изјави Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
Македонија
Нелегална градба во Козле – наместо потпокрив, си граделе станови

Инспектори во Козле открија нелегална градба. Станарите добиле одобрение зза градба за кос покрив, но наместо тоа почнале со градба на четири нови стана.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, им порача на граѓаните да не влегуваат во вакви авантури затоа што инспекторите се на терен, а вложените пари ќе завршат во ветер.
„Денес, заедно со градежниот инспектор и раководителот на Инспекторатот, излеговме на терен – улица Козле бр.17. Извршивме увид на настрешница поставена на зграда со рамна плоча. Иако дел од станарите добиле одобрение за кос покрив поради наводно течење, утврдивме дека изведбата НЕ е согласно одобрениот проект! Просторот е поделен на 4 дела – со подготовки за кујни и тоалети – што јасно укажува на обид да се направат уште 4 нови станови, и незаконски да се добие уште еден кат во објектот!“, објави Јакимовски на „Фејсбук“.
Тој информира дека изготвен е записник, а ќе следи и решение за уривање, или обврска граѓаните сами да ја отстранат оваа дивоградба.
„Ги повикувам граѓаните: НЕ влегувајте во вакви авантури! Ни малку не ме радува кога ќе слушнам дека некој потрошил десетици илјади евра, а притоа го прекршил законот – тие пари ќе завршат во ветер! Проектите мора да се изведуваат СТРОГО според одобрението за градба! Законите важат за сите!“, напиша Јакимовски.
Тој најави дека Општината продолжува со инспекциите, а следна на ред е зградата на улица „Никола Парапунов“ и гаражниот простор таму.