Македонија
Од 15 ноември задолжително поседување зимска опрема

Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека во периодот од 15 ноември до 15 март задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема во согласност со одредбите утврдени во Правилникот за задолжителна опрема на возилото, велосипедот и запрежното возило за безбедно учество во сообраќајот на патиштата, како и на трактори за безбедно извршување земјоделски, односно шумски работи („Службен весник“ бр. 31 од 2010 година).
Во согласност со Правилникот, како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса што не надминува 3.500 кг се подразбира:
– зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од четири милиметри;
– пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина од најмалку 4 мм ако возилото во приборот поседува синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Како зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4 x 4) се подразбира:
– зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм;
– пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина од најмалку 4 мм ако возилото во приборот поседува синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната оска, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената оска.
Како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса што надминува 3.500 кг се подразбира:
– зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм;
– пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина со минимум 4 мм ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала;
– автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не може да постават синџири за снег на погонските тркала, треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.
Зимски пневматици се оние пневматици што на својата бочна страна имаат ознака MS, M+S, M & S и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
Во согласност со важечкиот Правилник за задолжителна опрема на возилата, во патниот сообраќај на возилата е забрането поставување пневматици со клинци.
Апелираме до граѓаните да се придржуваат кон законската обврска за поседување зимска опрема бидејќи така овозможуваме непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во зимски услови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива непречено, по влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Отворени избирачките места, право на глас имаат 1,83 милиони граѓани

Во 7 часот денеска започна гласањето на осмите Локални избори од осамостојувањето на државата.
На Локалните избори 2025 во Северна Македонија право на глас имаат 1.832.415 граѓани.
Меѓу вкупниот број државјани со право на глас се и 112 илјади запишани во посебниот Избирачки список со лица во странство, како и 2.162 лица во затвор односно притвор и 450 гласачи од домовите за стари лица.
Локалните избори се одржуваат во сите 80 општини во државата и во Град Скопје.
Се гласа на 3.474 избирачки места.
На Локалните избори 2025 има вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети со вкупно 10 490 кандидати.
Македонија
Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“

Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“ по дождливо време и според вообичаената маршрута, но без давање официјална изјава од нив, што досега беше начин на комуникацијата на родителите на починатите со јавноста.
Преку испишаните пораки на транспарентите, тие и денеска за трагедијата во „Пулс“ ги обвинија институциите, од кои бараат правда и праведно судење. Десетина минути беше блокиран сообраќајот на улицата „Стево Теодосиевски“, кај двојниот мост на Кочанска Река.
Маршот за нивните ангели родителите го почнаа од „Паркот на Револуцијата“, од каде се упатија кон Трговскиот центар. Марширањето продолжи кон Основниот суд со кратки запирања пред зградата на УЈП и Полициската станица.
27. „Марш за ангелите“ во Кочани денеска заврши каде и што почна – во „Паркот на Револуцијата“.