Вести
Канадската полиција спречила масaкр на мол, уапсени тројца

Канадската полиција уапсила три лица коишто подготвувале напад на 14-ти февруари, на празникот свети Валентин или Денот на вљубените во католичкиот свет, а се известува за уште тројца осомничени од кое еден бил откриен мртов во својот дом при претрес на полицијата.
Приведени се 19-годишен канадски државјанин и 23-годишна жена од американската сојузна држава Илиноис, кои имале намера да отворат оган врз маса луѓе кои се собирале во центарот на Халифакс, а потоа да се самоубијат. Подоцна во врска со истиот случај бил уапсено и 17-годишно момче, исто така од покраината Нова Шкотска, пренесува AFP..
Уапсената американска државјанка го признала заговорот. Таа имала претходно напишани неколку пораки, кои требало да бидат објавени на социјалната мрежа Twitter по нејзината смрт, потврдиле полициски извори.
Во соопштението на безбедносните служби на Канада се истакнува дека покрај уапсените три лица, четвртиот осомничен, 19-годишно момче било пронајдено мртво од нејасни околности во неговиот дом, кога полицијата дошла да ги уапси.
Се наведува и дека напаѓачите планирале на 14-ти февруари „да заминат на место со голема концентрација на луѓе во Халифакс, неселективно да отворат оган врз цивилите и пота да извршат самоубиство“, пренесува Reuters. Се истакнува и дека американската државјанка од Илиноис и Канаѓанецот од Тимберлеј „имале достап до оружје“. „Сакаме граѓаните да знаат дека ние бевме во тек, дејствувавме оперативно и ја спречувме опасност“, се наведува во соопштението на профилот на Кралската канадска коњичка полиција на Faccebook.
Засега не се објавуваат поединости од операцијата. Канадските медиуми, меѓутоа, забележуваат дека напаѓачите не биле поврзани со некоја од познатите исламистички групации кои постојано испраќаат закани за безбедноста на западните земји. Во моментот се појаснуваат мотивите за заговорот. Се смета, исто така, дека сите коишто биле вклучени во планирањето на нападот од претходно ѝ биле познати на канадската полиција и во моментов нема потраги по други лица.
Канадското министерство за безбедност ја поздрави брзата реакција на службите и спречувањето на масовно убиство.
Канада е на штрек поради нападите коишто се случија кон крајот на минатата година. Во октомври 2014 година во воениот меморијален центар во Отава, 32-годишниот канадски државјанин Мишел Зихаф Бибо, застрела од автоматска пушка припадник на почесната гарда, а потоа влезе во блиската зграда на парламентот каде што беше убиен. Властите објавија дека тој имал „политички и идеолошки мотиви“ за нападот, како и дека сакал да замине за Либија да го изучува исламот и арапскиот јазик./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.