Македонија
Ѓуровски: Универзитетите тешко доаѓаат до средства за научни истражувања
Денеска, на Техничкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, по повод Светскиот ден на науката, свечено беше отворена втората факултетска студентска конференција и прва универзитетска студентска конференција „Техниката и урбаниот развој“, на тема „ Технологијата и општествениот развој низ аголот на студентите“.
На конференцијата студентите од факултетските единици при Универзитетот „ Св. Климент Охридски“ – Битола, нивните професори и стручни соработници од производствените капацитети, ќе ги разменат своите знаења, научни истражувања и долгогодишни искуства во решавање на глобалните проблеми во урбаното општество.
„Истражувањето и науката не се високорангирани во приоритетите на државата. Буџетот што се издвојува за истражување и развој, изразен како процент од домашниот бруто-производ (БДП) изнесува под 0,4 %, што е минимален процент во споредба со буџетот што се издвојува во земји со слични карактеристики како нашата, како што е, на пример, Словенија, каде што издвојувањата за таа намена се околу 2,4 %. Да не ги земаме предвид високоразвиените земји кои силно се потпираат на науката и истражувањето во нивниот севкупен развој, кај кои издвојувањата се над 3 % (Израел, Шведска, Финска)“, нагласи во своето обраќање проректорот на УКЛО, Марјан Ѓуровски.
Тој оцени дека универзитетите и факултетите тешко доаѓаат до средства за свои истражувања.
„Универзитетите во нашата држава се главно државни и во согласност со тоа јасно е дека средствата добиени од државата се недоволни за некаква сериозна истражувачка работа. Улогата на државата во истражувањето и науката е јасна и таа е слаба“, кажа Ѓуровски.
Темите високо образование, научноистражувачка работа, техничко-технолошки развој, конечно, треба да станат доминантни и клучни теми во јавната дебата бидејќи тоа е единствената сфера што влијае на сите други сегменти во општеството, смета Ѓуровски. Според него, високото образование во изминатиот период ги преживува сите негативни тенденции во македонското општество зашто постои демотивација кај студентите и професорскиот кадар, сите треба да работиме на надминување на оваа состојба, оцени проректорот Ѓуровски во своето обраќање пред студентите.
На студенстската конференција другите соговорници нагласија дека денес е потребно да се промени перцепцијата за важноста на науката во општеството, што се прави и преку одржувањето вакви конференции, нејзината применливост, да се доближи универзитетот до младите, а младите да се мотивираат да имаат свои проекти, трудови, настапи како оратори, кои преку споделувањето научно-популарни говори ќе ја имплементираат науката во секојдневниот живот, во кој особено место зазема технолошкиот развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопје утрово пак е покриено со магла, денес променливо облачно време со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 2, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно и тивко со појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
До вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег, информира УХМР.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.

