Македонија
Облачно и магловито утро, попладне разведрување
Времето во земјата ќе биде сончево со мала до умерена облачност, претпладне во одделни котлини со појава на магла и значителна ниска облачност.
Утринската температура ќе се движи од -3 до 2, а дневната од 12 до 17 степени. Во Скопје претпладне со појава на магла и ниска облачност, преку денот со умерена облачност.
Утринската температура ќе се спушти до 1, а дневната ќе достигне до 14 степени.
Во следните денови ќе преовладува стабилно време со променлива облачност преку денот, а претпладне во одделни котлини ќе има појава на магла. Утринските температури до недела на повеќе места ќе бидат околу нулата.
В понеделник претежно во западните делови ќе има повремени врнежи од дожд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Граѓаните се оставени да се гушат, власта на Мицкоски покажува дека нема намера ништо да преземе“, велат од СДСМ
„СДСМ остро реагира на неодговорната и штетна одлука на Владата на Мицкоски да ги намали парите наменети за борба против загадувањето и обезбедување чист воздух. Во време кога Скопје но и други наши градови повторно се меѓу најзагадените градови во светот, оваа одлука е негрижа и игнорирање на основните потреби на граѓаните, ова е удар врз здравјето на народот“, велат од СДСМ.
„Според последните мерења во Скопје воздухот има зголемена концентрација на ПМ 2,5 честичките за 16 пати а ПМ10 честичките се со концентрација од 83,9 микрограми.
Воздухот е означен како „нездрав“, што може да предизвика сериозна закана за здравјето на граѓаните.
Во вакви услови крајно штетна за здравјето на народот е одлуката власта да ги намали парите во Буџетот 2025 година за чист воздух за 51% и да ги намали а за животна средина да ги намали за 25%.
Има помалку пари и за енергетиката, парите за гасификација се преполовени а власта во Собранието не прифати досега ниту еден амандман на СДСМ за обезбедување повеќе средства.
Граѓаните се оставени да се гушат, власта на Мицкоски покажува дека нема намера ништо да преземе против загадувањето“, соопшти СДСМ.
Македонија
Претседателот на Уставниот суд се сретна со координаторка на „Тика” во Скопје: соработката да се интензивира во текот на наредната година
Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски и судијата м-р Фатмир Скендер остварија работна средба со претставници од Турската агенција за координација и соработка, предводени од главната координаторка за Скопје, Шејма Бабајигит.
На средбата беше констатирана успешната соработка помеѓу Судот и „Тика” во изминатите години. Претседателот Костадиновски изрази голема благодарност за поддршката што ТИКА во континуитет ја дава на Уставниот суд од аспект на зајакнување на техничките капацитети и опрема за поефикасно работење.
Претседателот ги запозна присутните со тековните проекти кои се во насока на унапредување на дигитализацијата во Судот, по што од страна на координаторката Бабајигит беше истакнат интерес за идна соработка и поддршка на процесот на доопремување на Судот со техничка опрема, со цел зголемување на ефикасноста на работата.
На средбата е договорено соработката да се интензивира во текот на наредната година, за што ќе претстојат повеќе средби за утврдување на конкретните потреби и можности за нивна реализација.
Последната донација од „Тика” за Уставниот суд беше реализирана во февруари оваа година, кога Судот доби техничка опрема составена од компјутери и печатачи за вработените. На оваа соработка претходеше опремување на салата за состаноци и прес конференции во 2020 година, како и обезбедување на техничка опрема во 2013 година.
Македонија
Муцунски на конференцијата „Медитерански дијалог“: Потребно е поблиско вмрежување и интеграција на нашата држава во европските структури што го покриваат медитеранскиот басен
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денес, на покана на својот италијански колега Антонио Тајани, е во работна посета на Рим, Италија, каде учествуваше на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог“ и се обрати на панелот насловен „Нова Европска комисија, стари европски приоритети“.
„Медитерански дијалог“ е годишна конференција на високо ниво за медитеранска геополитика, организирана од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка и ISPI (Италијански институт за меѓународни политички студии). Нејзината цел е да се преиспитаат традиционалните пристапи кон медитеранската област и да се адресираат заедничките предизвици на регионално и меѓународно ниво.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја потенцираше посветеноста на Владата за исполнување на реформската агенда и финализирање на европското досие. Тој нагласи дека е потребно поблиско вмрежување и интеграција на нашата држава во европските структури што го покриваат медитеранскиот басен, како и зголемена интеракција со земјите од Европската Унија. Муцунски, меѓу другото, истакна дека Република Северна Македонија, преку својата традиција на меѓуетнички дијалог, кохезија и мирно решавање на билатерални спорови, придонесува за стабилноста на Југоисточна Европа, промовирајќи европски вредности, добрососедски односи и регионална соработка.
Тој исто така нагласи дека геополитичките реалности, како војната во Украина и ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, ја нагласуваат потребата од колективни решенија кои ги надминуваат индивидуални напори на поединечни држави. Муцунски ја истакна важноста на поврзаноста на Северна Македонија со Европа и поширокиот Медитеран, особено преку Коридорите VIII и X, дел од новиот Европски транспортен коридор за поврзување на Југоисточна и Централна Европа. Дополнително, тој го посочи потенцијалот за обновливи извори на енергија, кој ја позиционира нашата држава како лидер во зелена транзиција во регионот.